1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ и Западен Балкан - како натаму?

28 март 2009

Проширувањето на ЕУ и перспективите за влез на земјите од Западен Балкан е темата на која денеска (28.03.2009) министрите за надворешни работи на ЕУ разговараат во Хлубока на Влтава.

https://p.dw.com/p/HLdB
Фотографија: European Communities

Освен Балканот, на средбата во Хлубока се и прашањата за односот на ЕУ кон Белорусија, состојбите на Блискиот исток и економската криза. И, пред се‘ - европскиот реформски процес и владината криза во Чешка.

Кулисите како од бајка на замокот Фрауенберг не можат да го одвратат вниманието од владината криза во Прага. Тоа не е официјална тема за дискусија, но министрите за надворешни работи се загрижени околу раководството на ЕУ и ратификацијата на Лисабонскиот договор, кој би можел да пропадне. Италијанскиот министер за надворешни работи, Франко Фратини, вели: „Мислам дека би било катастрофа да се продолжи со слабо претседателство. Мора да му дадеме поддршка на чешкото претседателство до крајот на јуни. Потребно ни‘ е претседателство кое е способно да води низ процесите, и пред се‘, како што Чешката Република и прави - да го организира првиот самит на претседателот Обама и шефовите на држави и влади на ЕУ.“

EU Tschechien Flaggen
ЕУ треба да и‘ даде поддршка на Чешка, зашто е потребно силно претседателство до крајот на јуниФотографија: AP/ DW Montage

Повеќе војници за Авганистан и цивилен ангажман

Една од официјалните теми на конференцијата е европскиот ангажман во Авганистан. Европејците ја поздравија новата стратегија на американскиот претседател Барак Обама за Авганистан. Тој најави значително зголемување на бројот на војници и очекува и Европејците да сторат повеќе. Но, според зборовите на германскиот министер за надворешни работи, Франк Валтер Штајнмаер, САД се приближиле до земји како Германија, кои уште од почетокот на мисијата се залагаат за баланс меѓу воената и цивилната компонента и обуката: „Сега се работи за тоа да ги обучиме авганистанските безбедносни сили за што е можно побргу и што е можно подолготрајно самите да ги преземаат безбедносните задачи. Тука се вбројува обуката и опремата на авганистанската полиција и се разбира - обука и опремување на авганистанската армија.“

Symbolbild EU Nahost Flagge und Karte
Од сегашниот мировен процес на Блискиот исток не смее да се отстапуваФотографија: picture-alliance/ dpa/AP Graphics/DW

Како со Израел?

Европските влади се вознемирени поради најавената десноориентирана израелска влада со Бенјамин Нетанјаху и можните последици од тоа по односот со Палестинците. Нетанјаху отфрла решение за блискоисточниот конфликт кое опфаќа постоење две држави, за што се залагаат ЕУ и САД. Министерот за надворешни работи на Луксембург, Жан Аселборн го сумира она што во своите изјави го изразија многу негови колеги: „Односите со Израел ќе страдаат многу доколку Израел, израелската влада, навистина сака да го напушти овој мировен процес.“

Се‘ уште не е јасно дали ЕУ на основачкиот самит на т.н. источно партнерство со шест поранешни советски републики ќе го покани и белорускиот претседател, Александер Лукашенко. ЕУ, имено, има намера да ги приврзе поблиску до себе Белорусија, Украина, Молдавија, Грузија, Азарбејџан и Ерменија и се надева дека тоа партнерство ќе обезбеди повеќе демократија и стабилност во регионот, но и поголема енергетска сигурност за Унијата.

Автор: Кристоф Хаселбах / Елизабета Милошевска Фиданоска

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема