Дрога од германска „кујна“
Многу од она што денес се призведува во илегални лаборатории на дрога всушност е откритие на германски хемичари. Некои од наркотиците потекнуваат уште од времето на Хитлер.
Напад на германските - зависници
Уште при нападите врз Полска во 1939. и врз Франција во 1940. год. Хитлеровите генерали им испраќале дрога на војниците во борба. Во нападот врз Франција на борците им биле поделени 35 милиони таблети Первитин - синтетичка дрога метамфетамин, нарекувани и „чоколадо за тенкисти“ или „таблетите од Геринг“. Сепак, треба да се каже дека и сојузниците на своите војници им испраќале слични таблети.
Буден, без чувство на страв и глад
Волшебното средство на германскиот Вермахт во почетокот го открил еден Јапонец, во течна состојба. Хемичарите на берлинската фабрика Темлер натамошно го развиле и го патентирале во 1937. година. Една година подоцна, можело да се купи како средство против умор, глад, страв, под друго име: кристал - мет.
И лично - најголем потрошувач?
Историчарите уште спорат дали и Адолф Хитлер бил зависник од Первитин. Во личните документи за пациентот, водени од Хитлеровиот лекар Морел, многу често е запишан знакот „Х“. Што значи таа забелешка, не е јасно до денес. Сепак, недвојбено се знае дека Хитлер добивал многу силни лекови кои денес би завлегувале далеку во сферата на наркотички средства.
„Чудесното“ средство - хероин
Истражувачкиот дух на германските научници е забележан многу порано: „Веќе нема кашлање благодарение на - хероинот!“ Тоа е рекламна порака на концернот Бајер за неговиот нов производ, кој одлично се продавал. Медикаментот хероин, навистина чист хероин, се препорачувал и за астма, шизофренија и срцеви болести. Дури и за деца! Сепак, со предупредување од несакано дејство - затвор (опстипација)!
Креативни хемичари
Феликс Хофман го слават првенствено поради откритието на аспиринот. Неговото второ откритие - хероинот - му успеало попатно, додека експериментирал со оцетна киселина. За разлика од аспиринот, хемичарот киселината ја поврзувал со морфин, исушен афион. Неговиот производ во Германија всушност е забранет дури во 1971. година. До 1957. година можел да се купи во секоја подобро снабдена аптека.
Кокаин за офталмолози
Концернот Мерк од Дармштата од 1862. година наголемо произведувал кокаин и го продавал како локален анестетик за очните лекари. Тоj е резултат на експериментите на Алберт Ниман со листови на кока од Јужна Америка. Хемичарот издвоил посебен алкалоид кого го нарекол кокаин. Ниман умрел набрзо по своето откритие - додуша, од болест на белите дробови.
„Еуфоричен и полн елан“
И лекарот - невролог Зигмунд Фројд лично, во име на науката, испробувал кокаин. Во своте „Белешки за кокаинот“ Фројд овој препарат го опишува како „безопасен“. „Се чувствувате“, пишува тој, „еуфорично, полни сте со животна сила и со работен елан“. Неговото одушевување попуштило откако од дрога умрел негов пријател. Средството во негово време се препишувало и против главоболки и стомачни болки.
Екстази од времето на валцерите на Штраус
Американскиот хемичар Александер Шулгин се смета за пронаоѓач на „дрогата за забави“ - екстази. Но, тоа е нешто што очигледно уште во 1912. година го откриле во германската фабрика Мерк. Тие тогаш поднесле барање за патентирање за безбојното масло наречено 3,4 -метилендиокси - Н -метиамфетамин или накратко, МДМА. Ова откритие германската фабрика го прогласила за „комерцијално неисплатливо“.
Злосторства
Откритијата на германските хемичари, секако без зла намера, денес не се нешто вредно за гордеење. Според студијата на ОН, само во текот на 2013. година во светот умреле околу 190.000 луѓе поради консумирање илегални наркотици. Слаба утеха е што дрогите не се на прво место- од алкохол таа година умреле дури 3,3 милиони луѓе.