1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ нема што да понуди на местото на Јужен тек

Немања Рујевиќ/ДР5 декември 2014

По пропаста на проектот Јужен тек, Брисел нема одговор на гасните потреби на земјите од Југоисточна Европа, вели во разговор за ДВ австрискиот експерт Герхард Мангот.

https://p.dw.com/p/1Dz3D
Фотографија: Celia di Pauli

ДВ: Господине Мангот, рускиот претседател Путин најави дека ќе престане изградбата на Јужен тек, додека пак, шефот на Газпром, Алексеј Милер беше многу појасен кога изјави дека овој гасовод е „мртов“. Како ги толкувате овие пораки? Дали проектот е погребан или само стои на лед?

Герхард Мангот: Путин рече дека продолжувањето со изградбата на Јужен тек не може да се спроведе со оглед на моменталните околности. Што значи дека, не е исклучено изградбата да може да продолжи доколку се променат тие околности, а тоа е, рака на срце, малку веројатно. Се се врти во правец на тоа дека поглавјето на Јужен тек е засекогаш затворено.

На кои околности мислите?

Европската унија не е согласна со законските рамки на Јужен тек. Брисел опстојува на правилата на Третиот енергетски пакет: дека и другите понудувачи мораат да имаат пристап до гасоводот како и тоа дека, снабдувачот на гас не може истовремено да биде и сопственик на гасоводот. Од тие принципи ЕУ не сака да се откаже. Претходно во поединечни случаи се правеа исклучоци.

Зошто сега не направи исклучок?

Поради две причини: најпрво не сакаат Украина да трпи, затоа што стратешката цел на Русија секако беше Јужен тек да ја заобиколи Украина како транзитна земја. Втората причина е моменталното заострување на односите помеѓу Брисел и Москва. Во таква ситуација на голема напнатост, ЕУ очигледно нема намера да отстапи од својата позиција. Тогаш Русија крена раце.

Гасоводот е на лед од јуни, а тогаш ЕУ и Русија најавија дека заедно ќе бараат решение. Впечатокот е дека тие не беа толку посветени во барањето.

За Москва, Јужен тек отсекогаш беше многу скап план, кој беше исполнуван од политички причини без многу да се сврти вниманието кон трошоците. Меѓутоа сега, со оглед на финансиските санкции на САД и ЕУ, не е лесно да се финансира толку скап план. Многу западни банки кои требаше да бидат доверители, сега се скептични и воздржани.

Дали очекувате некаков вид на одмазда на Москва преку зголемување на цената за гасот, посебно во земјите низ кои требаше да поминува гасоводот?

Само условно. Затоа што во договорите со балканските земји е запишана истата формула за формирање на цените, како во договорите со западноевропските муштерии. Тоа е, имено, врзување за цената на нафтата на светскиот пазар. Кога цената на нафтата значително опаѓа, паѓаат и цените кои Газпром може да ги бара. Проблемот е само што веќе нема да бидат овозможени политички поволни цени, какви што се понудени, да речеме на Бугарија, за учеството во Јужен тек.

Bulgarien South Stream Pipeline
Фотографија: ANDREJ ISAKOVIC/AFP/Getty Images

Шест членки на ЕУ и Србија како кандидат, беа многу заинтересирани за овој проект - на крајот, тие го плаќаат својот гас 25-40 отсто поскапо отколку Германија или Велика Британија. Може ли ова фијаско да предизвика поделба внатре во Унијата?

ЕУ во секој случај нема одговор кога се работи за сигурноста во снабдувањето со гас на многу земји од југоисточна Европа. Овие држави посебно страдаат кога помеѓу Москва и Киев доаѓа до конфликти или запирање на гасниот транзит. Јужен тек секако беше можност за земјите како Бугарија и Србија да го намалат тој ризик. Сега ЕУ мора да им објасни на овие земји зошто ќе останат без стотина милиони долари кои би ги добиле од транзитот на рускиот гас, посебно затоа што на овие држави овие пари им се многу потребни. Мислам дека ЕУ нема одговор на тоа прашање.

Западноевропските земји, меѓутоа и натаму ќе добиваат гас по поволна цена.

Не постои сомнение во тоа дека, да речеме, Германија или Британија воопшто не зависат од евентуалната изградба на Јужен тек - тие се снабдуваат преку Северен тек или Јамал. За тие држави е лесно и бесплатно да блокираат проекти како Јужен тек. Тоа баш и не е знак на солидарност внатре во ЕУ. Прашање е што ќе им понуди Брисел на југоисточните земји во Европа кои сега ја плаќаат цената на геополитичкиот конфликт? ЕУ ќе стои со празни раце и тоа секако ќе предизвика вознемиреност во рамките на унијата.

Обновлива енергија или течен гас од САД се проекти на долг рок. Постојат ли сега алтернативи?

Можно е, секако, Русија да направи центар на гасна трговија на турско-бугарската или турско-грчката граница. Во тој случај тие на Европјаните би им изградиле гасоводи дотаму, да можат да го преземат изворот на енергија. Сепак, можеме да се сомневаме дека ЕУ размислува во тој правец. Постои огромен притисок кон поединечни членки, но и САД, од Русија да се купува помалку гас отколку досега. Сведоци сме на хистерична дебата во врска со тоа дали Европа зависи од рускиот гас или Русија зависи од европските пари. Всушност, двете страни се меѓусебно зависни и тие и двете можат да профитираат од соработката.

*Герхард Мангот (48) е професор по политички науки на Универзитетот во Инзбрук. Од 1991 е истражувач и советник на Австрискиот институт за меѓународни работи и тоа за прашања поврзани со поранешниот Советски Сојуз и источна Европа, а од 1995 е предавач на виенската Дипломатска академија. Професор Мангот пишува и свој блог во кој, главно се занимава со случувањата во Русија и во последно време со кризата во Украина.