1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Живот на кредит во Северна Македонија

ДТЗ
22 јули 2021

Додека едни живеат на кредит, други штедат во евра. Македонските граѓани во просек должат над 1.500 евра на банките. Најмногу се задолжувале на картички и за станбени кредити.

https://p.dw.com/p/3xoHA
Mazedonien Geld Denar
Фотографија: DW/E. Milosevska Fidanoska

Граѓаните летово сѐ повеќе се задолжувале на кредитните картички за да преживеат и земале кредити за купување стан, отколку што биле подготвени да се задолжат за купување на нов автомобил. Најновите анализи на Народната банка покажуваат дека во јуни на граѓаните најмногу им биле одобрени потрошувачки и станбените кредити, кои што бележат месечно зголемување од 1,3 и 1,9 отсто, а годишниот раст изнесува 7,9 и 14,7 отсто.

До јуни вкупно за кредити се дадени над три милијарди евра, со што македонските граѓани во просек на банките им должат по 1.500 евра, пред сѐ за потрошувачки кредити (1,7 милијарди евра). На кредитните картички се имаат задолжено околу 170 милиони евра, многумина ги имаат исцедено и последните резерви на тековните сметки, искористувајќи го и минусното салдо, а голем е бројот и на оние коишто се задолжиле кај банките за да купат нов стан. 

-повеќе на темата: Германците штедат и се богатат

Кредитите одобрени на кредитни картички, летово се зголемиле за 0,5 отсто, додека на годишна основа се намалени за 8,9 проценти. Кај негативните салда на тековните сметки, во јуни, е остварен месечен пад од 0,4 отсто, а на годишно ниво растат за 3,4 проценти. Кредитите одобрени врз други основи во јуни оствариле месечен раст од 0,6 отсто, при годишен пад од 6,6 проценти, покажуваат анализите на Народна банка. 

Станбените кредити бележат годишен раст од речиси 15%, додека опаѓа интересот на граѓаните да се задолжуваат за да купат ново возило.  Па така, во јуни автомобилските кредити, се намалени на месечно и годишно ниво за 2,9 и 17,1 отсто. 

Додека едни се задолжувале, други граѓани штеделе пари „за да им се најдат“. На годишна основа, депозитите на домаќинствата забележуваат порастат за 4,2 отсто, со што заштедите се над 4,7 милијарди евра. Граѓаните најчесто се одлучувале да ги орочат средствата на пократок временски период, а заштедите ги чуваат во странски валути.