Епидемија на мали сипаници: Како да се заштитат бебињата?
10 мај 2019Кога ќеркичката на Џесика имала девет месеци, додека биле на лекар одеднаш ги префрлиле од чекалница во посебна соба. Причина: во ординацијата било донесено дете заразено со сипаници.
„Можевме да ја напуштиме собата само откако сѐ беше добро проветрено и дезинфицирано“, раскажува Џесика. Случка која многу ѝ влијаела на оваа млада мајка. „Дури и само чувство да знаете дека во близина на моето бебе, кое сѐ уште не е под заштита, има дете со сипаници, е ужасно. Потоа секој ден ја проверував ќерка ми од страв да не се заразила со сипаници."
За среќа тоа не се случило. Тоа бебе денес има 18 месеци, навреме е вакцинирано и доволно пораснато за да оди во градинка, но Џесика сака да почека уште некое време, бидејќи наскоро го очекува своето второ дете. Додека не дојде време да се вакцинира и тоа бебе, таа не сака да биде изложена на ризик. „Јасно ми е дека бебето може да се инфицира каде било. Но, едноставно, преголем ми е ризикот од контакт со мали сипаници во градинка.“
Исто како Џесика се чувствуваат и други родители чии деца се уште мали за да ја примат првата вакцина против сипаници. Таа во Германија се дава помеѓу 11. и 14. месец.
Сѐ дотогаш некои родители не ги мешаат децата со други бебиња и избегнуваат посета на пријатели кои имаат деца што одат во училиште или градинка. Дали е ова претерано?
Главни преносители се постари деца, младинци и возрасни
Да, вели педијатарот од Берлин, д-р Мартин Терхарт. За разлика од останатите земји, бројот на случаи со мали сипаници во Германија во последниве години е во опаѓање и во моментов е на релативно ниско ниво.
И покрај тоа, тој има разбирање за загриженоста на родители како Џесика, бидејќи болеста е многу заразна. „Мали сипаници се во групата на најзаразни болести. Доволно е само да сте во иста просторија со инфициран за да се заразите без да имате директен контакт. Има наоди кои покажуваат дека од 100 луѓе, на тој начин биле заразени 95. Тоа не е случај кај други болести“, појаснува педијатарот. Но мора да бидете во затворена просторија.
Токму како што била Џесика со нејзината мала ќеркичка во ординацијата – место каде што се пренесуваат голем број инфекции. Во времето на големата епидемија која се случи во Берлин во 2015 година беше исто така препорачано невакцинираните мали деца да не ги возат во јавниот транспорт, пред сѐ да се избегнува превоз со трамвај.
Тогаш беше заклучено дека пренесувањето на малите сипаници е преку возрасни, а не преку деца. „Болеста пред сѐ се рашири кај поголемите деца, постари тинејџери и возрасни лица. Тогаш исто така многу деца беа заразени во педијатарските ординации од тинејџери“, вели доктор Терхарт.
Дали може вакцинацијата да се спроведе порано?
Во случај на големи епидемии вакцинирањето може да биде спроведено порано. „Вакцините се проверени и во Германија и Европа е дозволена вакцинација најрано по деветтиот месец“, вели педијатарот Терхарт.
Покрај тоа што работи во својата ординација во Берлин, од 2011. тој е член и на Постојаната комисија за вакцинација (СтИКо), која во Германија е задолжена за подготовка на препораките за вакцинација. „Ние вакцинираме според германските правилници, но има земји во развој во кои вакцината против мали сипаници, а не комбинацијата (коај вообичаено се дава во Германија), се дава веќе по шест месеци. За деца под шестмесечна ворзаст практично нема искуства во светот."
Колку е помало детето што се вакцинира, толку е поголема опасноста дека кај него може евентуално да постои сѐ уште неоткриена имунолошка слабост. За ваквите деца (со имунолошка слабост, н.з.) вакцинација против мали сипаници би била опасна, бидејќи се работи за жива вакцина со ослабен вирус.
И уште една работа која зборува против вакцинација на многу мали деца е „пасивниот“ имунитет од мајката. Тој се состои од мајчините антитела кои бебето ги добива преку плацентата и така е заштитено од инфекции во првите месеци по раѓањето. „Ако на пример во случај на епидемија детето се вакцинира веќе меѓу шест и девет месеци, што во Германија не е дозволено, не можете да бидете сигурни дека вакцинацијата ќе обезбеди дополнителна заштита. Антителата на мајката може да ја неутрализираат вакцината“, вели Терхарт.
Пасивниот имунитет станува послаб
Таквиот „позајмен“ имунитет кој ги штити малите деца од болести, денес веќе не е толку изразен како порано. Виновник за тоа - парадоксално - е токму вакцинацијата на мајката. Вакцинирани мајки во просек пренесуваат помал број антитела на децата отколку мајките кои прележале мали сипаници. Онаа која ниту била вакцинирана ниту прележала сипаници, некогаш не може да пренесе никаква заштита на детето.
„Тоа е голем проблем и причина зошто имаме релативно многу случаи во кои и мали деца се заразуваат“, вели педијатарот.
Затоа во СтИКо размислувале малку да го поместат понапред првото вакцинирање кое засега е предвидено на 11-месечна возраст. Тоа би било опција која за Џесика доаѓа предвид за нејзиното второ дете: „Бебето би си го вакцинирала рано ако е тоа можно, затоа што сакам да посетувам активности на кои ќе бидат присутни и постарите деца.“
Повеќе:
Германија парично ќе ги казнува родителите на невакцинираните деца
Растечка опасност од морбили во светот
Зошто сипаниците се толку смртоносни и вакцинацијата толку важна?
Најефективна заштита е голема покриеност со вакцинација
Дали некогаш ќе се дозволи порано да се вакцинираат бебиња, според Терхарт, е под знак прашалник. „Уште не сме до тој степен, бидејќи мораме внимателно да консултираме секаква стручна литература и да побараме докази пред да препорачаме такв нешто на населението, но уште не сме дошле до таа точка."
За да може родителите на мали деца да се чувствуваат безбедно во јавен простор важи пред сѐ едно правило: секој кој е доволно возрасен и здрав за да се вакцинира, треба тоа да го стори. Тоа особено важи за жени кои планираат да останат бремени. „Тие во секој случај треба да си ја проверат книшката со вакцините и да разговараат со својот лекар или да го натераат да им каже дали заштитата од мали сипаници треба да биде освежена или проверена. Во бременоста веќе е доцна. Гинеколозите мора да се вклучат во оваа тема!"
Истото важи и за сите други лекари. Вакцинацијата мора да стане приоритет. Дупки во заштитата има и кај возрасни лица, не само кај деца, и тие мора најитно да бидат затворени.
До средината на август, според информации наинститутот „Роберт Кох“, во Германија се забележани 392 случаи на заразени од морбили. Само 25 од нив се деца на возраст под една година. Мартин Терхарт на новопечените родители во Германија им препорачува да бидат опуштени, бидејќи „во Германија немаме голем број на заболени од мали сипаници", нагласува тој. За време на епидемија треба да се биде повнимателен и ако се оди со мали деца на лекар да се најави посетата и да се побара посебна просторија за чекање.