1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Децата во улога на маченици - пропаганда на Ердоган

Сејда Нурч
27 февруари 2018

Ердоган праша едно расплакано девојче пред камерите: „Сакаш ли да се жртвуваш?“ Турскиот претседател сега е критикуван дека ги користи децата како средство на пропаганда.

https://p.dw.com/p/2tPLd
Türkei Kahramanmaras - Recep Tayyip Erdogan mit weinendem Kind (AUSSCHNITT)
Фотографија: picture-alliance/AA/Turkish Presidency/M. Cetinmuhurdar

На собир на неговата партија АКП, во Караманмарас во југоисточна Анадолија ,Реџеп Таип Ердоган  повика едно девојче во војничка униформа кај себе на бината. „Сакаш ли да бидеш маченик, да се жртвуваш?“, го праша тој шестгодишното дете. Откако девојчето, веројатно од возбуда, се расплака, тој го предупреди: „Војниците не плачат“ и додаде: „Ако загинеш, ќе те покриеме со државно знаме.“ 

Овој настап на Ердоган предизвика жестоки реакции на социјалните мрежи. „Претседателот на државата на мало девојче му рече дека ако загине, ќе биде завиткано во турско знаме. Притоа, државата не постои за да убива деца, туку за да им обезбеди добар живот“, напиша на својот Твитер профил корисникот @emilezolam.

@tuyocu пак ги критикува неправилностите со кои се конфронтирани децата во Турција: „Детски бракови, злоупотреба, жртвување и искористување на децата. Ова не е држава, туку стапица за деца.“

А @GaziCaglar е револтиран од злоупотребата на деца во политички цели: „Постојат илјада видови на детска злоупотреба. Една од најодвратните е кога автократите ги користат децата во своите политички шоуа, а родителите тоа го дозволуваат. Постои една група избирачи кои ќе влезат во историјата како заштитници на малтретирачите на деца.“

Твитаат и поддржувачите на Ердоган. Корисникот @mrtdrs_79 пишува: „Идиоти едни, погледнете. Љубовта кон Реџеп Таип Ердоган не се купува со храна или со јаглен. А љубовта на децата не може да се купи апсолутно со ништо.“

@enesiovic препорачува: „Да ја завршиме вечерва со сликата на великанот Реџеп Таип Ердоган“.

Деца како средство за пропаганда во Турција

Ова не е прв пример за злоупотреба на децата во пропагандни цели во Турција. Дента пред спорниот настап на Ердоган, државната телевизија ТРТ на својата интернет страница објави видео-порака на едно исто така шестгодишно момче. Малиот Иса во видеото вели: „Мојот татко со своите пријатели, рамо до рамо со турските војници, се бори во редовите на Слободната сириска армија против сепаратистичката терористичка организација ПКК. Господ нека ги штити сите наши борци и нека им помогне да победат. Му благодарам на претседателот на државата, кого го сметам како свој дедо. Зашто, за тоа што смеам да посетувам училиште и да живеам безбедно, треба да му благодарам на Господ и нему. Бог нека ги награди него и турската нација.“

Повеќе на темата: 

Двоен удар - Ердоган во војна против Курдите и новинарите

Турска инвазија во Сирија: Напад врз најсилното оружје против ИД

Со музика подвлеченото видео завршува со сцена во која момчето, заедно со уште едно друго дете, на лаптоп гледа во сликата на својот татко, облечен во униформа.

Адвокатката Седа Акџо Билен, специјализирана за заштита на детските права, укажува на бројните меѓународни договори на кои потписник е и Турција. „Тие предвидуваат држење настрана на децата од сите видови вооружени конфликти и забрана за нивна регрутација. За жал, бидејќи овие договори не се спроведуваат во дело, децата стануваат најголеми жртви на војните. За нив не постои ништо поопасно од војна. Задача на секој возрасен човек е да ги штитат децата од војна и од нејзини последици“, истакнува Билен во разговор за Дојче веле.

Читајте нѐ и преку апликацијата на ДВ за андроид