1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Еуропол: Руската и балканската мафија местеле натпревари

БГ/сид/макфакс31 јули 2013

Во интервју за лондонски Тајмс, шефот на Еуропол Роб Вејнрајт соопшти дека се истражуваат врските на криминалното подземје во Русија и Западниот Балкан со сомнежите за местење на некои мечеви

https://p.dw.com/p/19HbJ
Фотографија: picture-alliance/dpa

Еуропол ги истражува сомнежите дека руски и балкански криминални банди местеле европски фудбалски мечеви. Шефот на разузнувачката служба на европската полиција, Роб Вејнрајт во интервју за британскиот весник Тајмс потврди дека покрај веќе познатите 380 мечеви за кои истрагата е во тек, сомнежи се појавиле за уште 300 мечеви во европските лиги.

„Почнавме да откриваме извори на информации кои претходно ги немавме. Разговараме со различни европски земји за отпочнување на уште две големи истраги“, вели тој.

Неодамна, 44 лица беа обвинети во Унгарија по истрагата за местење натпревари на фудбалскиот клуб Дебрецен.

„Местењето натпревари“ не е секогаш поврзано со целиот меч или со неговиот конечен исход, туку само со еден елемент од него, како на пример, кој ќе го изведе првиот корнер на мечот?

Меѓу натпреварите за кои постои сомнеж е и дуелот на Дебрецен со британскиот Ливерпул во 2009. година, но засега нема сомневања дека било кој од Ливерпул бил вмешан во скандалот.

Претходните истраги на Еуропол и на националните истражни органи во Европа дојдоа до сознание дека најголемиот дел од местењето натпревари се одвива преку криминални групи во Азија, поточно во Сингапур.

„Проблемот не е само оној поврзан со азискиот организиран криминал. Ние, исто така, имаме сомненија за руската мафија дека е вмешана во местење натпревари. Во моментот нив ги истражуваме. Исто така, под истрага се и некои криминални групи со потекло од Западен Балкан“, вели Вејнрајт.