1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Европејците ги разочараа САД

Миодраг Шориќ / Превод: Симе Недевски9 септември 2014

САД со напнатост гледаат кон Милано, каде се среќаваат министрите за одбрана на земјите од ЕУ за да расправаат за актуелните кризи во светот. Вашингтон од ЕУ безнадежно бара поголем воен ангажман, смета Милодраг Шориќ.

https://p.dw.com/p/1D97u
Фотографија: picture-alliance/dpa

Очекувањата на Америкаците од министрите за одбрана на ЕУ можат лесно да се сумираат во неколку зборови: повеќе пари за вооружување. Тоа Вашингтон од своите сојузници го бара веќе со години. Европските партнери треба да издвојат од брутодомашното производство 2 процентa за одбрана. Велика Британија издвојува дури 2,4 проценти, но речиси сите други земји-членки на ЕУ се далеку под границата, меѓу нив и Германија.

Со кризата во Украина, Вашингтон верува дека има еден аргумент повеќе за да изрши притисок на европските сојузници. Кремљ во изминатите години значително го зголеми буџетот за вооружување. НАТО мора да го следи тој пример, смета администрацијата на Обама.

Овие очекувања повторно би можеле да бидат изневерени. Министрите за одбрана, за време на својата неформална средба во Италија, тешко дека ќе сакаат и ќе можат да издвојат повеќе пари за вооружување. Бидејќи, економијата во ЕУ покажува знаци на слабост. Дури ни во Германија, во која -во споредба со останатите земји - економската ситуација дури е и добра. Ако германската влада не го отвори паричникот, како тоа да се очекува од другите земји-членки?

Причини за паника меѓутоа нема, и покрај кризата во Украина. Државите-членки на НАТО вкупно издвојуваат многу повеќе пари, отколку што Москва троши за своите ракети, тенкови и пушки. Руската економија бележи раст и покрај високите трошоци за одбрана. Иронијата на судбината покажува: Дури и шефовите на Комунистичката партија за време на Советскиот сојуз правеа грешки бидејќи премногу инвестираа во армијата, а премалку во модернизирање на економијата.

Miodrag Soric
Миодраг Шориќ, раководител на студиото на ДВ во ВашингтонФотографија: privat

Но, нема само Американците да бидат вистински незадоволни од исходот на состанокот во Милано. И Украинците би можеле да бидат разочарани. Киев се надева дека - ако не НАТО- тогаш одделни негови членки ќе му испорачаат оружје за да може да се одбрани од сепаратистите на истокот на Украина.

На тоа не можеа да се одлучат дури ни Полјаците. На боиштата во Доњецк и во Луганск такви испораки на оружје и онака ништо не би смениле. Руската воена надмоќ е фрапантна. Испораките на оружје од Запад на Киев би му значеле само дополнително долевање масло на огнот. На крајот, тоа никој не го сака, ниту ЕУ ниту САД.

Дали НАТО ја остава Украина на цедило?

Дали НАТО со тоа ја остава Украина на цедило? На западот на Украина многумина тоа така ќе го доживеат. За нив ќе биде горчливо сознанието дека, како што изгледа, пресметките на Путин се исплатеа. НАТО е одбранбен сојуз, а Украина не е негова членка. Никој не сака поради Украина да ризикува атомска војна со Русија.

Министрите на одбрана од ЕУ во Милано ќе излезат во пресрет на друг начин, на пример во борба против терористичките групи на Исламската држава. Германија и другите земји ќе продолжат да им помагаат на Курдите и на ирачката влада во борбата против исламистите, дури и на долги патеки. Западните тајни служби тесно ќе соработуваат со цел да нема опаснот од борците на Исламска држава со британски, американски или германски пасош, кога ќе се вратат во своите западни татковини.

Но, Запад и онатаму ќе остане немоќен по прашањето како да излезе на крај со Исламската држава во Сирија. Американските воздушни напади, доколу ги нареди Обама, ќе ги ослабат исламистите, но нема и да ги поразат. Т.н. „Слободна сириска армија“ моментално егзистира повеќе во лобијата на скапите хотели во Париз или Истанбул, отколку на правливите боиштата. Во Сирија Исламската држава може ефикасно да се сузбие само со помош на претседателот Башар ел-Асад. Но, Белата куќа се плаши од тоа.