1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Живот во калифат

Биргит Свенсон (Киркук)/З.Јордановски9 февруари 2015

Терористичката милиција позната како Исламска држава ги зацврстува своите државни структури на територијата што ја контролира. Во такси што превезува патници од Ербил кон Киркук бегалци ја раскажуваат својата историја.

https://p.dw.com/p/1EY7t
Фотографија: picture-alliance/dpa

Вистинските размери на трагедијата што ја доживува Ирак може да се насети ако се патува со случајни сопатници во такси од Ербил кон Киркук и се слушнат нивните доживувања. На предното седиште до возачот седи крупниот Марван, кој за тоа платил 5 илјади ирачки динари (4,5 евра) повеќе од другите патници. Тука се уште и нервозниот Јусеф, чиј поглед постојано шета од ветробранското стакло кон страничните прозорци. Стариот Ахмед, кој изгледа како да дреме, веднаш будно реагира ако има опасност неговиот мал внук да се лизне и да падне од колената.

Метрополата Ербил во автономниот ирачки Курдистан е оддалечена околу 80 километри од градот на нафтата Киркук, кој беше под управа на централната ирачка влада во Багдад се’ до пробивот на терористичката милиција Исламска држава (ИД) лани во јуни. Иако во блиц-инвазијата ИД освои големи делови од северот на Ирак, Киркук беше обезбеден од курдските пешмерга-трупи, кои побрзо влегоа во градот.

ИД прво наиде на големо одобрување

Марван веќе не може - до сега истрајувал во Мосул, останал во својата куќа и својот град, дури и во времето кога „мрачните момци“ ги имаше се’ повеќе и кога пончнаа да владеат со него. „Во почетокот уште верувавме дека тие повторно ќе побегнат, откако ги сменија локалните челници и ги натераа во бегство“, раскажува тој. Оние, кои потоа ја преземаа градската управа, беа познати во градот, луѓе кои уште во времето на Садам Хусеин беа на функции. Поради тоа и немаше поголем отпор, објаснува Марван.

И Марван повторно го добил своето наследено место во градската управа. „Се’ како порано, си мислевме“. Тој не знаел од каде доаѓаат пари за платите; главно биле навреме исплатувани. Тоа не било вообичаено во времето на новите власти по соборувањето на Садам. Бескрајните кавги меѓу политичките фракции во советот на градот и на провинцијата, како и борбата со централната влада во Багдад го парализирале развојот на Мосул, а своето го сториле и корупцијата и непотизмот. „На луѓето им беше преку глава“, објаснува Марван зошто ИД во почетокот наишла на големо одобрување кај жителите на градот. Мосул, со два милиона жители, е трет по големина град во Ирак и првиот што го нападна и освои ИД. Потоа уследија Тикрит и речиси целата провинција Анбар.

Peschmerga erobern Kirkuk zurück
Курдски- Пешмерга борецФотографија: DW/H. Mewis

ИД забранува храна во конзерви

Во меѓувреме околу осум милиони луѓе живеат под теророт на ИД, која контролира територија од западот на Ирак до истокот на Сирија, споредбено голема колку Велика Британија, иако во меѓувреме се ослободени градови како Кобане или планините на Синџар. Но, тоа се минимални порази, ако се има предвид дека самопрогласениот калифат опфаќа површина од околу 230 илјади квадратни километри. Кој не побегнал, станал поданик на ИД.

И Марван до сега бил еден од поданиците. Никаква музика освен исламски напеви, никаков алкохол и поделба врз основа на полот - покрај другото, и во форма на забулување на сите девојчиња и жени. Дури и за Марван, строго религиозен сунитски Арапин, тоа е премногу, иако токму тој имал најдобри шанси таму да нерма никакви тешкотии. ИД следи сунитски ислам, но едно многу ригидно негово толкување на неговата правна поука. „Тоа таму веќе не е живот“, образложува 46-годишниот Марван зошто се решил на бегство од Мосул. Сега, како што вели тој, била забранета дури и продажба на конзервирана храна, оти, како што било објаснето, таа била спротивна на шеријатското право. Сопствениците на продавници морале да ги тргнат од витрините конзервите со боранија, леќа, овошје и парчиња месо.

Први биле протерани христијаните

И Јусеф бил два дена во Мосул. Тој се прикрал до куќата во која некогаш живеел и се обидел од таму да земе документи и лични исправи за да може кај властите да се легитимира како еден од преку два милиона внатрешни бегалци. „Но, таму сега живее припадник на ИД“, дознал тој од соседите. Си отишол со незавршена работа. Први кои биле протерани од Мосул, кога дошле исламистичките божји воини, биле христијаните. Тие им одземале се’ - недвижности, куќи, накит, па и жените. Христијанките биле грабнати и силувани. Со мегафони се барало од нив да конвертираат во ислам, да платат данок за христијани или да си одат. Најголемиот дел и си заминале.

Јусеф вели дека во Мосул веќе нема христијани. „Откако тие си отидоа, ги довлечкаа Језидите“, дознал 52-годишниот Халдеец. Тој и’ припаѓа на најголемата христијанска група во етнички и религиозно разноликиот Ирак. Но, нивниот број се преполовил по влегувањето на Британците и Американците во Ирак во 2003 година и со порастот теророт. „Језидите беа сметани, како и ние, како безбожници и беа изложени на нивно самоволие“. Јусеф слушнал дека жените биле присилно мажени и третирани како робинки; борците на ИД се нафрлале на нив како варвари. Неодамна од Мосул се ослободени повеќе од 200 Језиди. Биле оставени на патот помеѓу Ербил и Киркук, стари луѓе од кои сакале да се ослободат.

Peschmerga erobern Kirkuk zurück
КиркукФотографија: DW/B. Svensson

„ИД воведува социјализам“

На Западот ИД се перцепира првенствено како брутална терористичка милиција. Но, таа е фактички многу повеќе од тоа и веројатно поради тоа не е феномен со кратко траење. Се проценува дека има околу 100.000 борци.

Сега во дискусијата се вмешува и Ахмед. Нему тие му ја земале куќата, кажува овој Туркменец од Тилкеф, најсеверниот град што е заземен од ИД. Кога тие дошле, тој не бил дома. ИД ги запленила сите ненаселени куќи. Сега таа наплатува кирија, иако куќата е негова. Пазарот на недвижности во калифатот е истиветно регулиран: за стан се плаќа кирија од 83 долари неделно, а за куќа 125. Кириите не им се префрлуваат на првобитните сопственици, туку на управата од ИД. Тоа, како што дознале тројцата патници, важи за целата провинција Анбар. „ИД воведува социјализам“, иронизира Марван.

Возењето со таксито завршува на контролниот пункт пред портите на Киркук. Новцодојдените бегалци прво ги регистрираат и ги сослушува курдската тајна служба. Сега Марван Јусеф и Ахмед мораат уште еднаш да ги раскажат своите приказни.