1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ево Моралес - неславен крај на една политичка икона

Габриел Гонзалес
12 ноември 2019

Долго време Боливија важеше за тврдина на политичка стабилност во Латинска Америка. Но, со оставката на претседателот Ево Моралес, кој доби азил во Мексико, земјата се најде во вителот на немири и пред неизвесна иднина.

https://p.dw.com/p/3Ss6S
Bolivien Evo Morales, Alvaro Garcia Linera, Diego Pary
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/J. Karita

Поранешниот одгледувач на кока и синдикалец Ево Моралес, првиот претседател на земјата со автохтоно потекло, на власт беше неполни 14 години, подолго од кој било претседател во Латинска Америка. Потпомогната од извозот на суровини и гас, боливиската економија растеше со стапка од околу 4,9 проценти годишно. Сиромаштијата, според податоци на Светската банка, падна од 63 на 35 проценти, а богатството го почувствува и народот преку многубројни социјални програми.

Моралес поднесе оставка три недели по неговиот спорен реизбор и мораше да го моли Мексико за политички азил. Тој се прогласи за победник на изборите од 20 октомври, иако опозицијата и меѓународните набљудувачи известија за бројни неправилности. Противниците го обвинија за фалсификат на изборите. Дали е ова крај на една ера?

„Не сум сигурен дека ова значи вистински крај на Ево Моралес“, вели Гинтер Мајнхолд, експерт за Латинска Америка и заменик директор на берлинската Фондација Наука и политика во разговор со Дојче веле. „Во Латинска Америка токму сега владее тренд поранешните државни претседатели да се креваат како феникс од пепелот и повторно да ги заживуваат старите поларизации, тоа го доживуваме актуелно со бразилскиот екс-претседател Лула“.

Моралес ги повика своите приврзеници да останат на улиците и порача дека ова не е негов крај.

За Мајнхолд е интересно што Ево Моралес го соборија „сопствените луѓе“.

„Во изминатите години тој интензивно се потпираше врз армијата. Военото раководство, кое тој самиот го избра, крајно беше тоа кое ја откажа решавачката поддршка“. Но, да се зборува за државен удар, како што на пример прават бразилскиот екс-претседател Лула да Силва, аргентинскиот иден претседател Алберто Фернандез и британскиот опозициски лидер Џереми Корбин, за Мајнхолд е претерано. И при најновите протести во Чиле и во Еквадор тоа беше омилен прекор за да се сврти вниманието од загубената контрола врз земјата. 

Главниот грев на Ево Моралес

Што конкретно предизвика пад на Ево Моралес? Мајнхолд пресвртниот момент го гледа во непочитувањето на референдумот од 2016 година. Моралес тогаш сакаше да добие дозвола од народот за уште една кандидатура, иако таа не е предвидена со уставот. Боливијците гласаа против промена на оваа одредба. „Моралес не ја прифати одлуката на народот“, вели Мајнхолд. Поткрепен од опкружување кое тој можеше да го управува по своја волја, тој потпадна под „перверзија на моќта“, чиј најсилен израз претставува „илузијата на семоќност“. Судиите блиски до владата на крајот му го отворија патот на Моралес за уште еден мандат.

Bolivien Evo Morales auf der Titelseite einer Zeitschrift
Култот на личноста е главно зло во латиноамериканската политикаФотографија: picture-alliance/dpa/EPA/M. Alipaz

Мојра Цуазо, експерт за Латинска Америка од Слободниот универзитет Берлин, се согласува со оваа оценка, дополнувајќи дека ерозијата на моќта е почната уште порано. „Претходно се случи распад на алијансата на одгледувачите на кока и индогеното население, двата важни столба на власта и популарноста на Моралес. За распадот придонесе спорната изградба на сообраќајница која требаше да поминува низ заштитениот природен резерват на автохтоното население, Типнис. И пожарите во Амазонија доведоа до отуѓување на овие за Моралес толку важни потпорници на неговата власт“, вели Мојра Цуазо во разговор со Дојче веле.

Што е со опозицијата?

Со оставката на Моралес се чини дека опозицијата го постигна својот најголем успех, но истовремено може со неа да ја загуби и својата најголема заедничка база. „Се создаде коалиција за соборување на Моралес, но таа не располага со позитивна програма“, констатира Мајнхолд. Но, ниту на страната на владините приврзеници не изгледа добро, Моралес направи огромна грешка што не создаде свој наследник. Неизвесно е кој сега би ја предводел партијата на Моралес, таа ја персонифицира неговата личност, а него сега го нема“, смета Алине Хирзенланд, соработник на ГИГА Институтот за Латинска Америка во Хамбург.

Опозиционерот Карлос Меса се чини не зрачи нужна доверба дека може да ја изведе земјата од криза. „Карлос Меса отсекогаш беше блед. Тој е рационален човек, но без харизма“, забележува Хирзеланд. Луис Камачо, друг опозиционен лидер, претприемач и претседател на граѓанскиот комитет на градот Санта Круз, е многу поемоционален и во последниве недели мудро се држеше во заднина. „Камачо знае да биде гласен, но нема партија и со тоа всушност ни цврсто место во политичкиот пејзаж на  земјата.“

Повеќе: 

Најголемиот непријател на Ево Моралес

Боливискиот претседател стравува од пуч

Одгледувањето на кока на рекордно ниво

Во Боливија смеат да работат деца од 10 години

На сево ова се надоврзува и несигурноста околу идните чекори за организирање нови избори.

„Прво би требало да се обнови Централната изборна комисија. Таа во изборната ноќ го запре брзото пребројување на гласовите. Резултатите укажуваа на изборен пораз на Моралес. Кога по еден ден се продолжи со пребројување, наеднаш претседателот излезе во предност“, истакнува Мајнхолд. 

Градоначалничка истрижена и полиена со боја

Култот на личноста како најголемо зло

Надминувањето на вакуумот во власта и враќањето кон политичка стабилност се чини ќе биде отежнато поради тоа што приврзениците на Моралес преку владејачката мартија МАС на институционално ниво и натаму држат клучни позиции. „Решавачко прашање е дали може да дојде до формирање преодна влада со учество на сите политички сили во земјата, вклучувајќи ја и МАС, заради организирање нов почеток или сегашните власти ќе го успорат овој процес“, вели Мајнхолд.

Основните проблеми на Боливија меѓутоа се наоѓаат уште подлабоко. „Преку персонализацијата на политиката, масивно падна довербата на населението во политиката“. Ако институциите можеа да бидат извртувани и насочувани според желбите на водечката политичка фигура, тогаш тоа ќе важи и за кој било наследник, смета Гинтер Мајнхолд.

И Алине Хирзеланд главниот проблем, како во Боливија, така и во другите земји од Латинска Америка, го гледа во персонализацијата на политиката. „Ево Моралес во основа беше најдобриот претседател кој го имала Боливија, но жално е што тој не допушти никого покрај себе. Со тоа си го уништи сопственото наследство“, вели таа.