1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ДИК и Вељаноски пред одлука: отпис или потпис за изборите?

Катерина Блажевска15 април 2016

ВМРО-ДПМНЕ ќе предложи испраќање писмо од четирите партии до Иванов, со барање тој да ја преиспита одлуката за аболиција. Дали власта сака да го стивне граѓанското незадоволство, за да прикаже дека има услови за избори?

https://p.dw.com/p/1IWG1
Фотографија: MIA

Претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, за денеска најави дека ќе го потпише решението за распишување и организирање на предвремените парламентарни избори на 5-ти јуни. Потписот не би требало да го стави пред ДИК да ја соопшти конечната оценка дали и колку е прочистен Избирачкиот список, односно дали сите членови на Комисијата едногласно ја гарантираат неговата веродостојност и кредибилност. Вчера со партиско надгласување беше усвоен извештајот од теренската проверка, иако сѐ уште се спорни одредени категории, особено гласачи кои не живееат на адресата на која се пријавени, но и други спорни записи, што отвори потреба за дополнителни проверки. Според аналитичари, ако Вељаноски ги распише изборите независно од оценката на ДИК, со тоа, по едностраната одлука на Иванов за аболиција на политичарите од кривична одговорност, тој ќе го направи вториот критичен чекор од кој драматично ќе зависи натамошниот развој на настаните во земјата.

Рано утрово, ВМРО-ДПМНЕ дистрибураше соопштение во кое се вели дека одлуката на претседателот не е во согласност со заложбите на ВМРО-ДПМНЕ.

„Нашиот став е јасен, секој што направил криминал треба да одговара. Од тие причини, ВМРО-ДПМНЕ денеска ќе предложи да биде испратено писмо до претседателот Иванов, потпишано од четирите најголеми политички партии, со барање да биде преиспитана одлуката за прекинување на кривичните постапки. Во текот на денот ВМРО-ДПМНЕ ќе стапи во контакт со останатите три партии при што ќе им го понудиме нашиот предлог“, се вели во соопштението.

Засега не е јасно, кои се мотивите на оваа соопштение, со оглед дека Груевски вчера изјави дека, за жал, не постои можност да се промени одлуката на претседателот.

Прашањето е - дали ВМРО-ДПМНЕ очекува преку ова писмо да го омекне ставот на опозицијата околу датумот за избори и да го стивне граѓанското незадоволство, за да прикаже дека има услови за избори? Вчера и Иванов и Груевски во своите јавни обраќања изразија непопустлив став кон договорениот датумот за избори. Лидерот на СДСМ, пак, вчера изјави дека се надева оти нема да се распишат изборите и дека пратениците може да ја сменат одлуката.

„Парламентот може да заседава до 4 јуни. Нема ограничување, ако се распишани изборите или не, затоа што законодавецот предвидел - парламентот и пратениците имаат мандат се' до верификација на мандатот на новоизбраните пратеници, така што нема дилема во тој дел. Се надевам дека нема да се распишат изборите“, изјави Заев.

Од ДПА се воздржани, а неизвесно е како ќе се однесува владејачката ДУИ. Таа претходно енергично се залагаше за избори на 5-ти јуни, но по одлуката на Иванов за аболиција, даде поддршка на опозициската иницијатива за свикување вонредна седница и за утврдување на одговорност на Претседателот. Оттаму засега стигнуваат само неофицијални индивидуални сигнали, дека сега, кога ситуацијата е драматично сменета, „не е невозможно“ одложувањето на изборите, без оглед што парламентот е распуштен. Неофицијално, без оглед дали Вељаноски денеска ќе ги распише изборите, поради големиот ризик од нивно спроведување во поларизирана атмосфера, не е исклучено со посредство на меѓународни претставници да се бара начин во наредните недели тие да бидат одложени.

