1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Денот кога Хитлер требаше да умре

Моника Дитрих / Симе Недевски20 јули 2014

Офицери на Вермахтот планираа атентат врз Адолф Хитлер. Но, на 20.07.1944, тој преживеа, а офицерите завршија пред суд. Мина долго време пред нивниот обид за пуч да наиде на поддршка кај Германците.

https://p.dw.com/p/1CfAA
Фотографија: picture-alliance/dpa

Институтот за демоскопија „Аленсбахер“ во летото 1951. година објави една многу важна анкета на тема - што мислите за настанот од 20. јули 1944. година? Резултатот на анкетата покажа дека само една третина од испитаните Германци имаат позитивно мислење за жените и мажите кои се обидоа да го соборат од власт Хитлер и неговиот режим. Уште во 1956. година поголемиот број граѓани на Германија се изјаснија против именување на едно училиште по Клаус Шенк фон Штауфенберг - неуспешниот атентатор на Адолф Хитлер.

Со други зборови, на Германците им требаше долго време да им одадат признание на членовите на отпорот и планираниот атентат. Она што денес се подразбиира само по себе, во „реалноста е всушност резултат на еден долг и многу сложен процес“, напиша неодамна Јоханес Тухел, раководител на „Меморијалниот центар на германскиот отпор“ во Берлин. Тој наведува дека многу работи на почетокот се игнорирани, потиснувани и заборавени.

Теодор Хојс и будење на германската совест

Bildgalerie Rote Kapelle
Фотографија: picture-alliance/akg-images

Атентатот на Адолф Хитлер на 20. јули 1944. година беше најважниот обид за негово симнување од власт во текот на владеењето на нацистите. Членовите од групата на отпорот беа припадници на германското племство и водечките кругови на германската армија - Вермахтот. Офицерот Клаус Шенк Граф фон Штауфенберг се обиде да го убие Хитлер со поставен експлозив во неговиот главен штаб. Но, диктаторот преживеа, а државниот удар заврши со неуспех. Фон Штауфенберг е убиен веќе следната ноќ - а во деновите кои следеа и стотина други кои нацистите можеле да ги доведат во врска со атентатот.

Борците, членовите на отпорот, се прогласени и претставени како предавници, како некои кои ја прекршиле „заклетвата за татковината“ со која му се заколнале на Хитлер на верност. Ова мислење толку се всадило во свеста на Германците што се задржало и долго време по Втората светска војна. Дури на Теодор Хојс, првиот претседател на Сојузна Република Германија, му пошло од рака и кај Германците да го разбуди чувството дека отпорот против Хитлер не бил предавство и оти непослушноста на фон Штауфенберг е нешто што заслужува признание. „Од правна и морално-историска страна, ’залетвата за татковината’ пред атентатот повеќе пати ја прекрши едно друго лице“, рече Хојс во 1954. година за време на одбележувањето на 10-тата годишнина од неуспешниот атентат. Тоа воедно е и прво службено одбележување на овој настан воопшто.

Berlin Gedenkstätte Deutscher Widerstand Eröffnung 01.07.2014
Фотографија: picture-alliance/dpa

Институциите на културата на сеќавање

„Говорот на Теодор Хојс означи пресврт во перцепција за германскиот отпор“, вели Ридигер фон Фос во разговорот за ДВ. Одржување на сеќавањето на членовите на отпорот (еден од нив бил и неговиот татко) е една од неговите важни задачи.

По повод 70-годишнината за обидот на атентатот, Фон Фос објави книга во која се собрани сите говори одржани во Сојузна Република Германија врзани за овој настан. „Овие говори даваат еден исклучителен преглед на дискусиите поврзани за духовните, но и политички аспекти на овој отпор“, вели Фон Фос. Воедно, овој труд, односно, говорите го документираат и текот на промената на значењето на 20. јули 1944 - во меѓувреме овој датум има цврсто место во германската култура.

Фон Фос во книгата нагласува и еден аспект кој посебно во 50-ти и 60-те години во Германија бил многу актуелен - каде се границите на послушноста, а кога е време за непослушност, односно „предавство“?

Така, на пример, Теодор Хојс во споменатиот говор нагласи дека „постојат ситуации кога непослушноста добива историска важност“.

Недостиг на граѓанска храброст

Долго траеше досега членовите на отпорот во германското сеќавање да добијат место какво заслужуваат. Еден од оние кој даде придонес за нивно признавање беше и писателот Карл Цукмајер. Тој во својот говор во 1969. година го кажа следново: „Луѓето кои го планираа атентатот знаеја дека постои само малку надеж дека ќе успеат во тоа, па сепак се осмелија да се обидат...“

Berlin Gedenken an die Opfer des Nationalsozialismus
Фотографија: REUTERS

Првото големо одбележување на овој настан се случи дури во 1990. година. Ова беше првпат цела, повторно обединета Германија да се присети на овој ден. Имено раководството на поранешната Германска Демократска Република со години го игнорираше овој настан пред сѐ поради тоа што конзервативните и благороднички припадници на отпорот собрани околу Фон Штауфенберг не се вклопуваа во сликата за идеален социјалистички човек.

А, денес? Предавниците од минатото во меѓувреме станаа јунаци. Одбележувањето на 20. јули е составен дел од официјалните манифестации. Но, како што нагласува Фон Фос, „во училиштата германскиот отпор против Хитлер се’ уште не го доби своето вистинско место“. По ова прашање се’ уште постои одреден дефицит. „Притоа токму разјаснувањето на темите и идите на отпорот е многу важно затоа што е тесно поврзано со развојот на цивилната храброст, а која, пак, е незамислива доколку сакаме навистина да живееме во демократија“, заклучува правникот Фон Фос.