1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕП: „Да се запре военоподбуцнувачката реторика на Шешељ“

Марина Максимовиќ/ Жана Ацеска27 ноември 2014

Резолуцијата на Европскиот парламент за „случајот Шешељ“ содржи најстрога осуда на говорот на омраза, повик Хаг да ја разгледа одлуката за негово пуштање на привремена слобода и Белград да се спротистави на таa реторика.

https://p.dw.com/p/1DuRp
Фотографија: picture-alliance/TASS/O. Toskich

Со резолуцијата под наслов „Србија: случај на обвинетиот воен злосторник Шешељ“ Европскиот парламент испраќа три основни пораки: првата е осуда на поттикнувањето омраза и охрабрувањето на територијални претензии, како и обид за дестабилизирање на регионот и свртување на Србија од нејзиниот европски пат од страна на Шешељ. Истовремено, ЕП го повикува Хашкиот трибунал „со оглед на новонастанатите околности“, да преземе соодветни мерки и да ја преиспита одлуката за пуштање на Шешељ на условна слобода. Покрај оваа порака кон Хаг, Стразбур го повикува и Белград да ги осуди и да се спротистави на изјавите на Шешељ.

Наведувајќи дека Шешељовите „политичка реторика, говорот на омраза, територијалните претензии кон Хрватска и БиХ и пропагирање на ’Голема Србија’ се не само навредливи, туку и насочени против жртвите и сведоците“, европскиот парламентарец и еден од предлагачите на оваа резолуција, Андреј Пленковиќ за Дојче веле изјави:

„Факт е оти Шешељ во политичката дебата во јавноста внесе реторика каква не сме виделе речиси две децении.Тој ја води Србија, но и нејзините соседи, во периодот за кој бевме длабоко уверени дека е далеку зад нас и нема да се повтори. Затоа ЕП сака веднаш да реагира, цврсто и јасно, за во старт да се запре било каква рефлексија на неговата реторика“.

За тоа дека националистичката реторика на Шешељ веќе извршила негативно влијание во БиХ, зборува и известувачот на ЕП за БиХ, Кристијан Дан Преда.

„Сметам дека се работи за многу проблематичен развој на ситуацијата, кој има силен емотивен удар врз сите кои ги поминаа страдањата на 90-те години. Ги видов реакциите од БиХ, огорченоста на жртвите, и целосно ги разбирам. Се плашам оти таквите изјави можат да имаат негативно влијание врз напорите вложени со цел помирување на Западен Балкан“, вели Преда за Дојче веле.

Европа има очекувања, но и ја поддржува Србија

Во ситуација кога ЕП најстрого го осудува неприфатливото и непримерно однесување на Воислав Шешељ, се нагласува и потребата од јасно реагирање на сите оние кои ги прифаќаат европските вредности и стандарди.

„Имајќи разбирање за европскиот пат на Србија и сакајќи тој да биде уште позацврстен, очекувам од страна на српските власти јасно да се дистанцираат од ваквата реторика и да ја осудат, а јавниот ангажман на Шешељ да не помине без никаква реакција, ни политичка, ни правна. Мене, но и ЕП, не‘ интересира дали тој со својата реторика ги крши српските закони“, оценува Пленковиќ за Дојче веле.

Feier für Seseljs Rückkehr nach Serbien
Митинг за поддршка на Шешељ по враќањетоФотографија: picture-alliance/dpa

Европските пратеници се едногласни во оценката-за реториката како онаа на Шешељ, нема место ни во Србија, но ни во Западен Балкан, а ниту во цела Европа. „Таа мора недвосмислено да биде осудена, што и го прават мнозинството граѓани на Србија и регионот“, вели за Дојче веле Едуард Кукан, претседател на Комисијата на ЕП за односи со Србија. Истовремено, известувачот на ЕП за Србија, Дејвид МекАлистер оценува дека Резолуцијата на ЕП за цел има „охрабрување“ на српските власти да го осудат „секое јавно претставување на говор на омраза и военоподбуцнувачка реторика“, како и да работат на промоција на заштита на малцинствата и културните права.

„Ги поддржуваме сите политички партии, невладини организации и поединци во Србија кои се борат против говорот на омраза. Затоа сакам да ги охрабрам сите луѓе да се спротистават на господин Шешељ“, истакнува МекАлистер во разговор за Дојче веле. На прашањето дали оваа Резолуција може да го загрози на кој било начин евроинтегративниот пат на Србија, тој додава:

„Србија јасно се посвети на својот проевропски правец. Таа е на пат кон Унијата и ние секогаш ќе ги поддржиме сите партии, поединци и организации кои сакаат да ја видат Србија во ЕУ. Затоа тука сме и за да ги осудиме лошите работи кои ги направи и ги зборува Шешељ“.

Колкава е и во што одговорноста на Трибуналот во Хаг?

Покрај на настапите на Шешељ, европарламентарците големо внимание му посветија и на чинот на пуштање на привремена слобода на обвинетиот за воени злосторства. Покрај повиците за преиспитување на одлуката за привремено ослободување поради однесувањето на Шешељ, ЕП го повикува Трибуналот да ги забрза завршните процедури во преостанатите случаи, потсетувајќи-изведувањето пред лицето на правдата на сите обвинети за воени злосторства е неопходен услов за траен процес на помирување.

Чарлс Танок, член на делегацијата на ЕП за односи со Србија, потсетува на фактот-Шешељ при привременото ослободување од здравствени причини, се обврза на неучествување во политички активности.

„Наместо тоа го гледаме на ултранационалистичките собири каде ги напаѓа НАТО и ЕУ, а ја брани Русија. Сето тоа не е добро, судот лошо постапи. Моите колеги од Хрватска бараат резолуција која тоа би го осудила, загрижени се поради ултранационалистичкиот демон на Радикалната партија на Србија и можноста од нејзино влијание врз стабилноста на Западен Балкан“.

Во Брисел по повод овој случај, но имајќи во вид и други „инциденти“ во регионот последните денови, нагласуваат-процесот на стабилизација и помирување на Балканот не е готов. И самиот Хашки трибунал бара водечка улога во процесот на помирување врз себе да преземат политичките и верски лидери во регионот. Има и такви кои во „случајот Шешељ“ не гледаат првенствено грижа за помирувањето на Западен Балкан. Така, во последната анализа на Меѓународниот институт за блискоисточни и балкански студии во привременото пуштање на слобода на Шешељ се гледа всушност притисок врз владата во Белград заради поцврста соработка со Западот, односно предупредување поради наклоноста на Србија кон Руската федерација и нејзиниот претседател Путин. Во истата анализа се поставува и прашањето: „Дали инсистирањето на хрватските пратеници на резолуција со осуда на Шешељ во ЕП не е вршење притисок врз Хашкиот трибунал за донесување ослободителна пресуда во случајот на Јадранко Прлиќ и босанско-херцеговската група“.