1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Европа и Германија напнато ги следат изборите во САД

Кристијан Трипе
6 ноември 2018

Меѓуизборите надвор од САД никогаш досега не предизвикале толкав интерес. Многу Европејци се надеваат дека изборите ќе влијаат Доналд Трамп да стане поумерен.

https://p.dw.com/p/37idz
USA, Houston: Donald Trump bei einer Wahl-Veranstaltung
Фотографија: picture-alliance/AP/E. Gay

Германскиот неделник "Шпигел” ги изненади своите читатели со додаток во кој се истражува јавното мнение во пресрет на американските конгресни избори. Прашалникот е поврзан со рекламна кампања преку која весникот сака да придобие и нови претплатници. Анкетата покажува колкав е интересот на германската јавност на овие меѓуизбори во САД. Инаку тешко дека ќе ја избереа американската тема, па уште и гарнирана со фотографија од Капитол.

повеќе: Зошто изборите за Конгресот се важни за Америка и за светот?

За Германците како и за сите Европејци претстојните меѓуизбори во САД се важни само од еден аспект, дали претседателот Трамп ќе го промени неговиот надворешнополитички курс доколку опозициските Демократи победат на изборите. Некои одат и чекор подалеку, па сакаат и мнозинство во Конгресот, кој би отпочнал импичмент, односно процедура за симнување од власта на претседателот. Во САД денеска, 6. ноември, се избираат нови пратеници за Претставничкиот дом. Во вториот дом, Сенатот, се избира нов состав на една третина од сенаторите. Засега во двата дома мнозинство имаат Републиканците.

Повеќе контрола врз американскиот претседател?

Во историјата на САД на конгресните избори традиционално се засилува опозицискиот блок. Тоа и овој пат го очекува Елмар Брок, експерт за европска политика на ЦДУ и близок соработник на Ангела Меркел. Долгогодишниот претседател на Советот за надворешни работи на европскиот парламент за ДВ изјави дека е добро за „политиката на проверка и потврда" доколку Демократите успеат да направат мнозинство барем во еден дом. Брок исто така ја гледа и другата страна на проблемот, „дека Трамп тогаш комплетно би се посветил на надворешните односи бидејќи за внатрешните реформи ќе му фали мнозинство. Тоа пак е причина повеќе за нервоза кај Европејците."

повеќе:Избори во САД: Борба за убедувања, а не за факти

Тие и сега се нервозни поради трговскиот спор со САД. Новиот правец на трговската политика на САД под водство на Трамп доведе до крах со речиси сите индустриски земји во светот. На ЕУ претседателот Трамп по санкциите за челик и алуминиум ѝ се заканува и со казнени даноци за автомобили, бидејќи сака да си ги штити домашните компании. Тоа пак најмногу би ја погодило Германија како лидер во извозот и производството на автомобили. За трговските прашања Европејците зборуваат во еден глас, а Европската комисија ги застапува во трговската политика интересите на сите земји. Пред меѓуизборите претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер успеа да склучи, како што самиот вели, „еден вид примирје" со Трамп: да нема нови даноци додека се преговара.

Symbolfoto Verhältnis USA EU
Во однос на трговските прашања, Трамп ЕУ ја нарекува „непријател“ на САДФотографија: picture-alliance/dpa/J. Kalaene

Трговска војна меѓу сојузници

Ако Демократите навистина победат на меѓуизборите, тоа не значи дека ќе се релаксираат затегнатите релации во трансатлантската трговска војна. Во „Германското здружение за надворешна политика" Јозеф Брамл е експертот за САД. Тој не очекува дека ќе има промена во трговската политика на САД. „Демократите се веќе подолго време радикализирани што се однесува до слободната трговија. Тие веќе подолго време се протекционистички настроени. Ново е само тоа што Трамп им даде глас на таквите сили меѓу Републиканците."

Брамл смета дека мнозинство на Демократите би можело да биде и „шанса" за Трамп, бидејќи претседателот тогаш со гласовите на Демократите ќе може да протне милијарди тешки инфраструктурни проекти во Конгресот. Или поинаку кажано, победа на Демократите на овие конгресни избори би можела да биде основа за реизбор на Трамп за две години.

Проектите на Трамп закана за ЕУ

Однесувањето на Доналд Трамп е јасно: во однос на трговските прашања тој ЕУ ја нарекува „непријател“ на САД – значи не ривал или конкуренција, туку непријател, Политичките планови на Трамп делуваат како сплет на закани: „Долгорочно тие може да им наштетат на планираните даночни реформи, политичко присвојување на монетарната политика или суспензија на строги финансиски правила", анализира Лаура Даниелс од берлинската „Фондација за наука и политика", тинк-тенк што ја советува германската влада.

повеќе: Трамп: Никој не се однесува со нас полошо од ЕУ

Во Берлин и Брисел може да се слушнат воздржани тонови кога станува збор за сценарио, во кое Доналд Трамп во скоро време би морал да ја напушти Белата куќа. Американскиот специјален обвинител Мулер истражува дали Трамп и неговиот тим имале поддршка во изборната кампања од Русија и дали за тоа има оправдани политички контрасанкции. Ако Милер пронајде докази за такво нешто, тогаш е можно да има импичмент за Трамп. Со едно демократско мнозинство во Претставничкио дом тоа може и да се спроведе.

G7 Gipfel Kanada Merkel vs Trump
Партнерите на САД се несигурни во потезите на ТрампФотографија: Reuters/Bundesregierung/J. Denzel

Непредвидливоста на Трамп ги вознемирува сојузниците

Во Германија, набљудувачите на САД стравуваат дека Трамп за да излезе од ваква егзистенцијална криза во своето претседателствување може да употреби воена интервенција – можеби против Иран или против Северна Кореја. Судски процес за импичмент на Трамп во може многу бргу да се претвори во игра со оган. „Во време кога се зборува за импичмент, опасноста дека тој ќе го сврти во надворешно политички маневар, е многу голема", предупредува европратеникот од редовите на ЦДУ, Елмар Брок.

Во крајна линија, и без оглед на резултатот од овие избори, од европски аспект работите нема да се променат многу на подобро. Веќе во однос на трговската политика се гледаат знаци на долгорочен спор. Претседателството на Трамп веќе сега е одбележано со прекршување на многу регулативи, а самиот претседател во однос на однесувањето кон своите НАТО сојузници е толку непредвидлив, што по конгресните избори во САД сите сценарија се во игра.

„САД и политиката на 'проверка и потврда' нема да ни помогнат. Ние мораме како Европејци да се научиме да размислуваме суверено", смета Јозеф Брамл. Тој се осврнува на она што се слуша во Европа во овие две години од изборот на Трамп – повикот за еманципација од надмоќта на Западот, барањата за една кохерентна и веродостојна стратегија со која ЕУ ќе се позиционира во светската политика - без разлика на тоа кој седи во Белата куќа или каков ќе биде исходот од конгресните избори.