1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Договорот на двете Германии е добар модел за Косово“

Немања Рујевиќ
2 август 2017

Дали прашањето на Косово може да се реши по урнек на договорот на двете Германии од 1972 година? Да, тврди Вернер Вајденфелд, професор на универзитетот „Лудвиг Максимилијан“ во Минхен.

https://p.dw.com/p/2hXin
Kosovo Serbien Grenze Schild
Фотографија: Carsten Koall/Getty Images

ДВ: Претседателот на Србија Александар Вучиќ неодамна покрена „внатрешен“ дијалог за Косово. Многумина сметаат дека тој се обидува да ја подели одговорноста за фактичко признавање на Косово со целата нација. Но, се слушаат и предлози, меѓу кои и моделот на договорот меѓу Западна Германија (СРГ) и Источна Германија (ГДР) од 1972 година како урнек за решение на прашањето. Дали е тоа добар модел?

Вернер Вајденфелд: Се работи за следново: ситуацијата е таква што веројатно ниту еден од учесниците во конфликтот не сака комплетно да попушти. Тоа беше така во случајот на СРГ и ГДР - два различни става, никој не сака да направи некаква темелна отстапка, но постои интерес за постигнување практичен напредок. Тоа е решено така што се склопувани спогодби и договори во кои никој не морал да направи некаква темелна отстапка. Значи, страните во конфликтот можеле да ги задржат основните позиции. Ако сакате практичните работи да се подобруваат, да се овозможуваат контакти или да се отстранат пречките во патничкиот сообраќај, тогаш тоа е добар модел.

Договорот меѓу двете Германии ги зачува различните пристапи на двете страни околу националното прашање. Дали во случајот на Србија и Косово примената на тој модел би значела дека и Белград и Приштина ќе ги задржат своите гледишта кога станува збор за статусот на Косово?

Да. Тоа е така регулирано и со договорот меѓу двете Германии: независно од темелните прашања како што е националното прашање, се состанавме да склучиме договор за соработка. Ако во преамбулата на тогашниот договор ја немаше соодветната формулација, сѐ би пропаднало, затоа што опозицијата тогаш би била против склучување таков договор со ГДР. Но, кога велиме: да, согласни сме околу тоа дека не сме се согласиле околу темелните прашања, тогаш тоа е можно. Еден друг модел ме има импресионирано барем исто колку и споменатиот договор, а тоа е Договорот за Берлин, кој на луѓето им донесе големо олеснување. И тој се склучен така што темелните прашања се изземени од одредбите. Советскиот сојуз тогаш сакаше да потпише само договор за Западен Берлин, затоа што Источен Берлин беше главен град на ГДР. Западните сили сметаа дека може да се склучи договор само за целиот Берлин, а не за Западен Берлин. И, што направија на крај? Напишаа: овој договор важи на “даденото подрачје“. Значи не е точно дефинирано каде важи точно. Советскиот сојуз можеше секогаш да каже: во ред, се однесува на Западен Берлин, а западните сили можеа да кажат - во ред, се однесува на цел Берлин. Така на луѓето им е олеснет животот, на пример сообраќајот меѓу Источен и Западен Берлин заради меѓусебни посети.

Werner Weidenfeld Porträt EINSCHRÄNKUNG
Д-р Вернер ВајденфелдФотографија: CAP

Моделот од 1972 година за Косово го предложи Волфганг Ишингер уште во 2007 година, но Белград тогаш решително го отфрли тој предлог. Дали тоа беше грешка? Косово во 2008 година еднострано прогласи независност и денес мнозинството држави како такво и го признава.

Сега нема никого да критикувам, но оној кој сакал да избегне такво нешто, требало тоа да го направи со такви регулативи. Сега статусот кво е сосема поинаков. Би морале да разговараме за сегашниот статус кво.

Една од главните последици на Договорот од 1972 година е што двете германски држави станаа членки на ОН. Косово, меѓутоа, не би можело да стане член на ОН додека не го признае Србија и можеби последично Русија.

Не би ја оптоварувал целата работа уште со ваков вид на товар. Ако навистина се сака напредок, тогаш не би требало од таквите прашања да правиме јадро на договор. И во случајот на договорот на двете Германии тоа прашање беше многу чувствително и јас со драго срце би го изоставил. Тоа така се прави кога треба ситуацијата да се насочи позитивно, значи темелните прашања не се решаваат на почетокот од тој процес.

Раководителите во Брисел и Берлин никогаш досега не рекле дека Србија мора прво да го признае Косово за да пристапи кон ЕУ. Нивен став е дека за такво нешто е доволен сеопфатен договор за „нормализација на односите“. Сметате ли дека тоа би било доволно за Србија?

Се разбира. Ако дотогаш биде склучен сеопфатен договор за соработка, никој нема да поставува дополнителни пречки.

Мислите ли дека за ЕУ би било непроблематично тоа што во случајот на Србија и Косово во ЕУ би бил увезен нерешен спор за границите?

Тоа повторно се вбројува во прашањата кои се изземаат при склучување на такви договори, како што тоа е сторено при склучувањето на договорот меѓу двете Германии, или Договорот за Берлин. Важно е тоа што сите шест држави од Западен Балкан имаат добра перспектива за прием во ЕУ. Тие сакаат еден ден да се вклучат во ЕУ. Но, меѓусебно постојано создаваат затегнатост и јас, кога би имал политичка одговорност и перспектива за пристап во ЕУ,  тоа би престанал да го правам.

Д-р Вернер Вајденфелд  е професор емеритус по политички системи и европско обединување на универзитетот „Лудвиг Максимилијан“ во Минхен, директор на Центарот за применети политички истражувања и политички коментатор во многу германски медиуми. Автор на многу книги и стручњак за балканска политика.