1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Европската унија и Косово

15 февруари 2008

Европската унија се подготвува да даде зелено светло за мисијата полицајци и правници на Косово, што ќе го носи името ЕУЛЕКС и ќе ги следи првите чекори на независно Косово, велат дипломатски извори во Брисел.

https://p.dw.com/p/D7td
Дорис Пак се надева на конечен мир на БалканотФотографија: Europäisches Parlament

Членките на Унијата решија да ја користат процедурата на молчење за давањето зелено светло, и ако до денеска на полноќ никоја нема да се спротивстави, решението ќе се смета за прифатено. Меѓутоа, земјите членки на Европската унија за недела најавеното прогласување независност го пречекуваат со измешани чувства.

Министрите за надворешни работи на Унијата и покрај повеќето обиди во изминатите месеци, не можеа да се согласат со заедничко признавање на новата држава Косово што веројатно ќе биде прогласена в недела. Кипар вели НЕ. Романија, Словачка и Шпанија се колебаат, изјави германскиот министер за надворешни работи Франк Валтер Штајнмајер во ноември. Во тоа до денес ништо не е сменето:

„Соседите на западен Балкан за многу точки се многу покритични од оние што се подалеку. Покритички се и оние што имаат малцинства во сопствените земји. Сепак, мислам дека ќе имаме соодвтена европска позиција„.

Министрите за надворешни работи на Европската унија декларацијата за независност заеднички ќе ја примат на знаење и ништо повеќе. Во повеќе бранови потоа членките поединечно ќе преземаат чекори.

Од друга страна, мисијата на Унијата за Косово веројатно ќе биде прифатена едногласно. ЕУЛЕКС ќе биде мисија за градење и контрола на судството, управата, полицијата и царината, вели Дорис Пак, експерт за Балканот во Европскиот парламент:

„Ќе испратиме околу 2 илјади полицајци, правници и административци за таму да се погрижат за демократски напредок, да изградат администрација и да внимаваат посебно да биде спорведувана заштитата на правата на малцинствата„.

Меѓу 100 и 200 илјади Срби треба да бидат заштитувани од напади на косовските Албанци и треба да ги уживаат истите политички права. Европската унија исто така ќе воспостави меѓународна власт, наречена ИКО што ќе ја советува, води и надгледува косовската влада. Повторно Дорис Пак:

„Надгледуваната независност ќе се состои во тоа се’ да се одвива во ред, да можат да се менуваат личностите, а при поставување на функции последниот збор ќе го има Европската унија. Надгледувањето ќе потрае подолго за на сите да им стане јасно дека се’ ќе се одвива во ред„.

Унијата ќе инвестира околу 2 милијарди евра во изградбата на управата и инфраструктурата во новата држава која исто како и Србија, еден ден би требало да стане членка на Унијата. Дорис Пак не верува дека во наредните денови ќе дојде до насилни реакции по објавувањето на независноста:

„Сигурна сум дека Албанците нема да дозволат да бидат испровоцирани. Сега го постигнуваат она што го посакуваа со децении. Сигурно ќе дојде до немири на српска страна, пред се на север, во Митровица. Сигурно во Белград ќе има демонстрации, но според мене, нема да дојде до воени судири. Затоа го имаме КФОР на самото место„.

Со косовското прашање би требало да биде решен последниот голем конфликт што се појави по распаѓањето на Југославија и граѓанските војни што уследија. Балканот конечно треба да се заврти кон иднината, смета Дорис Пак:

„Тоа е последната и единствена можност да дојде до мир во регионот. Ако се погледне мапата ќе се види дека тој регион е во центарот на Европа. Затоа имаме инетерс за решение, зашто соседите никако нема да имаат мир ако Косово не добие независност„.