1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ мора да ја преземе одговорноста за иднината на Косово

3 септември 2007

Дел од германските весници денеска се занимаваат со преговорите околу идината на Косово, со актуелната ситуација таму и безбедносните реперкусии за целиот регион.

https://p.dw.com/p/Bb0o
Шефот на УНМИК, Јоаким Рикер и германскиот министер за одбрана Франц Јозеф Јунг на КосовоФотографија: AP

Денешен “Франкфуртер алгемајне“ во коментарот на првата страна, пишува:

“... Додека Тројката уште води преговори, ЕУ мора да се подготви за евентуално неизбежното, имено доколку Москва и Вашингтон не успеат да се договорат околу статусот на Косово, ЕУ ќе мора да ја преземе управата со Косово дури и наспроти ветото на Русија. Тоа е всушност вистинската, иако невидлива цел на претстојните четири месеци преговори. Вашингтон, Москва, но пред се‘ ЕУ треба да се подготват за времето по веројатно неуспешните преговори. До крајот на годината мора ЕУ (или барем оној дел од нејзините членки кои имаат значително влијание врз управувањето со Косово) да зборуваат со еден глас. При тоа ќе станува збор за реализација на планот на Ахтисари, кој е многу поволен за српското малцинство, така што Косово до наредната пролет ќе добие статус на независност надгледувана политички од ЕУ, а воено од НАТО“ - се вели во коментарот на Михаел Мартенс во “Франкфуртер алгемајне“.

“Тагесцајтунг“ се осврнува прво на закажаните парламентарни и општински избори на Косово на 17. ноември, па вели:

“Дали свикувањето избори е навистина мудар потег, околу тоа постојат разлики во мислењата во регионот. Шефот на УНМИК при тоа се повикува на наводното барање на политичкото раководство на Косово за распишување избори. Тоа го наложува и уставот на Косово, кој пропишува избори секои три години. Последните беа навистина во 2004-та. Но, изборите би можеле да предизвикаат непредвидлива радикализација кај населението, велат дипломатски извори. Радикални групи би можеле да ја искористат предизборната кампања за натамошно потпалување на ионака напнатото расположение“ - посочува авторот на статијата Ерих Ратфелдер.

Во продолжение тој се осврнува и на најавите за можна поделба на Косово и реперкусиите што таквата варијанта би можела да ги има по стабилноста во регионот:

“Патувањето на германскиот министер за одбрана Франц Јозеф Јунг минатата недела во Македонија и на Косово покажува дека дискусијата за евентуална поделба носи конфликтен потенцијал и за соседните земји, а ги прави нервозни и меѓународните воени сили. Пред се‘ во Македонија, каде живее големо албанско малцинство, би можело да се создаде опасна ситуација. Некои села со албанско население во пограничниот регион кон Косово веќе најавија референдум за отцепување од Македонија и приклучување кон Косово. Судирите околу селото Танушевци на тромеѓето меѓу Македонија, Србија и Косово во 2001-та го означија почетокот на оружените конфликти меѓу македонската армија и вооружените Албанци. Освен тоа спорна е и демаркацијата на меѓусебната граница, бидејќи таа е одредена според договор меѓу Македонија и Србија, без при тоа да се земат предвид интересите на Албанците“ - се вели на крајот од статијата на весникот “Тагесцајтунг“.