1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ само со минимален консензус за Украина?

Мартин Боне /дв/ Елизабета М. Фиданоска6 март 2014

За ЕУ не доаѓа предвид воен одговор на конфликтот околу Крим. Од денешниот самит на Русија треба да ѝ се испрати сигнал со санкции. Но интересите во ЕУ се толку различни што најверојатно е можен само минимален консензус.

https://p.dw.com/p/1BKy0
Фотографија: AFP/Getty Images

Европејците зазедоа поза, сега треба и да реагираат. „ЕУ се експонираше на највисоко ниво и тоа создаде очекувања. Сега треба да следат потези“, вели Јан Техау, директор за Европа во фондацијата „Карнеги“, опишувајќи ја не многу комотната појдовна позиција за денешниот (6.03) самит. „Инструментариумот на ЕУ за вршење притисок врз Русија е многу, многу слаб, многу, многу, многу мал“, вели Техау.

Воена опција отпаѓа

Најсилната опција и онака отпаѓа уште веднаш. „За Западот нема воени опции, нив ги немаат дури ни Американците“, вели Техау. „Јасно е - никој нема да влезе во војна за Украина, за Крим. Тоа, се разбира, го знае и претседателот Путин. Тој тоа го знаеше многу одамна.“

Министрите за надворешни работи на ЕУ досега конкретно од санкции го споменаа само прекинувањето на билатералните преговори со Русија. Тука се вбројуваат новиот договор за партнерство и олеснувањата на визниот режим. Дека Москва од тоа нема да се исплаши им е јасно и на самите европски политичари.

Споменати беа и т.н. целни мерки. Тука се мисли по правило на забрана за влез и замрзнување на сметките на експонираните политички претставници на погодената држава, како и на претпријатија од таа земја. Голем дел од руските милијарди од бизнисот со гас и нафта лежат во западните банки. Повеќе дејство би имало кога финансиската славина би им била затворена на олигарсите.

Barroso Ukraine Archiv 20.02.2014
ЕК и‘ вети на Украина 11 милијарди евра помошФотографија: John Thys/AFP/Getty Images

Русија би била прилично погодена од евентуален бојкот на лиферувањето гас. „Тоа значи дека теоретски има начин, но ако тој треба да се искористи, би им се нанесла штета на сопствените банки и можеби многу би им се наштетило на сопствените економски интереси.“ Оттука, политичарите, се разбира, размислуваат дали е тоа вистинска мерка.

Сите ЕУ-држави имаат свои интереси

Доказ за ваквата теза на Техаус само што даде британската влада. Таа побара силна реакција на руските постапки. „Но сѐ додека тоа не го загрозува нивниот фиансиски пазар“, вели Техау. „Тоа е класичен став, каков што има во речиси сите европски држави членки. Италијанците имаат енергетски интереси, Германците веруваат дека дијалогот секогаш мора да продолжи.“ Позициите во Европа се разликуваат многу една од друга.

Затоа на денешниот самит, по прашањето на санкции, ќе се бара минимален консензус. Поважно е симболичното значење. „Повеќе се работи за единството, за држењето на семејството заедно“, нагласува Техау.

Преговорите за Контакт група продолжуваат

Во предвечерјето на денешниот вонреден самит, Европската комисија ѝ вети на Украина 11 милијарди евра помош. Освен тоа, ЕУ ги замрзна сметките на екс претседателот на Украина, Виктор Јанукович, и на 17 други лица. И покрај забрзаното темпо на кризна дипломатија, западните држави досега не успеаја да издејствуваат директен контакт на Русија со новото украинско раквоодство. И по целодневните разговори на министрите за надворешни работи вчера во Париз, рускиот министер Сергеј Лавров отфрли средба со преодниот шеф на украинската дипломатија Андреј Дешчузја. Не успеа ниту намерата, за која пред сѐ се залагаа министрите на Франција, Германија, Велика Британија и САД, за создавање Контакт група. Преговорите би требало да продолжат наредните денови.

Paris Treffen Außenminister Ukraine 5.3.2014 Kerry Lawrow
Средбата во Париз вчера не донесе посакувани резултатиФотографија: Reuters

Во меѓувреме НАТО во Брисел најави дека ќе ги преиспита односите со Русија. Партнерството со Украина пак треба да биде продлабочено, изјави по средбата на Советот НАТО-Русија, генералниот секретар на Алијансата, Андерс Фог Расмусен.