1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ и бегалците: Сите како Орбан

Бернд Ригерт
9 март 2017

Затворањето на непожелните дојденци во центри во кои мора да останат до решавањето на нивното барање за азил е цинична последица на политиката на ЕУ како тврдина, смета Бернд Ригерт

https://p.dw.com/p/2Ysnr
Ungarn - Grenzzaun gegen Flüchtlinge und Migranten
Фотографија: Reuters/L. Balogh

Пред една година, ЕУ ја затвори Балканската рута за бегалци, а потоа со Турција направи договор новодојдените мигранти или сириски воени бегалци од Грција да се враќаат во Турција. Набрзо настапи саканиот ефект: бројот на бегалци драстично се намали. На криумчарите им опадна работата. Застрашувањето функционира.

Надворешната граница на југоистокот на ЕУ е повторно „заштитена“, што се споменува и во бројните изјави на шефовите на држави или на влади. „Илегалната миграција“ би требало да биде спречена. Копнената граница меѓу Турција и Грција како и меѓу Србија и Унгарија веќе пред тоа беше затворена со огради. Планот успеа.

Сега треба да се „заклучи“ Италија

„Европската тврдина“, меѓутоа не функционира меѓу Либија и Италија. Преку Средоземното море во минатата година во ЕУ дојдоа повеќе мигранти од кога било. Државите во ЕУ сакаат да го затворат и тој пат. И тоа се наоѓа во многу изјави кои ги следат нивните самити. И тука ЕУ се потпира на заплашување.

Заглавени на Балканот

Досега морнаричките единици на ЕУ спасуваа луѓе од старите чамци и ги префрлаа во Италија. Во иднина ќе ги враќаат во Северна Африка, или ќе спречат воопшто да излезат на море. Ако и тоа успее, тогаш „европската тврдина“ ќе биде перфектна. Тогаш практично за потенцијалните баратели на азил нема да има повеќе можност да стигнат до територијата на ЕУ по копнен или по морски пат.

Правото на азил се превора во фарса

Тоа што обидите за влез во ЕУ генерално се сметаат за нерегуларни, е последица на перверзниот карактер на правото на азил. Додуша, теоретски навистина е можно да се поднесе барање за азил. Но, само ако мигрантот навистина стапне на тлото на ЕУ. Но, ако се затворат надворешните граници, тогаш никој нема да дојде во ситуација да се повика на своето право на азил. Легален начин бегалците да дојдат во ЕУ е можен само како исклучок.

Ваков радикален пресврт во бегалската и политиката бараа- донесоа и спроведоа- сите 28 земји членки на ЕУ. Затоа и не треба да изненадува тоа што Европскиот суд на правдата размислува исто. Тој само го потврди она што во пракса го прават амбасадите на државите од ЕУ, кои не даваат визи на можните баратели на азил. Хуманитарни визи може, но и не мора, да се издаваат. Секоја земја членка на ЕУ сама одлучува за тоа. Затоа нема причина за морално згрозување поради постапките на Унгарија. Унгарскиот премиер смета дека доследно ја спроведува миграциската политика на ЕУ. Систематското затворање на барателите на азил, кое сега го воведе Унгарија, е можно според насоките на ЕУ- донесени во 2013 година- за постапување кон тие луѓе. Виктор Орбан, кој негува нетрпеливост кон странците, можеме единствено да го обвиниме дека тие насоки ги спроведува несразмерно остро. Во законот на ЕУ систематското затворање е предвидено како исклучок, не како правило. Но, правилата за исклучоци се толку нејасно дефинирани што тужбата против новата пракса на Унгарија не би имала шанси за успех. Додуша, во Унгарија во моментов се наоѓаат само 600 баратели на азил. Тоа е смешно мал број во споредба со оној во Италија, Грција, Австрија или во Германија.

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт, автор на коментарот

Унгарија не е едниствена...

И во другите земји од ЕУ систематското затворање или притворање на барателите на азил е можно додека трае решавањето на нивните барања за азил или откако таквите барања бидат одбиени. И тоа се прави. Во Грција, на пример, мигрантите кои бараат азил мораат да престојуваат на егејските острови и не смеат да ги напуштат прифатните центри- откако е постигнат договорот за бегалците со Турција.

Во Италија новата влада сака да притвори повеќе баратели на азил на Сицилија за да може побрзо да ги протера. Во моментов Италија го има најголемиот товар кога станува збор за бројот на нови мигранти. Затоа во ЕУ се покажува разбирање за таа мерка. И во Германија е тоа можно. Досега, на пример, во транзитните зони на аеродромите се практикува проверка на барањата за азил по кратка постапка. Во новите прифатни центри во близина на границите сега барањата, исто така, се решаваат во рок од 48 часа. А додека решението не се издаде, мигрантите не смеат да ги напуштат центрите во кои се наоѓаат.

 

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија