1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

За една недела 147 починати од ковид

ДТЗ
8 февруари 2022

Се намалува бројот на заболени меѓу возрасните, но расте бројката на заразени деца и адолесценти. Дваесет лица по третпат се заразиле.

https://p.dw.com/p/46hdI
Nord-Mazedonien Impfzentrum in Skopje
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Минатата недела биле пријавени 147 смртни случаи во 24 градови, што е за 0,7% помалку во однос на крајот на јануари. Најголем дел од нив се од Скопје (51). Во однос на возраста, најголем број од починатите се на возраст над 60 години. Досега во Северна Македонија од ковид починале вкупно 8.599 болни.

Според неделниот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), благо опаѓа бројот на нови позитивни, повторно инфицирани и починати од коронавирус во земјата. Се забележува намалување на бројот на заболени кај скоро сите возрасни групи -  најзабележително намалување од 23,9% има кај возрасната група од 30-39 години, додека зголемување се забележува кај возрасните групи од 0-9 години со 21,4% и над 10-19 години со 16,5% зголемување во однос на претходната недела. 

За една недела нови 9.982 заразени од Ковид-19 сe регистрирани во 35 градови во државата, што е намалување од 16,2 % во однос на претходната недела. Повторно се заразиле 1.340 граѓани или за 14 отсто помалку, а 147 лица починале од Ковид-19, што е за 0,7 % помалку во однос на претходната недела.Од појавата на вирусот заклучно со 06.02.2022, регистрирани се вкупно 7.842 (2,8%) реинфекции. Дваесет лица се заразиле по третпат. 

Моментално од Ковид-19 хоспитализирани се 717 лица или 6,9% повеќе во споредба со претходна недела. Од нив 430 се на кислородна поддршка (10,3% повеќе во споредба со претходна недела), а 14 на инвазивна/неинвазивна механичка вентилација што е 54,8% помалку.

Досега, во лабораторијата за вирусологија при ИЈЗ се детектирани 255 пациенти позитивни на сојот Омикрон, а детектирани се и примероци со Делта сојот.