1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Катастрофи

Екстремно време ширум светот: меѓу пожари и поплави

Штефани Хепнер
10 август 2021

Летово 2021 година го бележат екстремни временски услови – суша и пожари во јужна Европа, Русија и Америка, големи поплави во Азија. Екстремните временски појави во иднина ќе се случуваат сѐ почесто.

https://p.dw.com/p/3ymJW
Griechenland | Waldbrände
Фотографија: NICOLAS ECONOMOU/REUTERS

Ветрот во понеделникот во многу краишта на Грција беше толку слаб, што не можеше натамошно да го шири огнот. Но, таа кратка оддишка за пожарникарите заврши, зашто настапи нов бран жештина со температури преку 40 степени Целзиусови и ситуацијата во земјата повторно се влоши.

Во Грција веќе со недели беснеат пожари, пред сѐ северно од Атина и на островот Евија. Додека во континенталниот дел на земјата пожарите полека се ставени под контрола, на Евија и на полуостровот Пелопонез пламените јазици не запираат. Но, и таму каде ситуацијата изгледа помирна, жариштата на пожарот можат пак да пламнат.

Многу луѓе изгубија сѐ што имаа. „Ова беше рај, со ретки видови дрвја и диви животни, а погледнете како изгледа сега, како на површината на Месечината, сѐ е пеплосано“, ѝ раскажува на репортерката на Дојче веле еден со пепел прекриен мештанин.

Изгореа огромни површини шума

Во врелите летни месеци, пожарите во Грција не се невообичаени, но размерите сепак се огроми. Според наводите на Европскиот информативен систем за шумски пожари, ЕФИС, во Грција до 5 август изгорела речиси двојно повеќе шума отколку што е годишниот просек во периодот од 2008. до 2020. година.

-повеќе: 

Проверка на факти: Колкаво глобално затоплување може да преживее Земјата?

Горат „зелените дробови“ на Атина

Европа гори: Четири причини зошто тоа се случува

Живееме во време на климатска криза

Причините за пожарите се повеќекратни: немарно фрлен опушок од цигара, парче стакло кое дејствува како лупа. Се зборува дека имало и подметнување пожари со намери да се создаде простор за изградба на нови куќи. Големата врелина го поттикнува огнот.

Сушите, пожарите и поплавите во многу делови од светот го отежнуваат животот. И во други средозменоморски земји како Северна Македонија, Италија, Турција, Бугарија и балканските земји, пожарникарите веќе со недели се обидуваат да ги изгаснат пожарите. Турскиот претседател Таип Реџеп Ердоган изјави дека ова се најлошите пожари во историјата на таа земја.

И во Русија е жестоко

Пожари беснеат и во Русија, на западниот брег во САД и во Канада. Заводот за заштита на шуми во Русија во понеделникот регистрирал 240 пожари на вкупна површина од преку 3 милиони хектари,  површина соодветна на онаа на германската покраина Баден Виртемберг. Посебно е погоден регионот на Јакутија. Чадот се проширил до далечниот југ на земјата, на границата со Монголија. НАСА пренесува дека стигнал и до Северен пол, што досега никогаш не е забележано.

Во САД, пожарникарите во Северна Каролина се борат со пожари кои уништија површина поголема од 198.000 хектари. „Тоа е како да доаѓате од воено подрачје“, изјавил за новинската агенција АФП Тами Куглер, кој побегнал од Гринвил и сега живее во шатор. На западниот брег на САД пожарите не се реткост, но жештината сега ја влошува ситуацијата.

Прежешко, премногу ветровито, премногу влага

Според актуелниот извештај на Светскиот совет за климата, екстремните временски појави како суши и во иднина ќе се случуваат сѐ почесто. Во истражувањата на климата веќе со години владее консензус според кој загревањето на Земјата значајно ја зголемува веројатноста од такви појави. Топлиот воздух во Средоземјето може на пример да доведе до тоа воздухот да содржи поголем процент водена пареа, што пак доведува до силни дождови, какви што неодамна ги погодија Германија и Белгија.

„Екстремното време сега е дел од нашата иднина“, прогнозира за ДВ Левке Кезар, истражувач на климата на Универзитетот Мејнот во Ирска.

Бурна ноќ во костец со стихијата

Со големи поплави моментно се борат и Кина, Индија и Мјанмар. Повеќедневните дождови доведоа до големи поплави во централната кинеска провинција Хенан, загинаа многу луѓе, а стотици илјади останаа без покрив над главата.

Во Индија монсунот беше пожесток од сите во последните децении. Само лизгањето на земјиштето однесе преку 40 човечки животи. Во Мјанмар луѓето се бореа против водените буици, во Бангладеш се потопени села на избеганите Рохинги.

И африканските земји се борат со поплави – Лагос, стопанската престолнина на Нигерија, во јули се најде под вода, одводните системи не се доволно добро изградени.

Во Јужен Судан поплавите загрозија 90.000 луѓе, како што соопшти пред неколку дена Агенцијата на ОН за координација на хуманитарната помош. Морало да се спроведе евакуација на илјадници луѓе.