1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

За ВМРО-ДПМНЕ ова се најфер избори досега, за СДСМ – со низа нерегуларности

Катерина Блажевска 13 април 2014

По завршувањето на гласањето, политичките опоненти дадоа различни оценки за текот на изборниот процес.

https://p.dw.com/p/1BhLl
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Веднаш по затворањето на гласачките места во 19 часот, со изјави се огласија претставници на владејачката ВМРО-ДПМНЕ и опозицискиoт СДСМ.

Илија Димовски, директор на Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ, рече дека во Македонија се одржаа мирни, фер, слободни и демократски избори. „Тоа беа едни од најслободните, најдемократските и најфер избори одржани во Република Македонија. Генералниот впечаток на граѓаните е дека целата атмосфера помина во најдобар можен ред. Забележана е многу мала техничка неправилност во смисла на одредени недостатоци околу документацијата, но обемот на сето тоа е во исклучително мали димензии. Многу помалку од кога било досега. Во секој случај за нас овие избори се мирни, фер и слободни и демократски“, рече Димовски.

Оливер Спасовски, Генерален секретар на СДСМ и шеф на изборниот штаб, соопшти поинаков впечаток. „Досегашните информации од изборниот ден, говорат дека за жал гласањето во голем број избирачки места беше проследено со низа нерегуларности и неправилности. ДИК и надлежните институции имаат обврска согласно со законот да ги санкционираат сите прекршувања на изборниот процес. Но она што е значајно, е дека денеска, на изборниот ден, како и изминативе денови, кај граѓаните се чувствува изразена волја за промени. Граѓаните почувствуваа дека кандидатот на СДСМ е профил на кандидат за претседател кој им дава вистинска надеж. Очекуваме резултатите од изборите да го потврдат ова расположение на граѓаните и масовната поддршка за Стево Пендаровски“, оцени Спасовски.