1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Договорот за избори да не генерира предизборна растрошност

Костадин Делимитов15 јули 2015

Политичкиот договор води кон излез од политичката криза, но дали гарантира и подобри денови за домашната економија? Бизнисмените очекуваат постабилен период но и зголемена одговорност посебно во трошењето државни пари.

https://p.dw.com/p/1FyyE
Фотографија: picture-alliance/dpa/Georgi Licovski

Стопанствениците се генерално задоволни што политичарите конечно постигнаа одреден пробив, но се претпазливи оптимисти во оценките дали договорот за избори во април 2014 значи и крај на главоболките и проблемите што реално го кочат бизнисот:

„Се` е подобро од немање договор. Апсолутно, ако договорот е прифатлив за сите политички фактори и се држат до него, ние немаме ништо против. За нас како бизнисмени е битно постоење на предвидливи услови за работа и гаранции дека економската активност ќе биде согласно она што е зацртано во буџетот. Мислам дека во наредниот период не треба да има непотребни трошења, а државата треба да се фокусира на проблемите на економијата, невработеноста. Да не се влезе веднаш во маркетиншка кампања. Барем до крајот на годинава се‘ да функционира нормално, а не да се трошат пари за реклами. Тоа нека се остави за регуларниот дел од предизборната кампања за што сметам дека има доволно време во законски утврдениот предизборен период. Со оглед дека прв пат се наоѓаме во ситуација речиси една година однапред да знаеме дека ќе има избори, многу се важни овие работи и повторувам - да нема злоупотреби. Државата да функционира согласно утврдените политики и стратегии и донесениот буџет “, коментира за Дојче веле Антони Пешев, претседател на Собранието на Стопанската комора на Македонија.

За стопанствениците е значајно што политиката го ослободува бизнисот, но предупредуваат дека и бизнисмените треба се фокусираат исклучиво на бизнисот:

„Крајот на политичката криза ќе значи ослободување од стегата што ја наметнуваа политичките партии во Република Македонија. Договорот практично треба да стави крај на притисокот од она што бевме сведоци во изминативе два месеца, кампирања, летни одмори. Ќе се ослободи простор за бизнис заедницата која очекувам сега да се фокусира исклучиво на бизнисот. За мене тоа е клучно, а што ќе прави политиката во наредниот период помалку ме интересира“, смета Горан Рафајловски бизнисмен и претседател на Стопанска комора на град Скопје.

Итно стабилизирање на состојбата

Дел од бизнис заедницата не очекува имплементацијата на синоќешниот договор да има какво било влијание врз вработувањето или инвестициите во наредниот период. Причина за тоа, како што сметаат од Сојузот на стопански комори, е долгорочноста на договорот, односно неговата примена на малку подолг период:

„Не би можеле да прогнозираме какво ќе биде влијанието на синоќа постигнатиот политички договор. Но, дологорочноста на неговата имплементација сметаме дека ќе ги ублажи влијанијата и нема да се почувствува во бизнис секторот. Ако договорот беше кракторочен, секако ќе имаше влијание“, смета Саша Огненовски од Сојузот на стопански комори на Македонија.

На сериозност и одговорност во наредниот период апелираат и од Стопанската комора на Северозападна Македонија. Со оглед на сериозниот застој во економските движења од оваа бизнис асоцијација предупредуваат политичарите да ги надминат сите недоразбирања:

„Со оглед дека и ние ги чувствуваме последиците од кризата чувствуваме потреба уште погласно да ги нагласиме нашита барања за итно вклучување на сите фактори во стабилизирање на состојбата. Владата да се воздржи од нереални ветувања, кои реално и не може да ги исполни, како што се зголемување на плати, пензии, разни субвенции и нереални ветувања. Во таа насока владата исто така да не се преоптоварува и да се задолжува дома и надвор за гореспоменатите работи. Многу е важно и Народната банка и Министерството за финансии да ги следат финансиските трансакции за да нема неконтролиран одлив на пари“, коментира за Дојче веле Неби Хоџа, претседател на Стопанската комора на Северозападна Македонија.

Турбуленции на пазарите

Политичката криза веќе предизвика турбуленции на пазарите. Економската активност забави, потрошувачката исто така, дел од инвестициските планови се откажаа, трговската размена, посебно во делот на извозот осетно е во опаѓање. Дали и колку ова ќе влијае на макроекономските проекции засега е неизвесно. Светска банка и ММФ веќе ги намалија проекциите за растот на македонската економија годинава на 3,5% односно 3,2% од БДП. Според договорот до крајот на октомври, опозицијата меѓу другото ќе треба да го преземе и управувањето со Министерството за труд и социјална политика и Министерството за внатрешни работи. Паралелно со првата позиција во труд и социјала како ресор кој е надлежен за исплата на социјалната помош, пензиите и друг вид социјална поддршка и бенефиции, опозицијата меѓу другото ќе добие и заменик министер за финансии кое го контролира и одобрува трошењето од државната каса.

Костадин Делимитов

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема