1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Фајон бара Бугарија да го повлече ветото за С. Македонија

ЖА
25 март 2021

Европскиот парламент денеска расправа и гласа за годишниот Извештај за Република Северна Македонија, а една од главните точки е спорот со Бугарија.

https://p.dw.com/p/3r7Vs
Europäisches Parlament - Tanja Fajon
Фотографија: Virtyt Gacaferri

Во дебатата за извештаите за земјите од Западен Балкан, европратеничката Тања Фајон оцени дека бугарското вето за преговорите со Северна Македонија е неодговорно. Таа порача дека едностраното делување нема ништо заедничко со критериумите за членство во ЕУ.

„Бугарија треба да го повлече своето вето, затоа што кризата што ќе ја предизвика бугарското вето ќе го загрози процесот на проширувањето за другите земји од регионот", рече таа.

Тања Фајон е дел од пратениците од групата на Социјалистите и Зелените во ЕП, кои доставија предлози за измени и дополнувања на Извештајот за С. Македонија, кои се однесуваат на непримерно и провокативно однесување на бугарските власти.

Предлогот го дадоа четворица европратеници од групата на Социјалистите и Зелените: Тонино Пицула (Хрватска), Тања Фајон (Словенија), Андреас Шидер (Австрија) и Марек Белка (Полска), а во амандманот стои дека „се осудуваат неодамнешните провокативни изјави на претставници на бугарската Влада за историски прашања што ја засегаат Северна Македонија, што е спротивно на духот на Договорот за добрососедство со Бугарија и се повикуваат бугарските власти да се воздржат од такви изјави и покрај изборната кампања што е во тек во Бугарија“. Воедно, со вториот амандман се поздравува зрелиот и избалансиран одговор на владините претставници на Северна Македонија на овие провокации.

Повеќе на темата:

„Погрешно е мислењето дека целата вистина е на бугарска страна“

Анализа на „Just access“: Северна Македонија како заложник на Бугарија 

Заев и Борисов со усогласен став: Решавањето на спорот не треба да се одложува

Бугарскиот пратеник Андреј Ковачев во расправата денеска изјави дека во Северна Македонија се нарушува слободата на изразување на Македонците со бугарско потекло и дека бугарската заедница во Северна Македонија била мнозинство пред да дојде Тито на власт. Тој го посочи случајот со пејачот избран за Евровизија како доказ дека Бугарите во Северна Македонија се мета на постојани напади.

Европратеникот Ангел Џамбаски од своја страна ја спореди Северна Македонија со Северна Кореја, поради тоа што Бугарите, како што рече, не смееле да се декларираат како такви на претстојниот попис.

Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји во обраќањето пред европратениците на почетокот на дебатата за годишните извештаи за напредокот за земјите од Западниот Балкан, изрази надеж дека сѐ уште е можно првата меѓувладина конференција со Северна Македонија да се одржи за време на португалското претседателство со ЕУ, односно пред 1 јули.

Вархеји го пофали Извештајот за наредокот на Северна Македонија на патот кон ЕУ на известувачот Илхан Ќучук и оцени дека тој се совпаѓа со наодите на Европската Комисија.

„Добрососедските односи се суштински дел од напредокот кон ЕУ, билатералните договори, Преспанскиот со Грција и Договорот со Бугарија треба и натаму да се имплементираат во доверба од сите страни. Ги охрабрувам Скопје и Софија да ги удвојат напорите за да изнајдат заеднички прифатливо решение за билатералните прашања, ги охрабрувам сите страни да се однесуваат конструктивно и да се воздржат од изјави и акции кои ги поткопуваат пошироките интереси на ЕУ, изјави Вархеји.

Тој оцени дека, сепак, Северна Македонија има уште „многу работа“ во делот на реформите.

„Одлуката на земјите членки на ЕУ да отворат преговори со Северна Македонија беше историска, и со нетрпение очекуваме да се усвои преговарачката рамка и да се свика првата меѓувладина конференција, се надевам сѐ уште за време на ова претседателство,“ рече Вархеји.

Известувачот за Северна Македонија и автор на извештајот, бугарскиот европратеник Илхан Ќучук, пред почетокот на дебатата порача дека е важно Северна Македонија и Бугарија да продолжат со конструктивен дијалог и да постигнат компромис за Акцискиот план, кој редовно ќе се проценува врз основа на Договорот за пријателство и на овој начин „ќе може да се рестартира европскиот процес за Северна Македонија“ и ќе ѝ се овозможи на ЕУ да ја свика првата меѓувладина конференција.

„Дополнителни одложувања ќе ја загрозат објективноста на процесот на зачленување, треба да се фокусираме на големата слика, потребно ни е да градиме мостови за обединување наместо ѕидови што разделуваат“, изјави Ќучук.