1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ и името не се приоритет на Груевски

4 ноември 2011

За премиерот Груевски евроатланските интеграции не се стратешки приоритет. Експертите не стравуваат од нереди на Албанците во Македонија, по заканите на Ахмети. “Швајцарскиот модел“ на Фрчкоски примен со резерви.

https://p.dw.com/p/134tX
Никола Груевски и Штефан ФилеФотографија: MIA

Македонско-грчките преговори се замрзнати повеќе месеци. Премиерот Папандреу е преокупиран со драматичноста на економската криза во својата земја, додека Груевски и јавноста во Скопје се разочарани од поигрувањето на Брисел со придавката македонски во извештајот на ЕК. Резултат од таквата политичка резигнација е сондажата на Институтот за демократија според која кај Македонците радикално паѓа евроентузијазмот. По стоте денови власт од новиот мандат, шефот на Владата ЕУ и НАТО не ги ни  спомена како идни или континуирани стратешки приоритети.

„Врвен стратешки приоритет е економски раст, подобрување на стандардот и привлекување странски инвестиции“, кажа Груевски во Фејсбук-обраќањето до македонската јавност. Во дел од неа таквата реакција на премиерот е логична перцепција на односите меѓу Скопје и Брисел, други критичари велат дека нема македонска иницијатива, трети дека во вакви услови на немоќна Грција и неможе да се очекува спорот за името да биде дипломатски приоритет за Атина.

Но дали Македонија го напушта евроатланскиот курс?

Не!-категорични се сите консултирани соговорници на ДВ. Меѓу нив и аналитичарот Владимир Мисев.

„Македонските политичари, пред се од ВМРО-ДПМНЕ и самиот премиер имаат пореалистичен пристап кон евро-атланските интеграции, свесни дека ЕУ минува низ тежок период, при што проширувањето не е приоритетна агенда на Брисел“.

Vladimir Misev
Владимир МисевФотографија: Vladimir Misev

Според Мисев, директор на Институтот за демократија во Македонија, проевропското расположение на граѓаните е сеуште највисоко во регионот.

Тирански иницијативи

„Видовме дека се предизвика реакција, а ние не сакаме да се наруши имиџот на ЕУ. Во земјата има највисока поддршка за ЕУ и не сакаме тоа да го изгубиме“, оцени Јоргос Шацирмакакис, копреседавач на Мешовитиот комитет за соработка меѓу Скопје и Брисел. Парламентарците се обидуваат да изнајдат модел и формулација како да се вратат македонските идентитетски атрибути во официјалните реакции на ЕК.

„Нема индикации дека во Македонија ќе се појави засилен евроскептицизам во наредниот период“,  неодамна за ДВ процени универзитетскиот професор Ветон Латифи.

Но и покрај овие експертски погледи, изненадувачка е медиумска иницијативност на македонски политичари преку Тирана. Најпрвин лидерот на ДУИ Али Ахмети изјави дека нерешавањето на спорот околу името и деблокадата во ЕУ И НАТО може да преизвика и немири во Македонија. За Мисев таквото застрашување од Али Ахмети нема реална основа, а неговата закана е за домашна употреба.

„Што побрзото решавање на спорот околу името е од интерес за сите граѓани, не само за Албанците“.

Широка македонско-албанска коалиција

Од друга страна професор Имер Исмаили оценува дека Ахмети мора да излезе од чаурата на некритично лојален партнер на Премиерот Груевски.

„Ако продолжи со ваквиот начин на активност во Владата и сервилност, тогаш Али Ахмети ја губи смислата за политичко дејствување кај Албанците на кои им вети брз прием на Македонија во ЕУ и НАТО“.

Ljubomir Frckoski
Љубомир ФрчкоскиФотографија: Ljubomir Frckoski

Екс-министерот за надворешни Слободан Чашуле, по разговори со неколкумина неименувани интелектуалци во албанската средина изјави дека „ мислечките луѓе кај Албанците се свесни дека тие неможе да ја дочуваат Македонија како и нивна држава ако се изгубат белезите на македонскиот идентитет“.

Претседателскиот кандидат на СДСМ, професорот Љубомир Фрчкоски, исто така преку албанските медиуми во Тирана, деновиве излезе со размисла дека и во решавањето на спорот за името е неопходна голема владина македонско-албанска коалиција 2+2, во која преку нов договор и ротирачко председавање и Албанец би бил македонски премиер.

„Не треба секоја идеја од ваков тип да се отфрла, треба да се прими со позитивна енергија и потоа да се разговара за нејзината реалност“, оценува политикологот Имер Исмаили. Според него, идејата на професорот Фрчкоски засега не е реална и брзо остварлива, зашто меѓуетничките  партнерства сеуште базираат на партиска лукративност, а не на меѓунационална доверба.

Автор: Александар Чомовски

Редактор: Борис Георгиевски