1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Еврото ја донесе Европа на крстопат

15 август 2011

Дебата околу европските обврзници и евентуалните последиците по Германија денеска е тема во весниците на германски јазик.

https://p.dw.com/p/12Glv
Фотографија: DW

„Еврообврзниците во Друштво со заедничка одговорност ги здружуваат и добрите и лошите должници. Добро за едните, лошо за другите. Сето ова може долгорочно да функционира, ако постои подготвеност да биде и прифатено. Тогаш еврото ќе биде спасено од пропаст и фрагментација. Земјите од еврозоната на патот кон интеграцијата, меѓутоа треба да достигнат нов степен на квалитет. Германија, за појасно да се каже, би морала во дел да наликува на Грција. Но, дека Грција во дел би наликувала на Германија, не е многу извесно. Можеби европските обврзници се волшебното средство, но поверојатно- само фластер. Германците, сакале или не се’ повеќе запаѓаат во друштво за трансфер. Европските обврзници се само друг збор за тоа“, пишува весникот „Ди Велт“.

„Европа стои пред голема пресвртница. По Грција, Португалија и Ирска, и Шпанија и Италија се соочија со гревовите од минатото. Силно критикуваните финансиски пазари, зад кои врпрочем се кријат и германски штедни влогови, ја губат довербата дека земјите должнички можат да преживеат. Дури и Франција се најде под притисок, поради што се отежна финансирањето на европскиот ’чадор за спас’. Со оглед на тоа што јужна Европа спроведува програми за штедење, на Европската унија и се заканува економска криза, која речиси и не би можела да биде совладана. За тоа едноставно недостасуваат пари“, пишува „Ноје Оснабрикер цајтунг“ и продолжува:

„Овие вознемирувачки изгледи доведоа до тоа, германската влада да почне да размислува и да скрши табу: Откако Европската централна банка почна да купува обврзници и ЕУ потајно се претвори во Трансфер унија, Германија, со воведување на европски обврзници, би можела да стане главен плаќач во Европа. Воведувањето на европски обврзници би било пресвртница. Можно е, на тој начин да се стопира негативниот тренд. Меѓутоа мора да бидат склучени цврсти договори. Земјите должнички би морале да го предадат правото за одлучување за државниот буџет на совет за стабилизација контролиран од земјите донатори. На тој начин овие држави фактички ќе ја изгубат својата сувереност. Може ли Германија да го издржи овој товар? За ова прашање канцеларката не смее да одлучува без Бундестагот“, пишува во коментарот на весникот.

„Европските обврзници претставуваат небрежност“ е насловот на коментарот во весникот „Рајнише пост“ во кој се вели:

„Со нивните финансиски шприцеви за земјите членки во криза, Ирска, Грција и Португалија, ЕУ испушти опасен дух од шишето. Се’ попредвидливото воведување на европски обврзници е само наредниот чекор во постојаното субвенционирање на слабите земји од еврозоната со парите на даночните обврзници од богатите земји членки.

Целта на европските обврзници е да се намали притисокот од каматите врз финансиски слабите држави на ЕУ, со тоа што богатите држави ќе гарантираат за долговите со нивниот углед. Тоа меѓутоа е спротивно на основните договори на Европската унија. Воедно е против секаков економски разум. Имено, колку и да се горчливи високите камати, толку е неопходен и нивниот дисциплинирачки ефект: Со високите камати доверителот си го наплаќа ризикот што го сноси, кога му позајмува некому пари, кој лошо стопанисувал. И обратно, доброто стопанисување се наградува од страна на пазарите за капитал со ниски камати. ЕУ се’ уште е премногу слаба за со заедничка финансиска политика да се погрижи за солидни буџети на сите нејзини членки. Затоа пазарот на капитал уште долго ќе биде единствениот веродостоен инструмент против расфрлањето на пари од страна на држвата. Да се заобиколи овој механизам е солидарност од небрежност“, смета „Рајнише пост“.

Автор: Дие Велт/ Ноје Оснабрикер цајтунг/ Рајнише пост

Превод: Александра Трајковска

Редактор: Трајче Тосев