1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Жалбите пристигнаа до „Гугл“

22 октомври 2010

Воведувањето на услугата „Гугл Стрит вју“ во Германија предизвика жестока дебата во јавноста. До концернот пристигнале 244000 граѓански приговори за намерата да се објават податоци за нивниот имот на интернет-мрежата.

https://p.dw.com/p/Pk9H
Фотографија: picture-alliance/dpa

Берлин, Дизелдорф, Франкфурт, Хамбург, Келн, Минхен... Ова е само дел од градовите во Германија кои концернот „Гугл“ планира да ги воведе во понудата за тродимензионално картографско пребарување на интернет, „Стрит вју“. Жителите на овие градови имаа рок од еден месец за доставување жалба, доколку не сакаат нивниот имот да биде поставен на интернет-мрежата. Вчера од „Гугл“ известија дека до нив стигнале вкупно 244.000 приговори, што претставува 2,9 отсто од населението во дваесетте германски градови.

Google Street View Symbolbild
Фотографија: picture-alliance/dpa

Андреас Тирк, продукт-менаџер на „Гугл“, изјави дека концернот ангажирал доволен број лица за навреме да бидат обработени сите приговори. Министерката за заштита на потрошувачите, Илзе Аигнер, е задоволна од бројот на приговори до „Гугл“, со оглед на големите можности за приговор кои им стојат на располагање на граѓаните на Германија. Петер Шаар, ополномоштеник на германската влада за заштита на податоци, изјави дека граѓаните треба сами да одлучуваат какви податоци ќе бидат објавени за нив на интернет, а не одлуката да зависи од добрата волја на одредени претпријатија.

Услугата „Гугл Стрит вју“ е достапна во повеќе од 20 земји, меѓу кои Франција, Јапонија, САД и Швајцарија. Воведувањето на услугата беше најспорна во Германија, каде стартот се очекува кон крајот на годината.

Автор: ДС/ТТ/ројтерс

Редактор: Жана Ацеска