ЕП за укинување на промената на сметање на времето
26 март 2019Европскиот парламент денеска ја поддржа предлог- директивата со која од 2021 година на ниво на ЕУ се укинува полугодишното поместување на времето, а на земјите членки им ја препушта одлуката дали ќе се определат за летно или за зимско сметање на времето.
Новата директива не значи автоматско укинување на летното сметање на времето во ЕУ ниту воведување на „единствено време“ во Европа, туку ја завршува праксата на усогласено поместување на времето на ниво на ЕУ и им овозможува на државите членки да одберат сопствен начин на сметање на времето.
Повеќе:
-Кога конечно ќе се укине промената на сметањето на времето?
-ЕК ќе предложи укинување на различното сметање на времето
Директивата е усвоена со 410 гласа „за“, 192 против и 51 воздржан, објавено е на интернет сајтот на Европскиот парламент. Новиот предлог ја става надвор од сила Директивата за летно сметање на времето, по која во последната недела од март се преминува на летно сметање на времето со поместување на сказалките еден час понапред, додека во последната недела во октомври се враќа на стандардното сметање на времето со поместување на стрелките еден час назад.
Промената на новата директива започнува на 1 април 2021 година, па последното заедничко поместување на времето би требало да биде последната недела во март 2021 година. Државите членки кои по тој период ќе се определат за т.н. зимско сметање на времето треба своите часовници дефинитивно да ги променат последната недела во октомври 2021 година.