1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

ЕУ: „Соработка и солидарност“ со Западен Балкан?

Марина Максимовиќ
1 април 2020

Еден месец по почетокот на корона-кризата во Европа, ЕУ мобилизира 410 милиони евра за помош на Западен Балкан. Во регионот, пак, велат дека европска помош не гледаат, а Брисел одговара дека таа „не доаѓа со фанфари“ .

https://p.dw.com/p/3aHqx
Symbolbild Westbalkan Flaggen (mit EU)
Фотографија: picture-alliance/Photoshot/Qian Yi

На хартија, пакетот на ЕУ за помош на Западен Балкан, како одговор на пандемијата со Ковид-19, се состои од 38 милиони евра кои се ставени веднаш на располагање на државите за набавка на медицинска опрема и за реализирање на други потреби во здравствениот систем. Тука се и 373 милиони евра краткорочна и среднорочна помош кои се наменети за прериодот „по здравствената криза“, а за цел на санирање на општествено-економските последици во шесте држави во регионот.

Парите за овој пакет се обезбедени со пренамена на постоечките средства од фондовите за предпристапна помош (ИПА) и се наменети за сите држави од регионот без разлика на кандидатскиот статус, односно за степенот на пристапување во Унијата. „Во прашање е глобална криза со која мораме сите заедно да се занимаваме и никој не смее да биде исклучен“, вели портпаролката на Комисијата Ана Писонеро за ДВ. Таа додава дека ЕУ стои до своите партнери од Западен Балкан вклучувајќи ја и Босна и Херцеговина, за која е обезбедена „широка помош“ од над 80 милиони евра. „Работејќи со Проектот за развој на ОН, финансираме проект од 2 милиони евра кој обезбедува набавка на заштитна медицинска опрема и 80 респиратори, што е за 50 отсто повеќе отколку што БиХ имаше во март“, вели Писонеро.

Повеќе:

-Коронавирус: Десетици милиони итна помош од ЕУ за Западен Балкан

-Дали ЕУ го остави Западен Балкан на цедило во кризата со коронавирусот?

-Мас по одлуката на ЕУ: А сега да им помогнеме да се справат и со коронавирусот

Таа додава дека ЕУ во БиХ започнала и дигитална кампања „Остани дома“ и „Херој на денот“ за да може, од една страна да ги поттикне граѓаните да се придржуваат на мерките за самоизолација, а од друга да ги пофали оние кои мораат да продолжат да работат во овие околности. „Во БиХ е започната и кампања за соочување со дезинформациите за коронавирусот“, наведуваат во Комисијата.

Колкав е „видокругот“ меѓу ЕУ и Западен Балкан?

ЕУ од почетокот на ширењето на заразата беше критикувана, како од земјите од регионот, така и од самите земји членки, дека е „парализирана“ кога станува збор за помош, координација, солидарност. Во институциите на ЕУ може да се слушне оценка дека уште на почетокот на „недоживеаната криза“ имаше „проблеми“, но оти Унијата полека ги „фаќа конците“.

Општа оценка е дека во моментот кога земјите членки реагираа по принципот „спасувај се кој може“, Западен Балкан едноставно „излезе од видокругот“ на Унијата. А тој момент беше доволен оние кои веќе со децении се движат кон ветената иднина во  ЕУ да се почувствуваат предадени и напуштени во неволја. Брисел по неколку недели средувајќи ја сопствената состојба конечно го „виде“ Западен Балкан и му понуди пари и вклучување во некои заеднички иницијативи и фондови како одговор на пандемијата. И додека истите милиони се бројат веќе со денови во соопштенијата на ЕУ, граѓаните од регионот го „бројат“ тоа што тие го гледаат, а тоа се респиратори, маски и лекари кои пристигнуваат како помош од други земји првенствено од Кина. Затоа не е ни чудо кога во Србија по слетувањето на двата авиона со 130 тони, нешто купена нешто донирана, медицинска опрема од Кина и од Индија, едноставно не се забележа дека сметката за тој транспорт ја плати ЕУ. „Европската Унија плати 2 милиони евра за покривање на транспортните трошоци за 5 авиона кои доставуваат во Србија медицинска опрема. Два веќе слетаа, три се очекуваат во наредните денови“, велат во Комисијата. Тие додаваат дека покрај наведените 2 милиони евра за транспорт, ЕУ „пуштила“ и 4,9 милиони евра за набавка на медицинска опрема за ранливата група граѓани во Србија, а оти во тек се процедурите кои ќе обезбедат реализација на преостанатите пари од предвидените 15 милиони евра моментална помош од ЕУ за Србија за ситуацијата со пандемијата.

Кога станува збор за остатокот од регионот, во Брисел наведуваат дека Црна Гора од ЕУ добила вкупно 53 милиони евра од кои сега се поделени на 600 пакети „итна помош“ за најзагрозените 400 семејства од ромската и египќанска популација.

За С. Македонија, Албанија и за Косово,  ЕУ „мобилизирала“ двапати по 4 милиони евра и за Косово 5 милиони евра моментална помош од ЕУ од кои, по еден месец од почетокот на епидемијата се финансирани само кампањи на социјалните мрежи и на ТВ наменети за информирање на граѓаните за заштита од коронавирусот и како да се однесуваат за време на кризната ситуација. Многумина со право ќе се прашаат: дали навистина тоа е најпотребно за земјите во овој момент?

Дали научивме нешто?

Во ситуација на глобална здравствена криза и на пандемија која во Европа дури сега треба да го достигне својот врв по бројот на заразени и починати, броењето пари не е најважно, ниту најпримерно. Она што е важно во оваа ситуација е чувството и ефектот на солидарност и заедништво. „Солидарноста не може да биде само збор кој не подразбира и обврска“, вели шефот на дипломатијата на ЕУ Жозеп Борел и додава: „ЕУ не ги заборава граѓаните на Западен Балкан. Време е да бидеме сериозни во соработката и во солидарноста“, заклучува Борел.

Како дел од „соработката и солидарноста“ со Западен Балкан, ЕУ им овозможи на земјите од регионот да бидат дел од заедничките набавки на медицинска опрема, да ги користат средствата на Фондот за солидарност и на Механизмот за цивилна заштита. Сепак, оваа европска солидарност не може да се користи во овој момент, бидејќи медицинската опрема сè уште не е достапна на пазарот, а Фондот за солидарност е наменет за покривање на „докажаната штета“ откако ќе помине актуелната криза.

И додека едни го критикуваат Брисел, бидејќи економските мерки што ги носи „не одат подалеку од пренасочување на постојните фондови и давање на земјите членки одврзани раце да располагаат со своите буџети“, други предупредуваат од  целосен недостаток на европска солидарност, па дури  предвидуваат и „смрт на ЕУ“ како последица на тоа. Европската комисија одговара дека „ЕУ преживеала многу други кризи и ќе ја преживее и оваа“. Официјалните претставници на ЕУ потенцираат дека истото треба да важи и за Западен Балкан и нејзините односи со ЕУ.

„Мора да работиме заедно затоа што никој не може сам да се справи со сегашната состојба“, предупредува високиот претставник на ЕУ, Борел.

Извесно е дека регионот и Европската унија заедно ќе ја надминат оваа криза, но и оти ќе ја дочекаат и следната. Неизвесно е дали тогаш ќе бидеме подобри едни кон други или барем поискусни и поподготвени.