Услови за стабилност

Според дипломатски извори, сега во втор план паѓаат (не)остварените услови за одржување фер-избори, а во прв - враќањето на стабилноста на земјата и правната држава, кое многу зависи од преиспитувањето, односно повлекувањето на одлуката на Иванов. Преиспитувањето на датумот на избори во „крајно тензична и зовриена ситуација“ е главната тема на која во моментов се одвиваат дипломатски средби со домашните лидери, при што оценката е дека „некои лидери, од за нив познати причини, ја игнорираат сериозноста на ситуацијата и тешките последици што таа може да ги предизвика“. И во Брисел се водат интензивни консултации околу решенија кои би можеле да ѝ помогнат на Македонија да се опорави по политичкиот земјотрес предизвикан од одлуката на Иванов.

„Многу добро сме запознати и сериозно загрижени со одлуката на претседателот Иванов да помилува голем број политичари и официјални лица кои беа предмет на криминалистички истраги. Оваа одлука ризикува да произведе клима на неказнивост, го поткопува владеењето на правото и годините вложени напори во земјата и од меѓународната заедница и може да ја влоши постоечката политичка криза“, изјави портпаролката во ЕК, Маја Коцијанчич.

Порака стигна и од британскиот министер за Европа, Дејвид Лидингтон, кој одлуката на Претседателот ја оцени како исклучително загрижувачка и го повика Иванов да ја промени.

„Оваа одлука ги заштитува официјалните лица и поранешни министри обвинети за корупција и оневозможува правдата да стигне до граѓаните на Македонија. Наводите во прислушуваните материјали од минатата година отворија многу прашања за владеењето на правото и веродостојноста на изборите. Овие нaводи мора целосно да се истражат низ соодветен правен процес, за Македонија да изнајде одржливо решение за актуелната политичка криза. Го повикувам претседателот на Македонија да најде начин за промена на одлуката. Македонија треба да има избори на 5 јуни. Сериозно сме загрижени за степенот на подготвеност за предвремените избори, недоволно пречистен избирачки список, без напредок во медиумските реформи и пријави за заплашување. Се надеваме дека какви било јавни протести ќе се одвиваат без насилство. Разговарав со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски на 13 април, за јасно да ја истакнам нашата загриженост и повик за дејствување“, изјави Лидингтон.

Mazedonien Anti-Regierungsproteste in Skopje
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

Одложување на изборите

Преку отворено писмо упатено до највисоки функционери и тела на ЕУ, 85 невладини организации од Македонија вчера побараа да се преиспита одлуката за одржување избори на 5-ти јуни, да се свика повторно Собранието, а претседателот Иванов да ја повлече одлуката за аболиција и да си поднесе оставка. Писмото беше предадено на претставници на Канцеларијата на ЕУ во Скопје, со оценка дека во вакви услови не се можни фер и слободни избори.

Такви пораки стигнаа и од новите партии во албанскиот блок. Движењето „Беса“ одлуката на претседателот ја оцени како противуставна со тенденција да се укине работата на СЈО. Движењето побара задолжително одложување на изборите на неодреден рок, создавање услови за нормална работа на СЈО, прочистување на Изборниот список и медиумски реформи.

„Се бара енергична и директна интервенција на САД и ЕУ, со цел да се репарираат урнатите институции на државата, да се врати довербата во институциите и да се воздигне демократијата во земјата. Да се формира експертска влада, да продолжи без никакви пречки работата на Специјалното јавно обвинителство и да се основа Специјален суд“, побараа од „Беса“.

Со слични ставови се огласија и други партии. Во јавноста расте загриженоста дека поради одлуката на претседателот која наиде на целосна осуда од меѓународната заедница, и двојниот однос на ВМРО-ДПМНЕ - јавно да се огради од неа, а де факто да ја поддржи, земјата ризикува да биде изолирна од секаква можност за интеграции, пред се, поради непочитување на европските вредности, меѓу кои е фундаментално владеењето на правото. Незадоволството од ваквите состојби и денеска ќе биде изразено на протест.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи