1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мафијашкиот скандал станува сѐ поопасен за Ердоган

Даниел Белут
2 јуни 2021

Мафијашот Седат Пекер открива врски на турската влада со подземјето. Во ново видео тој зборува за илегален бизнис со оружје помеѓу Анкара и исламистичките милиции.

https://p.dw.com/p/3uK28
Türkei | Pressekonferenz Erdogan
Фотографија: DHA

Мафијашот Седат Пекер предизвика внимание со своите видеопораки на социјалните мрежи. Тој на Јутјуб објави повеќе видеа и секое од нив стана вирално и ги диктира насловите во турските медиуми. Во своите обраќања гангстерот упатува ужасни обвинувања на сметка на познати политичари од владејачката партија, тврдејќи дека се замешани во убиства, силување, трговија со дрога, злоупотреба на моќта и многу други криминални активности.

49-годишниот Седат Пекер ѝ е одамна познат на турската јавност. Тој важи за влијателен во турското подземје, беше суден за обиство, обид за убиство и киднапирање и беше осуден за создавање „злосторничко здружение“. Пекер во 2020 година прво побегна во балканските земји. Според неговите тврдења сега се наоѓа во Дубаи.

Повеќе:

Турција: Седат Пекер станува закана за Ердоган

Седат Пекер: Гангстерот кој сакаше да стане кум

Оружје за Ал-Нусра Фронт

Во своето осмо видео тој ја обвинува турската влада дека во 2014 година илегално ѝ доставила оружје на џихадистичката милиција Ал-Нусра Фронт. Терористичката организација се бори во сириската граѓанска војна против властодржецот Башар ал-Асад и неговата армија.

Обвинувањето го упатува поврзано со лична анегдота и вели дека во тоа време бил во контакт со владини претставници кои требало да му помогнат да достави помош за туркменските бунтовници во северна Сирија. Но, работите најверојатно се развивале поинаку отколку што Пекер тоа си го претпоставувал. Дел од камионите кои под негово име тргнале во правец на Сирија биле, како што вели, наполнети со оружје и муниција и не биле наменети за туркменските бунтовници, туку биле упатени кон претставници на Ал-Нусра Фронт. Мафијашкиот шеф дополнува дека пратката со оружје била организирана од страна на безбедносната и воена компанија САДАТ, која е блиска до турската влада. Основачот на компанијата, Аднан Танриверди е поранешен советник за безбедност на турскиот претседател Ердоган. САДАТ во меѓувреме ги отфрли ваквите тврдења на Пекер.

Sedat Peker, türkischer Mafia Boss in Exil
Седат Пекер досега објави осум видеаФотографија: Anka

За шверц на оружје известуваше и новинарот во егзил Дундар

Пораката на Пекер е скокотлива и поради тоа што во Турција одамна се вртат информации дека Анкара е вмешана во бизниси со оружје со исламистички екстремисти. Џан Дундар, поранешен главен уредник на опозицискиот весник Џумхуриет, кој е во егзил во Германија, предизвика возбуда во турската јавност кога во 2015 година известуваше за наводен шверц на оружје, при што турската тајна служба МИТ им доставувала оружје и муниција на екстремистите во Сирија.

Таквите тврдења му се одмаздија на Дундар, кој денес живее во Берлин. Тој беше уапсен во Турција и ја загуби позицијата на главен уредник пред да ја напушти татковината во јули 2016 година. За да избегне затвор, побегна во егзил во Германија. Во декември 2020 година Дундар во отсуство беше осуден на 18 години и девет месеци затвор поради шпионажа и на уште 8 години и девет месеци затвор за поддржување терористичка организација. Меѓутоа, конечна одлука од страна на Врховниот суд сѐ уште не е донесена.

Доказите на Пекер будат надеж дека судскиот процес против Дундар би можел да почне одново. Џан Дундар, меѓутоа, за ДВ изјави дека нема преголеми надежи. „Од правосуден систем каков што тој е во моментов не може да се очекуваат сериозни чекори“, оценува тој.

Can Dündar Deutsche Welle Global Media Forum SHIFTING POWERS
Џан Дундар сега живее во егзил во ГерманијаФотографија: Malte Ossowski/SvenSimon/picture alliance

„Заслужуваш да умреш“

Фактот дека токму мафијашки шеф би можел да придонесе за олеснување во случајот Дундар, е чуден пресврт во целиот случај. Според наводи на Дундар, тој поради своите информации за наводен шверц со оружје од страна на турската тајна служба МИТ добил порака од мафијашот со зборовите: „Ти ја предаде нацијата. Затоа, заслужуваш да умреш.“ Во тоа време Пекер сѐ уште бил приврзаник на турската влада. „Многумина се смеат на тоа дека нашиот извештај за МИТ-камионите сега е верифициран од страна на водач на организиран криминал.“ Изјавите се особено ефектни поради тоа што откритијата доаѓаат од еден инсајдер.

Дундар е уверен дека обвинувањата на Пекер за цел го имаат директно претседателот Ердоган. „Она што ме изненади во видеото е што тој постави директна врска со Претседателската палата.“ Многу детали (за доставувањето оружје) беа познати и пред откритијата на Пекер. „Но, никој не се осмели да прикаже поврзаност со Ердоган.“ Пекер во своето видео именува релевантни лица кои имаат врски со Претседателската палата, вели Дундар.

Kombobild Sedat Peker und Süleyman Soylu
Мафијашот Седат Пекер (л.) упати повеќе обвинувања на сметка на турскиот министер за внатрешни работи Сулејман Сојлу (д.)

Ердоган во визирот на Пекер

Јутјуб-настапот на Пекер значи натамошна штета за имиџот на Реџеп Таип Ердоган. Долго време турскиот претседател молчеше во врска со тврдењата на шефот од подземјето, изјави за откритијата даваше само спорадично. Со недели се шпекулира зошто Претседателот, кој вообичаено го кажува своето мислење, сега е воздржан. И Дундар забележува дека „Ердоган бил многу трпелив и секогаш одмерувал што ќе каже за него“.

Мафијашкиот шеф Пекер предизвика политички земјотрес со осумте видеа. Наредното видео, најавено за недела, се очекува со особено големо внимание. Тој најави дека она што ќе го каже во следното видео ќе оди директно на адреса на турскиот претседател.

Се очекува пресметка со Ердоган, со кого тој всушност би требало да има добар однос. Во своето видео тој Претседателот  го нарекува  „аби“, што во превод значи „постар брат“. Мафијашот со недели во своите видеа го соочуваше турскиот министер за внатрешни работи Сулејман Сојлу со повеќе обвинувања. Откако воздухот околу Сојлу стана редок и барањата на опозицијата за негова оставка стануваа сѐ погласни, Ердоган конечно се солидаризираше и рече: „Ние стоиме зад нашиот министер.“ Очигледно - провокација за Пекер. Тој најави дека во недела ќе открие во каков однос е тој со турскиот претседател.