1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ бара „европски дух“ од Србија

15 ноември 2011

Иако земјите членки се’ уште немаат консензус за кандидатурата на Србија, сепак сите се сложуваат дека од земјите кои сакаат членство во ЕУ се очекува „европски дух“, што подразбира соработка, а не конфронтирање.

https://p.dw.com/p/13AgZ
ЕУ сака да види соработка, наместо конфронтацијаФотографија: AP

Враќањето на дијалогот со Приштина, но и остварување напредок во добрососедските односи и слободното движење на Косово се споменуваат како предуслови за давање на зелено светло на кандидатскиот статус на Србија. ЕУ се надева дека многу скоро ќе дојде до следен круг преговори меѓу Белград и Приштина.

Boris Tadic Kathrin Ashton in Brüssel
Кетрин Ештон верува во лидерските способности на Борис ТадиќФотографија: Marina Maksimovic

По тој повод претставничката на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, Кетрин Ештон вели дека верува во лидерските способности на претседателот на Србија, Борис Тадиќ, како и дека Тадиќ искрено сака да ја види Србија во ЕУ.

„Се надевам дека следните денови и недели ќе видиме дека таа посветеност се остварува. Не е лесно да се биде на чело на држава, а лидерството во тие услови значи дека тој мора долгорочниот интерес на својот народ, а сметам дека тоа е членството во ЕУ, да го постави како приоритет. Ако тоа може да го направи, ЕУ ќе му помогне“, нагласува Ештон.

Враќање на дијалогот и конкретно поместување

Иако темата за давање на статусот кандидат на Србија за членство во ЕУ треба да се најде на дневниот ред на декемвриското заседавање на Европскиот совет, како на оној со министрите за надворешни работи, така и на тој со лидерите од земјите од ЕУ, сепак во Брисел може неофицијално да се слушне дека покрај „клучниот приоритет“ – обновување на дијалогот меѓу Белград и Приштина, ЕУ сака да види и конкретни поместувања во правец на отстранување на барикадите и овозможување на слободно движење на северот од Косово.

Fotomontage Flaggen Serbien EU Symbolbild NO FLASH
На Србија и останатите земји од Западен Балкан им се порачува дека нема попусти во евроинтеграциитеФотографија: AP/DW

Кооперација, а не конфронтација

И германскиот министер за надворешни работи, Гидо Вестервеле нагласува дека добрососедските односи се еден од европските критериуми кои Србија мора да ги исполни. Вестервеле уверува дека Германија го поддржува проширувањето на ЕУ кон земјите од Западен Балкан, но и дека нема да дозволи никакви „попусти“ на тој пат.

„Сакам јасно да дадам на знаење дека од оние кои сакаат да влезат во ЕУ очекуваме и да покажат европски дух. Тоа значи кооперација, а не конфронтација. Од тоа зависи нашата поддршка и нивниот напредок“, потенцира Вестервеле.

Германскиот шеф на дипломатијата нагласува дека територијалниот интегритет на Косово за Германија е „надвор од секоја дискусија“, како и дека тоа ќе биде земено во обзир за време на носењето на одлуката во декември.

„Територијалниот интегритет не се доведува во прашање, дури ни од страна на оние кои не го признале Косово. Дури и тие што не го признале се согласуваат со нас дека спорот мора да се реши со соработка и преговори, а не со конфронтација“, заклучува германскиот министер за надворешни работи, Гидо Вестервеле.

Автор: Марина Максимовиќ/ Александар Методијев

Редактор: Александра Трајковска