1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Експерти: одамна заслуживме ваков Извештај

Костадин Делимитов11 ноември 2015

Експертите и бизнисмените загрижени, власта задоволна. И во економскиот дел, извештајот од Брисел се чита и оценува различно.

https://p.dw.com/p/1H3n9
Фотографија: DW/A. Gazazyan

Извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија не ги изненадува познавачите на состојбите, посебно оние што се наведени во делот посветен на економијата. Но генерално се изненадени и тоа позитивно што конечно отворено, а не како досега дипломатски завиено, се детектираат и критикуваат клучните пунктови:

„Апсолутно извештајот реално ги пресликува состојбите и конечно јасно го наведува сето тоа што ние 6, 7 години постојано го подвлекуваме. Овој извештај да бил со вакви оценки и со вакви реални и да не речам остри тонови во делот на економските критериуми уште 2010, или 2011 година ние денеска немаше да бидеме на ова дереџе. Мислам дека фокусот на извештајот доминантно се става во делот на справување со јавните финансии. И покрај што во првиот дел се нагласува макроекономската стабилност и развојот на т.н. функционална пазарна економија сето тоа како генерална реторика, но генерално се подвлекува застојот посебно во системот на управување со јавните финансии и тоа е критичната точка во извештајот, паралелно со делот на транспарентноста. Генерално се констатираат состојби и тоа во повеќе сегменти на начин на кој што тоа досега не било правено, јасно и директно. Ова не е нешто ново, критичарите ова го забележуваа постојано во последните шест седум години, но добро е што сега тоа се става во официјален документ и мислам дека ќе биде од голема помош. Од тој аспект го сметам овој дел како позитивен и добро огледало за состојбите за кои се што е кажано сега е црно на бело. Сите аспекти, а посебно интензитетот на растот на јавниот долг кој прв пат се спомнува, но и на пример порастот на нефункционални кредити кај банкарскиот сектор, делови кои досега никогаш не биле третирани или барем на ваков јасен начин детектирани во извештајот. Апсолутно се согласувам и поздравувам што ЕУ на ваков начин го фокусира речникот“, коментира за Дојче веле универзитетскиот професор, академик Абдулменаф Беџети.

Паралелно со клучниот дел околу јавните финансии и висината на јавниот долг, во извештајот се нотираат и уште неколку предизвици како потребата од поголема транспарентност и буџет насочен кон раст и вработување. Се препорачува фискална консолидација за да се реализира целта за буџетски дефицит од 2,9% од БДП во 2017, но и строга контрола врз плаќањата за трансфери, пензии и плати за јавната администрација:

„Многу е важно што се подвлекува аспектот на поврзувањето на фискалните таргети со трансферите и субвенциите како и јавниот долг. Изрично се подвлекуваат три, четири атрибути каде државата потфрлува во делот на јавните финансии и нив ги подвлекува како локален предизик и грижа за консолидација која сепак смета дека на краток рок не е можна. Буквално се посочува на што буџетот треба да се преструктуира, пополека да се напушта таа прекумерна социјална динамика што и тие а и ние знаеме дека не е можно, барем не на краток и среден рок. Очигледно е дека јавните финансии и транспарентноста се најкритичната точка, како и големата грижа за невработеноста кај младите и одливањето на младите мозоци што очигледно дека продолжува“, коментира Беџети.

Загриженост владее и кај бизнис заедицата, посебно поради долготрајната политичка криза која како што се жалат буквално го урнисала нормалното работење. Очекуваат забелешките да се сфатат сериозно и на тој начин да се сработи она што е ветено, посебно во делот на неопходните реформи и чекорите нотирани во договорот за излез од политичката криза:

„Општиот политички амбиент и оваа криза влијае страшно врз македонското стопанство заради тоа што се покажа дека за жал тоа е многу поврзано со државата и со владата, не само оваа туку сите досегашни. Македонското стопанство не успева само да создаде екстра производ и профит на пазарот, туку е исклучително поврзано и чека работа од државата. Тоа и во буквална смисла заедно со политичката криза имаше негативно влијание што пак резултира со намалување на добивки, приходи, уплата на данок на додадена вредност. Точно е дека имаме пораст на индустриското производство но тоа е резултат на работењето на компаниите во зоните, а не внатре во Македонија и затоа дефинитивно треба поскоро да заврши ова комедија и луѓето да можат да се свртат кон самите себе и да почнат да работа. Но и да се смени односот држава бизнис кој е многу зависен. Што се однесува пак до јавниот долг тоа е генерално грижа на Владата, министерот за финансии кој најдобро треба да знае дали е проблем или не, дали има доволно пари за сервисирање на обврските, или не, колку и за што треба да се задолжува. Тоа се негови сметки и за крајното салдо конечно тој и ќе одговара. За нас како бизнис заедница тоа е важно, но ќе биде посебно загрижувачки само кога државата ќе престане да го плаќа долгот кон нас, што барем засега тоа генерално не е случај. Но сериозен проблем е ненавременото плаќање помеѓу компаниите и претпријатијата. Таа регулација која е законски регулирана а не се спроведува не доведува до ситуација сите да кубуриме во секојдневното работење и сме изморени околу недостатокот од кеш средства за секојдневно работење“, предупредува Горан Рафајловски претседател на Стопанската комора на Град Скопје.

Abdulmenaf Bedzeti
Абдулменаф БеџетиФотографија: DW

Наспроти ова, власта во извештајот чита генерално подобрување во оценките за економските состојби:

„Во овогодинешниот извештај според она што го гледаме, констатирано е подобрување во економијата, поле на кое како Влада посветуваме најголем фокус и енергија,и што најдобро може да се почувствува и види и без посебен извештај, доколку се погледне бројот на новоотворени работни места, новите фабрики и инвестициите во капиталните инфраструктурни проекти. Владата темелно ќе го проучи и анализира извештајот на Комисијата. Изнесените оценки, забелешки и препораки, како и досега, ќе претставуваат патоказ за идните активности на Владата во пристапниот процес, и ќе бидат преточени во конкретни дополнителни мерки при ажурирање на Владиниот Акциски план за итните реформски приоритети и Националната програма за усвојување на правото на ЕУ“, рече премиерот Никола Груевски.

Европската комисија меѓу останатото констатира загриженост и во делот на јавната администрација, пред се поради политизацијата. Смета дека македонската економија е умерено подготвена да се соочи со пазарните притисоци и сили на ЕУ. Се укажува и на потребата надградување на врските меѓу странските директни инвеститори и домашната економија, но и натамошно привлекување инвестиции.