ЕП препорача старт на преговорите со Македонија
26 ноември 2009Европратениците го повикуваат Советот на Европската унија за време на декемврискиот самит да делува во согласност со препораката на Комисијата, која предвидува преговорите со Македонија да започнат наскоро со надеж дека ќе бидат изнајдени задоволувачки решенија за сите страни за прашањата кои се’ уште не се решени со соседните земји, посебно спорот околу името со Грција.
Владите на двете земји се повикани да ги зголемат напорите за да се постигне решение. Европарламентот потсетува на важноста на добрососедските односи и ја повикува македонската влада да биде чувствителна на прашањата кои се однесуваат на соседите.
Европратениците како позитивен придонес за регионалната стабилност го оценија неодамнешното воспоставување дипломатски односи меѓу Македонија и Косово, како и склучувањето на договорот за физичка демаркација на границата.
Во документот се повикуваат властите во Македонија да продолжат со реформските процеси, особено во јавната администрација и правосудството, борбата против корупцијата, правата на жените и меѓуетничките односи вклучувајќи гаранции за правата на припадниците на сите етнички заедници и зголемување на нивното учество во јавната администрација.
Автор: Тони Гламчевски
Редактор: Александра Трајковска