1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Дијалог“ на македонски начин: шокантност и шлаканица!

Катерина Блажевска 16 јули 2015

Вицепремиерот Владимир Пешевски не ги коментира барањата за негова оставка, а Саше Ивановски тврди дека е исплашен за личната безбедност.

https://p.dw.com/p/1G08x
Фотографија: VRD/Fotolia

Оставка од вицепремиерот Владимир Пешевски денеска пред Владата побараа неколку десетици новинари и медиумски работници, поради физичкиот напад што тој го извршил врз сопственикот на порталот „Мактел“, Саше Ивановски. Нападот се случи вчера пред ресторан во центарот на Скопјe, откако Ивановски се обидел на Пешевски да му постави прашање. Инцидентот бил снимен од присутни во ресторанот.

Новинарите од Новинарскиот пленум кои денеска го организираа протестот, истакнаа дека на правото на активизам не треба да се одговара со физички напад. Ивановски два дена претходно доби шлаканица и од новинар на „Сител“, а повеќе од една недела е мета на критика од провладините медиуми поради фактот дека на владините функционери во континуитет им „дише во врат“ и ги користи сите јавни пригоди на кои тие се појавуваат, за „да им го расипе денот“ со незгодни прашања.

Инцидентот го осудија и Здружението на новинари, Советот за етика во медиумите и голем број граѓански организации.

Кој кога нападнал?

Оставка од Пешевски побара и опозициската партија СДСМ, а од владејачката партија одговорија дека Владимир Пешевски бил вознемируван и бил предмет на вербален, со можност за сериозен физички напад од страна на „платеникот на СДСМ“, Саше Ивановски.

„Следниот пат и СДСМ и платениците како Политико и слични на него треба да бидат свесни дека ќе се носат со последиците кои се резултат на било кое загрозување на приватност, слобода и права кој секој поединец и субјект независно од функцијата која ја поседува. Глумењето на жртва само претставува доказ за смисленоста на ваквиот инцидент предизвикан од Ивановски, а стимулиран и платен од СДСМ“, беше речено во соопштението на ДПМНЕ.

Messe InternationaleTourismusbörse ITB 2012 Berlin
Вицепремиерот Владимир ПешевскиФотографија: DW

Ваквото соопштениe од ЗНМ и други здруженија беше оценето како скандалозно.

Саше Ивановски признава дека го плашат физичките напади во последниот период.

„Да, не кријам дека сум исплашен. Се плашам дека може да бидам и убиен. Планирам да побарам заштита од амбасадите на САД, на ЕУ и од мисијата на ОБСЕ“, вели Ивановски.

И покрај стравувањата за личната безбедност, најавува дека ќе продолжи со офанзивата на поставување прашања до функционерите, особено по поддршката што ја добил денеска од новинарите.

Вицепремирот Владимир Пешевски не ги коментира барањата за оставка од него. „Немам коментар. Секој има право да бара што сака. Ивановски седел во ресторанот во моја близина и ако сакал да ми постави прашање - културно ќе поставел. Но, очигледно сакал да прави претстава. Прво, тој не е новинар. Второ, кога некој ви доаѓа од зад грб, прашање е кој кого се обидува да напаѓа. Трето, јас се движам без обезбедување, бидејќи сакам да воспоставам такви стандарди. Кога некој се обидува да ја злоупотреби таа ситуација и да ја наруши моја слобода на движење, тогаш во што е мојата вина?“, вели Пешевски за Дојче веле.

Шокантност по секоја цена

Новинарот Ѕвездан Георгиевски, деновиве во една колумна вака го портретираше Ивановски: „Саше Ивановски за многумина е исто тоа само на спротивната страна на овдешниот журналистички простор. Ослободен од најминималните морални скрупули, со говор кој е со светлосни години далеку од минималните стандарди на јавниот дискурс, со извитоперено сфаќање на новинарската храброст, наводен левичар, со теза дека шокантноста по секоја цена е побитна од ординарната информација, Ивановски, во суштина, не успева да направи разлика меѓу новинарство (со сите негови жанрови) и дневно-политичка рововска битка“.

Ивановски не е новинар со формално образование за оваа професија, како што не се и многу други кои сепак се претставуваат и работат како новинари. Не е приврзаник и почитувач на новинарските стандарди, како и многу други.

„Но, тоа не му го одзема правото да постави прашање, ниту некому му дава за право да посегне по неговата безбедност“, реагираат од Новинарскиот пленум.

„Од 'бомбите' слушнавме како премиерот Груевски нарачува некој да му удри шлаканици на градоначалникот Жерновски. Шлаканицата станува метод за 'дијалог' со неистомислениците. Ако можеле таков 'аранжман' да планираат за градоначалник, веројатно уште полесно им е на таков начин да 'дискутираат' со некој што им поставува незгодни прашања. Всушност, треба да се запрашаат зошто се случува ова - токму поради нетранспарентноста која завладеа во општеството“, велат од Новинарскиот пленум.

Прашањата кои Ивановски ги поставува, не пледираат да добијат одговор, бидејќи најчесто се критички констатации ставени во прашална форма. На такви „прашања“ ни политичарите немаат мотивација да одговорат. Со еден збор, исполнети се сите услови „новинарската офанзива“ на Ивановски да се третира како естрада.