1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Евро без Германија?

М.Е. Швејдер / Е.М.Фиданоска27 јули 2015

Европските политичари со месеци се прашуваа дали можеби не е подобро Грција да се откаже од еврото. Сега некои економисти се прашуваат дали можеби не е подобро Германија да го напушти еврото.

https://p.dw.com/p/1G56n
Фотографија: dapd

Додека во текот на изминатите месеци гореше судирот околу можен „грекзит“, неединството околу вистинската политика на спасување беше на насловните странци, постоеше борба околу германското настојување на политика на штедење, а стравот на доверителите дека никогаш веќе нема да си ги добијат парите од Грците стануваше се‘ поголем, дел од познатите економисти сосема без возбуда и онака попатно покажаа друг пат за излез од кризата: германско напуштање на еврото.

Според ваквите размислувања, Германија би ја напуштила заедничката валута и со тоа би се ослободил патот за јужните евро-држави за стабилизација на нивното задолжување со значително девалвирана валута, што потоа би довело и до стабилизирање на економијата. Притоа се мисли на Грција, Италија, Шпанија и под одредени услови и на Португалија.

Последен кој застана во одбрана на ваквиот модел беше Ашока Моди од универзитетот Принстон, во САД. Во коментар објавен на 17 јули тој образложи зошто еден „геркзит“ (значи German Exit) би бил подобар од „грекзит“ (излегување на Грција од еврозоната).

„Преорганизирање на монетарната унија во наредните 25 до 30 години е неизбежно“, вели Моди за ДВ. „Единственото прашање е: кој е разумниот начин за тоа да се направи, што би предизвикало најмалку пореметувања?“

Моди смета дека германскиот министер за финансии е во заблуда ако ги поврзува проблемот на грчкото државно задолжување и „експериментот еврозона“.

„Шојбле смета дека ако Грција го напушти еврото, еврозоната со преостанатите членки ќе функционира без проблем. Шојбле не го гледа проблемот во конструкцијата на еврозоната, туку само во неспособноста на Грците да ги почитуваат европските правила на игра“, вели Моди.

Тој додава дека Грција има проблем со долговите, но нагласува дека долговите немаат ништо заедничко со другите проблеми со кои мора да излезе на крај монетарната унија. „Ако не се случи ништо друго освен Грција да ја напушти еврозоната, тогаш со сигурност набрзо ќе се појави друг ’грчки’ проблем. Проблемот што толку различни економии не можат да се облечат со една монетарна и фискална ’смирувачка кошула’ ќе остане и натаму.“

Моди, како и многумина други економисти и критичари на еврозоната, е уверен дека Италија неизбежно е наредниот проблем. „Не знаеме дали Италија воопшто ќе биде некогаш во состојба да си ги отплати долговите. Обидот земји со различни можности, различни историски предуслови и различни култури, принудно да станат еден организам, едноставно не функционира.“

„Неразмислено“

За Моди е јасно дека најбезболен излез од кризата би бил Германија да се врати на марката: „Германија најмалку би страдала од напуштање на еврото.“

Идејата „геркзит“ наместо „грекзит“ не е нова. Таа датира во најмала рака од 2012 година. Тогаш американскиот инвеститор Џорџ Сорос во еден блог објасни како би можело да изгледа германското повлекување и зошто тоа би можело да делува како благослов: Германија би имала своја, силна валута, а слабите економии би можеле да се опорават повторно со значително заслабнато евро. Германците би станале побогати, а јужните Европејци би биле помалку сиромашни.

Истиот ден кога Моди го објави својот текст, Бен Бернанке, поранешен шеф на американската централна банка ФЕД, во коментар за Брукингс Институтот напиша дека Европа не го дава својот удел во решавањето на грчката должничка криза.

Додека во еврозоната стапката на невработеност во изминатите години се движи околу 11%, таа во САД падна на 5,3%, односно на најниско ниво со години. Во еврозоната има преголеми разлики - во Германија невработеноста во моментов изнесува под 5%, додека во другите земји од еврозоната таа е околу 13%.

„Ветувањето на еврото беше зголемување на благосостојбата и поттик на европската интеграција“, напиша Бернанке, додавајќи дека тоа не се случи и нема да се случи се‘ додека евро-државите економски толку многу се разликуваат.

Аналитичарите сметаат дека земјите не само што се со различна економска сила, туку имаат и многу различни економски предуслови. Оттука, аргументира Моди, мислата да се кова монетарна унија со толку различни земји не била многу паметна: „Унијата беше лошо размислена и сега предизвикува големи болки.“

Без силна политичка волја за одржувањена монетарната унија во живот, таа неизбежно ќе се распадне, предупредуваат експертите. Земја која најмалку би страдала од такво нешто би била Германија, единствени се во ставот Моди, Бернанке, Сорос и многу други.

„Ова сознание покажува како да се најде рамнотежа за различните земји. Таа би можела да изгледа така што би имало две валути - евро на југот и германска марка на северот. Но би можело да има и 15 нови валути во наредните 30 години“, оценува Моди.

10. Jahrestag Einführung des Euro als Bargeld
Фотографија: picture-alliance/dpa

Се заканува катастрофа

Истовремено, има и економисти кои сметаат дека германско напуштање на еврото би било „катастрофа“.

„По основањето на ЕУ, воведувањето на еврото е едно од најголемите достигнувања на Германија во втората половина на 20. век“, вели Џон Рајан од Лондонската школа за економија. „Тука, од политички апсект, е инвестиран голем капитал.“

Освен тоа, еврото е геополитичко достигнување со силен потенцијал, Европа е сигурно пристаниште за инветитции и деловни односи, вели Рајан. „Германија која го напушта еврото би било нешто што би испратило разорен сигнал. Тогаш не може да се смета со преживување на еврозоната.“

Колегата на Рајан, професорот Иаин Бег, оценува дека излез на Германија од еврозоната би предизвикал брзо напуштање на еврото и од страна на Холандија, Белгија, Австрија и балтичките држави. Континентот би се распаднал, а од тоа би страдале и северот и југот. Во такво случај, земји како Ирска, Словачка и Словенија би останале да висат во воздух.

Повторно оживеана германска марка брзо би станала силна валута, се согласуваат Рајан и Бег. Но, додаваат дека тоа само звучи добро. Во стварноста меѓутоа германската марка би била голема пречка за германските извозници, кои би морале да се соочат со големо намалување на својата конкурентност на светскиот пазар.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема