1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Ердоган се бори да остане на власт

Еркан Арикан
25 октомври 2021

Турскиот претседател сака да протера десет амбасадори бидејќи се залагале за ослободување на Осман Кавала. Со тоа Ердоган сака да го одвлече вниманието од внатрешно-политичките проблеми, смета Еркан Арикан.

https://p.dw.com/p/428bu
Прогласи 10 амбасадори за персона нон грата: Турскиот претседател Ердоган
Прогласи 10 амбасадори за персона нон грата: Турскиот претседател ЕрдоганФотографија: Murat Cetinmuhurdar/Turkish Presidency/AA/picture alliance

Секојпат кога повторно има проблем во турската економија, секојпат кога Турција поради некоја причина повторно е на насловните страници, само прашање на време е кога ќе следи некаква сосем неразумна реакција од турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган - како впрочем и неодамна, на еден настан во Западна Турција. Таму објави дека му наложил на Министерството за надворешни работи да протера десет амбасадори бидејќи тие се залагале за ослободување на филантропот Осман Кавала.

Јасно е дека Ердоган не само што сака конфликт со Западот, туку и му е потребен. Зошто инаку би се замерил со неговите најважни НАТО партнери – САД, Франција и пред се Германија? Дотолку потрагично во однос на Германија е тоа што пред една недела германската канцеларка Ангела Меркел при посетата на Истанбул имаше само пофални зборови за германско-турските односи. Се чини дека од обете страни тоа сепак биле само зборови.

Стратегија на одвлекување внимание – Западот е секогаш виновен

Турскиот претседател повторно употреби веќе испробана тактика за одвлекување на внимание. Последните анкети покажуваат дека партијата АКП на Ердоган има огромен пад на поддршката. Само речиси 30% од анкетираните би му ги дале гласовите на турскиот претседател. На ваквите лоши вести, Ердоган реагираше со тешки навреди кон опозициските партии. Потоа, минатиот четврток Меѓународната агенција против перење пари, ФАТФ, објави дека ја става Анкара во визирот.

Еркан Арикан, автор на коментарот
Еркан Арикан, автор на коментаротФотографија: DW/B. Scheid

Оваа одлука влијаше со благ пад на валутата на турската берза. Но, кога турската Централна Банка повторно ненадејно и изненадувачки ја намали основната каматна стапка, девизниот курс колабираше, а турската лира доживеа таков пад каков што немало со децении. Повторно се виде дека колку е посилен внатрешно-политичкиот притисок врз Ердоган, толку е пожестока неговата реакција и таа е секогаш насочена кон Западот. Апелот на десетте амбасадори во Турција му дојде како нарачан.

Силниот човек во очајна ситуација

Не е прв пат Ердоган да влезе во клинч со Западот. Но, овојпат според мене навистина отиде предалеку. Осман Кавала беше затворен пред повеќе од четири години под лажни обвинувања дека ги подржувал протестите во Гази паркот од 2013 година. Еден суд го ослободи, но неколку часа подоцна друг суд повторно го осуди оти наводно бил еден од главните организатори во обидот за пуч против Ердоган во 2016 година. Повеќе од очигледно е дека ова обвинување е лажно.

И Европскиот суд за човекови права пресуди дека нема причини Кавала да остане зад решетки и побара негово ослободување. Ердоган го отфрли барањето поради што и турскиот суд остана на својата пресуда. Ова е само уште една потврда дека судовите работат под диктат на Ердоган. Нема ни трага од независното судство кое Ердоган често милува да го спомене.

Ја губи поддршката од младите гласачи

Особено паѓа в очи дека младите луѓе под 25 години се одлучуваат за други партии, наспроти партијата на претседателот. Невработеноста расте, бегалците кои во Турција народот во меѓувреме ги перцепира како закана, а претседателот со видно нарушено здравје веќе не оддава слика како на херој како некогаш. Во блиска иднина Турција е исправена пред две важни прашања: можат ли опозициските партии да го задржат единството до претседателските избори кои треба да се одржат во 2023? Ако одговорот е да, тогаш Ердоган ќе има мака да биде реизбран. Но, ако опозицијата се подели, тоа ќе му оди во прилог на Ердоган.

Што и да носи иднината, турскиот претседател има полни раце работа и во сегашноста за да не ги налути уште повеќе своите западни сојузници.