1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Епохална кризна година

Александер Кудашеф / превод: З. Јордановски26 ноември 2015

Соборувањето на само еден борбен авион стана доминантна тема во светската политика. Тоа потсетува на Студената војна и е индиција колку е заплеткана ситуацијата во светот, смета Александер Кудашеф, главен уредник на ДВ.

https://p.dw.com/p/1HCNT
Фотографија: picture-alliance/dpa/Anadolu Agency

Светската политика во моментов е буре барут. Речиси секојдневно се поместуваат фронтовите и линиите. Конфронтацијата е се’ поголема - меѓу регионалните, но и меѓу големите сили. Соборувањето на рускиот бомбардер од страна на Турција - се’ едно дали над сириска или над турска територија - покажува колку се напнати нервите насекаде, колку жешка, дури и експлозивна е ситуацијата во моментов.

Турција реагира алергично на воздушната војна на Русија против сириската опозиција и истовремено против ИД (Исламската држава). Таа реагира особено чувствително оти смета дека Русија целно ги напаѓа туркменските бунтовници кои се борат против сирискиот претседател Асад. Со тоа Русија ја погодува онаа Турција, за која голема цел останува некој идеален сојуз на народите со турски корења. Онаа Турција, која себе си се гледа и како сојзник на сите противници на Асад и поради тоа долго го прифаќаше победничкиот поход на ИД. Предолго, како што е денес јасно - и тоa не по нападите во Париз, туку уште по нападите во самата Турција.

Отпор против Русија, но истовременo и таа да се придобие за сојузник

НАТО мора да реагира, но тоа го прави колку солидарно со Турција, исто толку и деескалирачки во тонот и ставот спрема Москва. Во и онака непрегледната ситуација во и околу Сирија никој не сака дури ни со зборови да дотура масло во огнот. Оти, и покрај соборувањето на рускиот бомбардер, Западот уште се надева дека заедно со Русија ќе може да и’ се стави крај - воено и политички - на сириската граѓанска војна, која истовремено во заднина е и судир на интересите на големите сили. За тоа е потребна Русија, но мора да се прифати и Асад - за западните земји во најдобар случај само како преодно решение, оти главна цел е ИД, посебно по нападите во Париз, но и во Бејрут и Бамако. Исламскиот тероризам пушта краци како октопод во сите правци.

Kudascheff Alexander Kommentarbild App
Александер Кудашеф, главен уредник на ДВ

Во моментов тој претставува најголем воен и политички предизвик за светската политика. Но, нејзините интереси се повеќе од различни: францускиот претседател Оланд сака да оркестрира заеднички поход против ИД, но партнерите се колебливи. САД вршат напади од воздух, но не сакаат да бидат вовлечени во политичката и идеолошка мешаница на сириска почва - иако во Пентагон, се разбира, знаат дека на крајот не ќе може да се избегне и ангажман на копнени трупи, ако е целта да се уништи ИД. Но, претседателот Обама ни на сон не помислува на копнени трупи. А големите регионални сили Саудиска Арабија и Иран, покрај тоа, имаат и сопствени интереси за обезбедување превласт и нивните намери не се совпаѓаат ни во најминимална мера.

Каква улога може и мора да игра Германија?

Поради тоа Франсоа Оланд ги замоли за помош и Европејците. Реакцијата беше дури и реторички воздржана. Пред Германија, најблискиот сојузник на Франција, се поставуваат непријатни прашања: Како сака и првенствено како може да се поддржи Париз? Сигурно не во Сирија, туку побргу со растоварување на Франција на мeста каде таа е војнички ангажирана, на пример во Мали. Сојузната влада има намера токму тоа да го понуди, а Бундесверот може да одговори на таа задача - но германското население е скептично дури и во однос на тоа. Германско-францускиот сојуз е ставен на најтешка проба за потврдување.

Светската политика западна во хаос. Односите се непрегледни. Покрај терористичката закана од страна на ИД, и долготрајната, нерешена бегалска криза ја остава без здив Европа, но и многу други делови на светот. И тоа сосем практично, оти државните институции веќе речиси и не знаат како да излезат на крај со секојдневните проблеми. И уште и со последици за иднината, оти никој не знае како можат да бидат интегрирани милиони луѓе од други културни кругови и други традиции. Оваа 2015. е епохална кризна година - а уште не е ни завршена.