1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дуел Обама - Путин во Њујорк

З.Јордановски/дпа/афп28 септември 2015

Бегалците и сирискот конфликт ќе бидат во фокусот на дебатата на Генералното собрание на ОН. Прва средба на Обама и Путин по двегодишен „мраз“. Ќе најдат ли „најмал заеднички именител“ за решение на сириската криза?

https://p.dw.com/p/1Gef2
Фотографија: Getty Images/AFP/J. Samad

„Бегалци“ беше веројатно најчесто употребуваниот збор на заседанието на Генералното собрание на ОН: што да се прави со 400 000 бегалци во Европа? Тоа беше главна тема на суперсамитот, првата генерална дебата - пред 70 години, во јануари 1946. година! Седум децении подоцна истата тема веројатно ќе му даде белег на заседанието, во тој контекст и војната во Сирија и теророт на исламистите.

Веќе денеска, на првиот ден на генералната дебата, за која се пријавени 196 говорници, ќе настапат двајцата клучни: американскиот претседател Барак Обама како втор и неговиот руски колега по функција Владимир Путин како шести говорник. Со нетрпение се очекува не само што ќе кажат тие, туку и како ќе бидат примени. Обама секоја година настапува во генералната дебата, зборувајќи секогаш подолго од 15-те минути што им се дозволени на претставниците на земјите да говорат на тема по свој избор. Во првите години како претседател тој беше пречекуван со бурен аплауз, а и неговите говори постојано беа проследувани со аплаузи. Минатата година тој доби само куртоазно ракоплескање. Аплаузи во текот на говорот? - Нула.

А Путин? Тој последен пат учествуваше во генералната дебата пред десет години. Колку и да беа ужаснати многу партнери поради окупацијата на Крим минатата година, Москва и натаму има блиски сојузници во ОН.

USA UN New York Vollversammlung der Vereinten Nationen Gebäude Saal
Фотографија: picture-alliance/AA/C. Ozdel

Судбината на стотици илјади бегалци може да се поврзе со нив двајцата. Оти, иако никој не знае дали Обама и Путин можат да ја решат кризата во Сирија, сосем е сигурно дека без нив тоа воопшто не е можно. А најновиот ангажман на Москва со Иран, Ирак и режимот во Сирија покажува дека Путин планира да се вмеша.

Обама и Путин во изминатите две години немаа практично никаков контект - поради аферата Сноуден и инвазијата во Украина. На ретките средби некаде на светската сцена тие остануваа љубезни и студени. Сега, според најавите од Москва, треба да има вистинска средба меѓу нив. Тоа сведочи за одредено приближување - но дали и за можно решение на проблемите?

Заедничко на обете страни им е отфрлањето на убијците и уништувачи на храмови од Исламската држава. И, тоа е се’. Путин и натаму стои зад сирискиот диктатор Башар ал-Асад, кој широкоградо ја отвори својата земја за воени бази на Русите и ревносно купува оружје во Москва. Американците, а досега и Европејците, напротив, одбиваат било какво решение кое го вклучува и Асад, оти тој, според нивното гледање, ги започнал убивањата со теророт проив својот сопствена народ. „Без Асад ќе нема прекин на огнот во Сирија. Со Асад ќе нема иднина за Сирија. Тоа е дилемата на сириската опозиција, а тоа е дилема и во нас“, рече германскиот министер за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмаер во телевизиска изјава пред да полета кон Њујорк. Во разговорите на маргините на заседанието на Генералното собрание на ОН, според Штајнмаер, мора да се направи обид да се изнајдат „колку што е можно повеќе интереси што се совпаѓаат“ меѓу поддржувачите и противниците на Асад. Неизвесно е, дури и за сомневање, дали ќе се постигне согласност. Во секој случај, насилството во Сирија и барањето решение ќе биде тежишна тема на Генералното собрание на ОН. По петти пат.