1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Едноставно одвратно!

Александер Кудашеф/превод:бг5 февруари 2015

Човек занемува пред новиот свиреп видео запис на исламистичките терористи во Сирија. Повторно се покажа дека „Исламската држава“ го предизвикува целиот свет, смета Александер Кудашеф

https://p.dw.com/p/1EVpJ
Фотографија: picture-alliance/AP Photo

Јорданскиот пилот Муас ал Касасба е мртов. Беше жив запален од ткн. „Исламска држава“. Затворен во кафез, мина низ неописиви маки. Неговата последна борба траеше 20 минути, а претходно очигледно бил сурово измачуван. Во тешко замисливата ескалација на бруталност, таа инквизициска постапка, тоа јавно спалување на жив човек е одвратно, предизвикува одбивност и гадење. Така се изразуваат најниските пориви, доаѓа до ескалација на теророт на бруталноста.

Што е следно?

„Исламската држава“ најпрво ги тераше луѓето во ропство, ги протеруваше, злоставуваше, силуваше, убиваше, уништуваше цели населби. Језиди, христијани, луѓе од други вери, едноставно беа уништувани, јавно им беа сечени главите, а сега еден жив човек е запален. На што уште ќе се сетат самопрокламираните „божји воини“, што уште ќе сторат во тоталитарното лудило, опиени од власта над животот и смртта? Дали има уште простор за ескалација на бруталноста, за инсценирање видео-записи со нивната терористичка иконографија и наводното враќање кон „корените на вистинскиот, чист, изворен ислам“?

Alexander Kudascheff DW Chefredakteur Kommentar Bild
Александер КудашефФотографија: DW/M. Müller

Исламската држава ни испраќа порака нам. Пред сѐ во земјите во кои дивее: Сирија и Ирак. Потоа и кон соседите: Јордан, Турција и Иран. Кон целиот регион, од Саудиска Арабија до Египет. И конечно до целиот свет, од ЕУ преку САД сѐ до Русија. Повеќе не се работи за успешни воздушни напади, за тоа да се поддржат Курдите со испораки на оружје. Не се работи повеќе ниту за азилот за стотици илјади, милиони бегалци. Дури повеќе не се работи ниту за судбината на сирискиот диктатор Башар Ал Асад.

Исламската држава мора да биде уништена

Таа творба треба воено да се уништи, како што пред 800 години е уништена сектата на Асасените. Се работи пред сѐ за воен поход, со кој треба да се одговори на предизвикот на Исламската држава и таа да се порази воено. Дури вториот чекор би бил намалувањето на општествената и политичката база за фасцинација кон џихадистите. Тоа ќе биде тежок чекор, како што може да се види на Блискиот исток каде се распаѓаат држави како Јемен или Либија, или на периферијата на Западот кои лесно можат да пламнат или пак на Кавказот. Но, тоа се задачи кои мораат да ги решаваат арапските земји. Тие одлучуваат дали сакаат мултикултурни и мултирелигиозни општества или ќе дозволат да бидат вовлечени во вртлогот на фанатичниот исламизам.

Јордан во знак на одмазда ги погуби џихадистката Ал Ришави и членот на Ал Каеда, Карбули. Можеби тоа наидува на одобрување во Јордан и можеби е во интерес на бедуинското племенско општество на хашемитското кралство. Но, тоа е застарена логика, а не логика на правната држава. Можеби тоа привремено ќе доведе до внатрешно сплотување, но веројатно ќе предизвика натамошна ескалација на насилството.