1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ се надева на Хилари

Бернд Ригерт
2 ноември 2016

Замислете на претседателските избори во САД да победи Трамп. Европа се наежува на ваква помисла. Во Хилари Клинтон се гледа продолжение на трансатлантските традиции. Анализа на Бернд Ригерт

https://p.dw.com/p/2RzPA
USA | Ende der 3. Präsidentschaftsdebatte 2016 in Las Vegas
Фотографија: REUTERS/M. Blake

Единствениот објект во Европа кој го носи името на Трамп се наоѓа во делот на Истанбул кој географски ѝ припаѓа на Европа. Меѓутоа, двата облакодера во турската метропола од 2015. година не се толку омилени. Откако републиканскиот претседателски кандидат се изјасни против доселувањето муслимани во САД, турските политичари се трудат името на Трамп да биде избришано од зградите.

Освен тоа, групата Трамп поседува еден терен за голф во Шкотска. Тоа се досега единствените допирни точки на Доналд Трамп со Европа. Теренот за голф кај Абердин, што Трамп поради идиличната положба го опиша како „создаден од самиот бог“, кај инвеститорите и кај шкотската влада предизвика многу незадоволство и процеси. Најавените суми воопшто не беа вложени, бројот на работни места заостанува зад очекувањата. Тоа не го спречи Доналд Трамп при јунската посета на Шкотска во тврдењето дека „ја освоил и убедил Шкотска“.

Во добро и во лошо

Германскиот европратеник Дејвид Мекалистер, и самиот со шкотски корени, вака го оценува републиканецот: „За нас во Европа, Доналд Трамп е голема енигма. Не знаеме многу за него, за неговата надворешна политика, зашто тој не зборува многу за неа. А кога влегува во детали, звучи некако застрашувачки.“ Мекалистер е претседател на парламентарна група која се грижи за односите со САД. „Секако, нам во Европа ни е попозната Хилари Клинтон. Таа верува во силни трансатлантски врски. Заедно со нејзе сигурно можеме да постигнеме многу нешта.“ Многумина активни политичари во Европа имале контакти со Хилари Клинтон како американски државен секретар. Од нејзе се очекува континуитет.

Досега демократските и републиканските претседатели секогаш се колнеа во НАТО како стабилизирачка котва. Но, Доналд Трамп размрда и во Атлантскиот сојуз. Тој би го продолжил, само ако Германија плаќа за својата безбедност. Дејвид Мекалистер се обидува своите очекувања дипломатски да ги формулира. „ЕУ и САД имаат многу тесни и јаки врски. Треба да се концентрираме на нивно натамошно јакнење, без оглед на исходот од изборите. Мораме да бидеме подготвени на добри и лоши времиња.“

US TV Debatte Trump vs Clinton
Фотографија: Reuters/J. Young

Трамп не е папа

Во Брисел има и симпатизери на Трамп, првенствено во таборот на десните популисти. Британскиот пратеник Најџел Фараж дури настапува на предизборните митинзи на Доналд Трамп. Фараж беше победничкиот поборник на Брегзит. Сакаше независна Велика Британија. Тој исто толку го истакнува националното, како Доналд Трамп во САД. Велика Британија на прво место и САД на прво место. Тоа што Трамп со своите сексистички изјави и својот мачо-имиџ ги згрозува женските гласачи, според Најџел Фараж е мал грев. „Трамп барем зрачи со извесна искреност. Тој е тој. Тој не треба да биде избран за папа, туку за претседател на САД. Тој е човек, а секој човек има свои недостатоци, кои сега на сите ни се познати“, изјави Фараж во интервју за американската ТВ Фокс. Кај Хилари Клинтон човек не е начисто какви тајни крие таа, смета Фараж. Доналд Трамп го пофали излезот на Велика Британија од ЕУ, која тој ја смета за непотребна, а Германија пак ја смета за место на терор и насилство. 

„Бог нека ни се смилува“

Исчашената предизборна кампања во САД, „ослободена“ од секакви факти и суштински теми, кај министрите со подолг стаж предизвикува невообичаени реакции. Германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле по средба со неговите ресорни колеги во Луксембург изјави дека го гледал вториот ТВ-дуел меѓу Клинтон и Трамп. Во него Трамп се закани да ја стави Клинтон во затвор штом ќе стапи на функцијата. „Гледав една дебата на телевизија, во постфактичката ера. Ако тоа е принципот на кој ќе ги носиме политичките одлуки, тогаш господ нека ни е напомош во поглед на демократијата и правната држава“, предупреди Шојбле.

USA Trump in North Carolina
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/E. Vucci

Црекалото Трамп

Германскиот министер за надворешни работи отфрли секаква вообичаено задолжителна воздржаност. Тој го нарече Доналд Трамп „проповедник на омраза“ и го вгради во своите предизборни настапи. Штајнмајер го вброи републиканецот, кој целиот систем во САД го смета за измамнички, во ист кош со десните и левите популисти во Европа. „Гледајте го црекалото Доналд Трамп во Америка. За сите овие луѓе заедничко е играњето со стравот на луѓето“, предупредува Штајнмајер на собирите во Германија.

Недоволна содржајност

Конзервативниот европски пратеник Дејвид Мекалистер внимателно ја следи американската предизборна кампања. Ноќе станувал специјално за да ги гледа ТВ-дуелите во живо. Отпосле, тој се чуди и се прашува за што всушност зборуваат кандидатите. За електронска пошта, афери и вулгарности?Постојат толку многу проблеми во Сирија, во Ирак, Авганистан, Украина и со Русија, за кои би требало да се проговори. „Темите за кои се дискутираше, според мене, не се вистински релевантни. Радо би разговарал за сериозни политички прашања во овие ТВ-соочувања. Некои работи кои ги кажува републиканскиот кандидат се сериозен повод за загриженост.“

Кај конкретни прашања, на пример трговски договори, експертот за САД, Дејвид Мекалистер има поголема доверба во поранешната министерка за надворешни работи, иако Демократите традиционално тендираат кон протекционизам. „Ако се погледнат изјавите на Клинтон и на Трамп, се гледа дека транспацифичкиот трговски договор игра значително поголема улога отколку трговскиот трансатлантски договор. Но, од првата жена-претседател во Белата куќа, во овој поглед би можело сигурно повеќе да се очекува.“

ЕУ-институциите не даваат официјални изјави во поглед на американската предизборна кампања карактеризирана со ниско ниво, но неофицијално, не се гледа со наклоност кон Доналд Трамп. Еден ЕУ-дипломат вели: „Трамп е луд. Клинтон не е перфектна, но таа е предвидлива“.

 

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија