1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Десетици загинати во напад врз хотел во Тунис

ЕМФ/ртр/афп/кна26 јуни 2015

Во напад врз хотел во Сус, според наводи на Министерството за внатрешни работи на Тунис, загинаа најмалку 27 луѓе, а повредени се околу сто. Меѓу жртвите има и странци.

https://p.dw.com/p/1Fo0c
Фотографија: Imago

Меѓу жртвите има и Германци и Британци, се вели од туниското Министерство за внатрешни работи. Од германскто Министерство за надворешни работи пак се вели дека се проверуваат ваквите информации. Цел на нападот бил хотелот Империјал Мараба, се вели од туниски безбедносни кругови. Двајца напаѓачи наводно отвориле оган на просторот меѓу два хотела. Таму дошло до престрелка со полицијата. Притоа е убиен еден од напаѓачите. Други детали засега нема.

Сус е едно од омилените туристички места во Тунис. Таму има многу туристи од Европа и од северноафриканските земји, соседи на Тунис.

Во март годинава, во напад врз Бардо-музејот во главниот град на Тунис беа убиени повеќе од 20 странски туристи. Исламската терористичка милиција Исламска држава тогаш презеде одговорност за делото, но има и знаци дека зад тоа може да стојат луѓе од Ал Каеда. Тоа беше најтешкиот напад во Тунис по повеќе од една деценија.

За разлика од земји како Либија, Сирија или Египет, Тунис, по востанијата од т.н. Арапска пролет, долго време беше мирен. Во земјата сепак има повеќе исламистички екстремистички групи, како што е Ансар ал-Шарија. Во соседна Либија, освен тоа, Исламска држава се обидува да освои територии. Според проценки на властите, околу 3000 граѓани на Тунис и‘ се приклучиле на Исламска држава во Ирак и Сирија. Туниската влада е загрижена дека повратниците во земјата би можеле да извршуваат напади.