1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Диселдорф и музиката - проверена комбинација

13 мај 2011

Деновиве во Диселдорф се одржува Евровизија, но опседнатоста со музика не е ништо ново за градот.. Феликс Менделсон Бартолди, Клара и Роберт Шуман, Кампино, од „Тотен хозен“, се само дел од музичарите кои живееле таму.

https://p.dw.com/p/11D7S
Фотографија: Stadt Düsseldorf

Водичот на турата, 42 годишниот Канаѓанец Тим Д. Моранд, деновиве е во еуфорија. Целиот град е во знакот на музиката.

Првата станица од обиколката на градот е посветена на пејачот на шлагери, Хајно. Неговото вистинско име е Хајнц Георг Крам и е роден во квартот Обербилк. Тој на германската публика и` познат по својата руса перика и темните очила, кои се составен дел од секој негов настап.

Понатаму Моранд ги води туристите во црквата Ламберти во стариот дел на градот.

„Феликс Менделсон Бартолди и Роберт Шуман работеле тука. Акустичноста е неверојатна“, вели водичот и ја раскажува приказната за композиторот и музички педагог Роберт Шуман, кој во 1849 година станал музички директор на градот, по препорака на Менделсон Бартолди.

„Во рок од три месеци тој ја компонираше третата симфонија во С-дур, таканаречената Рајнска симфонија.“

Годините што Шуман ги поминал во градот на Рајна биле доста интензивни, исполнети со многу маки, но и голема љубов кон концертната пијанистка Клара Шуман, кој, пак, имала љубовна афера со потстанарот, раскажува Моранд.

Во чест на Шуман, во градот постои музичка академија, која го носи неговото име. Тука предаваат меѓународно признати професори, а студентите доаѓаат од цел свет.

Flash-Galerie Vorbereitungen Eurovision Song Contest
Погледот на Рајна го пленил и познатиот композитор ШуманФотографија: NDR/Rolf Klatt

Младина без културолошки идентитет?

Неколку чекори подалеку, пак, се наоѓа култното кафуле „Стоун.“ „Кафулето било голем хит во седумдесеттите и осумдесеттите години. Кампино, основачот на групата ’Тотен хозен’, исто така бил еден од гостите. Еднаш дури морал да позајмува пари од пријателите, бидејќи толку многу испил, што не му останале пари за автобуска карта до дома“, раскажува водичот.

Уште еден музички „производ“ од Диселдорф е групата „Крафтверк“, која по основањето во седумдесеттите години се фокусираше на електронската музика, вршејќи големо влијание врз многу други музички стилови.

„На што се должи успехот на ’Крафтверк’? Во шеесеттите години основачите на составот, Ралф Хитер и Флоријан Шнајдер, сфатиле дека израснале во млади луѓе, без никакво културолошки идентитет. Затоа сакале музички да потсетуваат на дваесеттите години, на баухаус-стилот, спојот меѓу технологијата и уметноста“, нагласува Моранд.

Албумот „Аутобан“ или „Автопат“ се задржа 22 недели меѓу најпродаваните плочи во САД.

Но, тоа ни оддалеку не е се` што Диселдорф може да понуди на музички план. За време на Евровизија, градот уште еднаш ја покажува својата музикалност.

Автор: Карин Јегер/Трајче Тосев

Редактор: Борис Георгиевски