1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ДУИ едногласна: Одиме со СДСМ, на потег е Иванов!

4 март 2017

Доколку Иванов не ја отповика одлуката и не го даде мандатот, од СДСМ и ДУИ не исклучуваат реализација на план Б. Од Кабинетот на Иванов се недостапни за одговор.

https://p.dw.com/p/2YdYW
Treffen zwischen Zoran Zaev und Ali Ahmeti
Фотографија: DW/V.Kalinski

Со едногласна одлука, ДУИ ѝ даде поддршка на СДСМ за формирање нова влада, со што партијата на Ахмети и официјално потврди дека ќе коалицира со социјалдемократите. Вака синоќа реши Централното претседателство на ДУИ, со образложение дека тоа е волја на мнозинството Албанци во Македонија.

„Одлуката беше едногласна. Сите што ја дадоа поддршката го направија тоа по слободна волја и нема да се повлечат од одлуката“, изјави синоќа по состанокот на ЦП, лидерот на ДУИ, Али Ахмети.

Портпаролот на ДУИ, Бујар Османи, го повикаИванов да му го даде мандатот за состав на влада на лидерот на СДСМ.

Mala Recica Tetovo
Фотографија: DW

„Го повикуваме господинот Иванов, согласно со неговите уставни надлежности и неговото сопствено барање да го додели мандатот за формирање на влада, потврдено со 67 потписи. Истовремено го повикуваме Иванов и сите политички партии да бидат внимателни во своите изјави да не ја загрозуваат заедничката иднина на граѓаните. Централното претседателство на ДУИ ги информира граѓаните дека давањето на потписи за поддршка за земање на мандат истовремено подразбира и поддршка за формирање на ново парламентарно мнозинство и нова влада, во духот на Охридскиот договор и посветена во владеење на правото и интерацијата во НАТО и ЕУ. Учеството на ДУИ во новата влада ја рефлектира волјата на албанскиот народ изразена на последните избори од 11-ти декември и има за цел исполнување на програмата ветена пред граѓаните“, изјави Османи.

Тој нагласи дека партијата останува посветена на исполнување на точките од декларацијата на албанските партии, но и на ставот дека таа не го загрозува унитарниот карактер на Македонија.

План Б?

Но, што ако Иванов не го даде мандатот? Лидерот на СДСМ пред два дена изјави дека очекува Иванов да ја отповика одлуката, но ако тоа не се случи, потенцираше дека постои и план Б, план Ц и други опции. И Ахмети пред состанокот на Централното претседателство најави дека се работи на план Б. На прашањето како ќе се гласа ако Иванов не се премисли, рече дека тоа е регулирано во Уставот и правилникот во Собранието.  Тој не одговори на прашањето дали ќе има нова влада во понеделник, со образложение дека не сака да зборува за хипотетички ситуации.

Mazedonien Gjorge Ivanov mit Zoran Zaev
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/B. Grdanoski

По одлуката на ДУИ и по бројните пораки од меѓународната заедница Иванов да ја преиспита одлуката, вниманието е насочено кон шефот на државата и неговиот следен потег. Од Кабинетот на претседателот се недостапни за одговор, но извори блиски до Иванов велат „дека не се убедени оти тој ќе ја смени одлуката, бидејќи многу поголем е притисокот од ВМРО-ДПМНЕ“.

Состојбата тензична

Во меѓувреме, во Скопје и други градови во Македонија продолжуваат протестите на „Граѓанската иницијатива за заедничка Македонија“, со повик да не се дозволат „платформи од други држави“ и дека „ова се клучни денови за одбрана на Македонија“.

Mazedonien Skopje Demonstration
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/B. Grdanoski

По бројните закани и напади врз новинари и јавни личности состојбата е тензична, а расте недовербата во професионалниот однос на МВР, особено по информацијата дека заменик- командант на полициска единица ја запрел постапката на полицаецот кој бркал еден од напаѓачите на екипата на А1он. За ова полицаецот изготвил службена белешка, а министерот за внатрешни работи, Агим Нухиу, потврди дека се бараат дополнителни информации за да се одлучи дали ќе се покрене дисциплинска постапка против заменик - командантот на единицата.

Истовремено растат шпекулациите дека протестите може да продолжат со блокирање или обид за „народно освојување“ на Собранието доколку се закаже седница на парламентот, што би можело да предизвика нереди, а би било искористено за да се спречат постизборните демократски процеси.