1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Европа и‘ завидува на Германија?

30 ноември 2011

Оваа година за германската индустрија е година на рекорди. Тоа се гледа и кога ќе се соберат успесите во надворешната трговија. Во странство е продадена стока во вредност поголема од илјада милијарди евра.

https://p.dw.com/p/13JY2
Годинава германскиот извоз е 1.075 милијарди евраФотографија: Picture-Alliance/dpa

Се работи за рекордна бројка со симболична вредност. За прв пат во историјата германскиот извоз ја мина границата од илјада милијарди евра. 1.075 милијарди евра – оваа вредност не беше достигната ни во 2008-ма, годината на големиот раст.

Во исто време, Германија годинава увезла стока во вредност од 919 милијарди евра. Тоа е повеќе од минатите години, но на крајот Германија сепак има суфицит од 156 милијарди евра.

Deutschland Wirtschaft Export Containerterminal im Hamburger Hafen ifo-Index
Германија годинава увезла стока во вредност од 919 милијарди евраФотографија: dapd

Во странство ваковиот успех наидува на критики. Германија е обвинета дека нејзината економија расте на сметка на нејзините европски соседи. Претседателот на Сојузното здружение за надворешна и трговија на големо, Антон Бернер ваквите наводи ги оценува како апсурдни.

„Ваквите суфицити не биле, ниту сега се цел на германската политика. Пазарно-економските закони важат за сите земји и нив не ги постави Германија“, тврди Бернер.

Германија и натаму силна во странство

Германија е економски најсилна земја во Европа. Ниту следните години се чини дека нема тоа многу да се промени. Бернер смета со ист плус во конечната пресметка. И покрај ослабнувањето на светската економија, извозот во 2012-та би требало да порасне на 1.134 милијарди евра. Увозот во исто време би бил зголемен за седум проценти – на 983 милијарди евра.

Anton Börner, Präsident des BGA
Земјите во развој интензивно инвестираат, тврди Антон Бернер од Сојузното здружение за надворешна и трговија на големоФотографија: anemel

Глобалните мега трендови останаа неизменети. Земјите во развој и натаму се во трка, со која паралелно оди и огромниот развој на населението.

„Според нашите проценки, пазарите во земјите во развој речиси и да не се оптоварени со должничката криза и тие и понатаму интензивно инвестираат во технологиите на иднината“, вели претседателот на Сојузното здружение за надворешна и трговија на големо.

Сето тоа, смета Бернер, поттикнува масовни инвестиции, меѓу кои се оние во технологијата за развој на ефикасно искористување на енергијата и суровините во сообраќајната, градежната и телекомуникациската инфраструктура. А, ваков тренд не се случува само во Бразил, Русија, Индија и Кина, туку и во земјите во развој од втор ред, како што се Индонезија, Бангладеш, Саудиска Арабија и Кувајт, земјите од западна Африка богати со суровини, како и Перу и Еквадор во Јужна Америка.

Земјите од ЕУ најважни трговски партнери

Deutschland Wirtschaft Bauarbeiter schweißt in Hamburg ifo-Index
Германија е економски најсилна земја во ЕвропаФотографија: picture-alliance/dpa

И покрај се’ земјите од ЕУ се и ќе останат најважни трговски партнери на Германија. Околу 60 проценти од германскиот извоз завршува во тие земји. Затоа и не е чудно што европската должничка криза е голема тема и во салите за состаноци на Сојузното здружение за надворешна и трговија на големо. Доколку се појави проблем со државните финансии во европските земји, тогаш пропаѓаат и германските економски планови за следната година. Поради тоа е апсолутно нужно должничката криза да се стави под контрола.

„Фактот дека имаме голема корист од еврото не значи дека треба да се согласиме и на секаква политичка трговија, само за да се спаси заедничката валута“, предупредува Антон Бернер.

Според негово мислење, Германија во никој случај не смее да попушти под се’ поголемиот притисок да се распредели одговорноста за преголемите задолжувања на некои земји на сите земји од еврозоната. Консолидацијата на пресметките мора да биде главна задача.

„Посебно кога се работи за Италија, кажувам јасно и гласно – останете непопустлива, госпоѓо Меркел! Сега Италија е на ред и нека покаже што може“, вели Бернер.

Неизбежно: големи реформи во Италија

Anton Börner Präsident des Bundesverbandes Großhandel
Бернер смета дека не треба по секоја цена да се одржува заедничката европска валутаФотографија: picture-alliance/dpa

На италијанската влада мора да и‘ биде јасно дека без длабоки реформи нема да може да ја зајакне конкурентноста на пазарот. Што се однесува до Грција и Португалија, Бернер тврди дека самото ослободување од дел од долговите нема да ги спаси овие земји, ниту ќе им помогне повторно да станат конкурентни.

„Во случај Грција доброволно да ја напушти евро-зоната и вредноста на нејзината валута поради тоа да падне за 40 до 50 проценти, цените во Грција преку ноќ би дошле на ниво на оние во Турција“, вели тој. Со тоа оваа земја во многу економски сектори повторно би станала конкурентна и би била способна за нов почеток.

Средишна точка во борбата против должничката криза во Европа е и понатаму, според мислењето на Бернер, партнерството меѓу Германија и Франција. Овие две земји во секој случај мораат да делуваат и размислуваат заеднички. Инаку, Германија ќе се најде изолирана за петнаесетина години, што би ја чинело многу, и економски и политички.

Автор: Сабине Кинкарц / Александар Методијев

Редактор: Горан Чутаноски