1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дебатата за Авганистан во германскиот печат

24 мај 2007

Се пожестоката дискусија околу германската воена мисија во Авганистан и денеска ги полни германските весници со коментари.

https://p.dw.com/p/Anya
Германските војници во Авганистан
Германските војници во АвганистанФотографија: AP

Весникот “Келнише Рундшау” пишува:

“Иако навистина беше неопходно министерот за одбрана Франц Јозеф Јунг во говорот да им се заблагодари на жртвите, сепак беше несоодветна целата комеморација, особено поради тоа што се одвиваше во еден хангар. И не само тоа. Членовите на семејствата на настраданите кои изразија жалење за бирократското однесување кога им била соопштена трагичната вест, како и повредените војници во нападот кои се чустуваат како оставени на цедило бидејќи се отпуштени од војската како неспособни за понатамошно извршување на воените задачи, покажува дека и Бундесверот бил неподготвен за една ваква ситуација”, заклучува весникот “Келнише Рундшау”.

Со ова се согласува и “Тирингер Алгемајне” од Ерфурт. Весникот денеска ја коментира се поразгорената дебата за мисијата во Авганистан:

“Од политичарите се очекува дека треба да бидат подготвени на вакви ситуации. Но,жестоките дискусии за Авганистан не го покажуваат тоа. Уште пред случајот, многу безбедносни стручњаци укажуваа дека е потребна промена на стратегијата, но политичарите како да беа глуви на ваквите забелешки. При тоа, депримирачко е колку малку е сторено од падот на Талибанците, ”оценува “Тирингер Алгемајне”.

“Вестдојче Цајтунг” од Дизелдорф пак пишува за причините поради кои таа мисија сепак мора да се продолжи.

"На западот постои интерес Авганистан повеќе да не биде јадро на меѓународниот тероризам. Триесет години по граѓанската војна во оваа земја и раздорот и омразата која владее таму, во секој случај покажуваат дека такви работи не може повеќе да ги толерира ни самиот авганистански народ. Ако сега со непромислено повлекување на меѓународната заедница од Авганистан, им се отвори простор за делување на Талибанците, тогаш трагичната смрт на германските војници би била апсолутно бесмислена”, заклучува весникот “Вестдојче Цајтунг”.