1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дебакл и победи

29 септември 2008

Во баварската ЦСУ никој не сметаше на изборен дебакл како вчерашниот, партијата го загуби апсолутното мнозинство во покраинскиот парламент, освојувајќи 43,4 проценти гласови. Сите партии денеска одржаа советувања.

https://p.dw.com/p/FR1A
Поразен дует: Гинтер Бекштајн и Ервин ХуберФотографија: AP

Социјалдемократите остварија досега најлош резултат во историјата, 18, 6 проценти. Добитници се помалите партии: Слободните избирачи, со освоени 10,2 насто, Зелените имаат 9,4, а Либералите 8 проценти од гласовите.

Христијанско социјалната унија, која досега неприкосновено владееше во Баварија, сега ќе мора да ја дели власта - да бара коалиционен партнер.

„Не ја исполнивме изборната цел, ова е најболниот и најтежок ден за ЦСУ,“ изјави претседателот на партијата, Ервин Хубер.

Повиците за смена во раководството се се‘ погласни, но и Хубер, како и покраинскиот премиер, Гинтер Бекштајн, исклучија оставка во овој момент. Инаку, како можен иден наследник на Ервин Хубер се споменува сојузниот министер за земјоделство и заштита на потрошувачите Хорст Зеехофер.

Заедно во победите и поразите

За германската канцеларка и прв човек на Христијанско демократската унија, Ангела Меркел, резултатите на сестринската партија во Баварија се разочарување:

„Христијанско демократската и Христијанско социјалната унија заедно ги слават победите како успех и заедно ги трпат разочарувањата. Очигледно, не ни успеа да ја освоиме довербата на луѓето, за ЦСУ да управува со апсолутно мнозинство. Во време на глобализацијата се работи на луѓето да им се понуди поддршка и во овој правец да се формулираат и правилата на социјалното пазарно стопанство. “

Deutschland CDU Unternehmertag Angela Merkel in Berlin
Ангела Меркел е разочарана од резултатот на ЦСУФотографија: AP

Но, големата коалиција на сојузно ниво не е загрозена, таму Унијата останува фактор на стабилност, смета Меркел. Генералниот секретар на Христијанските демократи, Роналд Пофала не гледа причина за промена на курсот на Унијата и заострување на конзервативниот профил.

Социјалдемократската партија е задоволна и покрај поразот

Раководството на Социјалдемократската партија, и покрај историскиот пораз во Баварија, резултатите ги оценува за успех. Кандидатот за канцелар на Социјалдемократите, Франк Валтер Штајнмаер, вели дека станува збор за политички земјотрес:

„Баварија веќе не и‘ припаѓа на една партија, ова ќе ја промени политичката култура и нуди шанси и перспективи за Социјалдемократите, “изјави Штајнмаер. Неговата партија се надева на формирање коалиција со Либералите, Слободните избирачи и Зелените, но се чини нереално.

Außenminister Frank-Walter Steinmeier
Франк Валтер Штајнмаер: задоволство и покрај лошиот резултатФотографија: picture-alliance/dpa

Шефот на Либералите Гидо Вестервеле, е радосен што по 14 години неговата партија повторно влезе во баварскиот парламент:

„Ние никогаш досега сме немале толку добар резултат во Баварија. Тоа покажува дека се‘ поголем број гласачи се убедени дека на Германија и‘ треба повеќе одговорност и дека на перманентниот притисок и оптоварување на средниот слој еднаш мора да му се стави крај.“

Либералите меѓутоа најавија дека ќе водат разговори за коалиција со Христијанско социјалната унија , кон што тендираат и Слободните избирачи.