1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

За три години повторно ќе зборуваме за Грекзит

Жанг Данхонг/бг10 август 2015

ММФ бара отпишување на долговите за Грција, на што се спротивставува Европа. Она што изгледа како кавга, во суштина е само една дискусија околу техникалии, или ако сакате: празни муабети.

https://p.dw.com/p/1GCgO
Фотографија: picture-alliance/dpa

Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) смета дека нивото на грчкиот долг од речиси 200 проценти од домашниот БДП е неодржливо. Оттука, Фондот ќе и одобри нови средства на Грција, дури откако Европејците ќе се согласат да отпишат поголем дел од долговите на Атина. Дијагнозата од Вашингтон не е погрешна, но некои се изненадени од фактот што ММФ овојпат цврсто се држи до своите правила, а истите не ги почитуваше во 2010 година кога и беше одобрена помош на Грција, иако и тогаш долговите на Атина не беа одржливи. Ролф Лангхамер од Инстутот за светска економија во Кил има објаснување за тоа:

„ММФ е под притисок на различните интереси на неговите членки. Голем број сиромашни или земји во развој сметаат дека со нив се постапувало построго одошто со Грција“.

Она што тој смета дека недостасува во пресметката на ММФ е точен приказ на распределбата на товарот во однос на каматата и отплатата на главнината.
„Една земја е бесконечно долг инвестициски проект. Не се работи за тоа една земја да може да ги отплати своите долгови, туку за тоа да биде во состојба да ги отплаќа секојдневните побарувања на кои се обврзала“, вели Лангхамер.

Мала камата и одложена исплата на главнината

Со други зборови, една земја во основа мора од економскиот раст да ги финансира каматите. Висината на каматата за Атина е во рамките на подносливото. ЕУ и европскиот фонд за спас кредитите и ги даваат со камати од 0,6 до 1,3 проценти, далеку пониско отколку за другите земји во криза. Европската централна банка добива поголема камата, но истите пари и ги враќа на Атина. Само ММФ за неговите кредити бара повисоки камати.

Deutschland Professor Rolf J. Langhammer
Проф. Ролф ЛангхамерФотографија: picture-alliance/ dpa

Кај главнината се работи за тоа, старите кредити да се заменат со нови. Нормалните земји можат да се рефинансираат на пазарите на капитал. Во случајот на Грција, меѓународните кредитори водат сметка за тоа да нема застој во протокот на парите. Притоа, ЕЦБ преку кредитите за санација на банките и одобрува на Грција самата да ги печати парите за главнината. Европејците толку го растегнаа заемот, што отплатата на главнината започнува дури од 2021 година.

Заклучок: Грците им плаќаат минимални камати на европските партнери. За отплата на главнината добиваат многу време. Кредитите од ММФ во висина од 21 милијарди евра се најскапиот и најмалку флексибилниот дел од грчкиот долг. За среќа, тоа е и најмалиот дел од долгот. Кога ММФ бара отпишување на долгот од европска страна, превидува дека тоа ќе има многу мало влијание врз буџетската состојба во Атина.

Нема волја за реформи

Дури ни со отпишување на долгот, нештата не изгледаат добро. „Грција има многу лоша извозна база. Без јасно подобрување на извозната база Грција нема да биде во состојба да ги исполни своите обврски“, вели Лангхамер. Алтернативата на тоа е штедење. Кредиторите го бараа од Атина и едното и другото изминатите години. Грчката влада единствено под притисок ги воведе мерките за штедење, но неопходните реформи ги одложи. Тоа доведе до неуспех на политиката за спас.

Griechenland Referendum Plakat Nein
Референдумот покажа дека ни Владата, ниту граѓаните не поддржуваат реформски процесФотографија: DW/G. Papadimitriou

За разлика од Португалија и Ирска, Грција и по 6 години од избивањето на кризата не е подготвена за темелни промени. Референдумот од почетокот на јули покажа дека „ни Владата, ниту граѓаните не поддржуваат реформски процес“, вели Лангхамер.

Затоа ММФ и ЕУ во моментов водат една широка техничка дискусија во која се расправаат колку ќе донесе отпишувањето на долговите и дали истото ќе го наруши No-Bailout правилото на еврозоната. Суштинскиот проблем е во тоа што Грција нема стопански модел кој ќе генерира раст.

Проблемот одложен за во иднина

Со третиот пакет-помош проблемот само се одложува за во иднина. За очекување е дека ќе се најде компромис меѓу Европа и ММФ. Германија најверојатно ќе му попушти на ММФ со тоа што или дополнително ќе ги намали каматите или уште повеќе ќе ја одложи исплатата на главнината на кредитите. И тоа може да се смета за еден вид отпис на долг, но тој нема да се нарекува така, за да се разлутат гласачите. За три години, кога ќе истече и третиот пакет-помош, повторно ќе се врати несаканиот гостин наречен - Грекзит. И сѐ ќе почне одново. Тоа веќе можете да го забележите и во вашите календари.