1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ ја одобри мисијата ЕУЛЕКС за Косово

Елизабета Милошевска Фиданоска16 февруари 2008

Во очи на утрешното прогласување независност на покраината, ноќеска на полноќ е одобрена правосудно-полициската мисија, која треба да брои 2 000 луѓе.

https://p.dw.com/p/D8Rv
Мисијата на ОН треба да биде заменета со мисија на ЕУФотографија: AP

Мисијата EULEX е одобрена откако ниту една од 27-те земји членки на ЕУ не вложи приговор врз оперативниот план на мисијата, изјавија дипломатски извори во Брисел.

Ангажманот на полицајци, правни експерти и стручњаци во сферата на управата, во рамките на Еулекс ќе се состои во поддршка и помош при создавањето правна држава. Стручњаците на ЕУ треба да бидат засилени и со околу илјада Косовари.

Меѓународно-правната основа на ваквиот план е сива зона. Мисијата е резултат на договорот што шефовите на држави и влади на ЕУ го постигнаа на самитот во декември. Таа треба да е независна од фактот дали Косово ќе биде независно, или би останало дел од Србија. ЕУ смета дека ваквата мисија има легитимација и е покриена со резолуцијата 1244 на Советот за безбедност. Русија, наспроти тоа, е на став дека ваквата мисија значи кршење на меѓународното право.

ЕУ се ориентира според планот на Марти Ахтисари, за кој, инаку, сеуште немало гласање во Советот за безбедност, поради заканите на Русија со вето.

Мисијата Еулекс, по фазата од 120 дена предвидени како преоден рок, според планот на Ахтисари, треба да ја замени цивилната управа на ОН на Косово. За свој специјален претставник за Косово, ЕУ го назначи Холанѓанецот, Питер Фејт, а раководител на мисијата Еулекс треба да биде Французинот, Ив де Кермабон.