1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ не го поддржа планот на Фејт за Косово

23 февруари 2010

Постигната е начелна согласност за продолжување на мандатот на Питер Фејт на Косово. Шефот на словачката дипломатија Лајчак вели дека Фејт ќе мора да го почитува и ставот на земјите кои не го признаваат Косово.

https://p.dw.com/p/M8vA
Мандатот на Фејт не е во прашање, но планот за северот на Косово-да!Фотографија: picture-alliance/ dpa

Иако на Советот на министри на ЕУ во Брисел беше договорено продолжувањето на мандатите на сите 11 специјални претставници во светот, четири мандати се‘ уште чекаат на официјална потврда. Се очекува потврдата за претставниците на ЕУ во Авганистан, Африканската Унија и Косово да биде дадена в четврток.

Пред состанокот во Брисел можеше неофицијално да се слушне дека дел од земјите-членки, кои не ја признаваат независноста на Косово, се сомневаат во можноста Питер Фејт, како претставник на меѓународна цивилна канцеларија која ја поддржува независноста на Косово, да биде неутрален претставник на Унијата. Сепак, одлуката за продолжување на неговиот мандат беше донесена.

Министерот за надворешни работи на Словачка, Мирослав Лајчак пред состанокот изјави дека двете функции на Фејт, како специјален претставник на ЕУ и како претставник на Меѓународната цивилна канцеларија не смеат да бидат во конфликт.

„Мандатот на Питер Фејт е да ја претставува ЕУ, што значи дека треба да ги претставува сите 27 земји-членки и да го почитува ставот на секоја држава поединечно. Мислам дека Фејт тоа го сфати за време на претходниот мандат и сега може да продолжи со работа“.

Лајчак за Дојче веле потврди дека ЕУ не стои зад планот на Фејт за интеграција на северниот дел на Косово.

“Не знам дали тој план постои, и кој го авторизирал. Но сигурно е дека таков план никогаш не бил разгледуван или одобрен од европските институции“.

Инцко ќе остане во БиХ до крајот на август

Valentin Inzko
Валентин Инцко ќе остане во БиХ до август годинаваФотографија: DW / Sasa Mlac

Советот му го продолжи мандатот и на специјалниот претставник во БиХ, Валентин Инцко до 31 август годинава. Лајчак, кој и самиот ја вршеше истата функција во Босна, вели дека одлуката е логична поради тоа што земјата не се наоѓа во состојба да преговара за крај на мандатот на високиот претставник.

„БиХ се врати на дневниот ред на институциите и не сум сигурен дали е тоа добро, бидејќи ние се занимаваме со проблемите, а не со успесите“, вели Лајчак.

„Општо е мислењето дека БиХ ќе загуби цела година на својот пат кон реформите и евроинтеграциите. Би било наивно да се очекува од политичките лидери кои досега не покажаа подготвеност да ги решат виталните прашања на земјата и нејзините граѓани, дека таква подготвеност ќе покажат во предизборен период. Дотолку повеќе што, во последно време во земјата изборите се добиваат со одбивање на компромис, а не со негово прифаќање“, вели Лајчак за Дојче веле.

Автор: Марина Максимовиќ/Борис Георгиевски

Редактор: Жана Ацеска