1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Двоење на дуетот: Заедно немоќни, одвоено неспособни

14 април 2022

Дали Албанија треба да биде одвоена од Македонија? Одговорот е – не. Засега. Во надеж дека нема ниту да има потреба за раздвојување и дека преговорите со ЕУ ќе започнат со двете земји кандидати. Пишува Арсим Зеколи

https://p.dw.com/p/49vA4
Bildkombo Flagge EU Albanien Mazedonien
Фотографија: Imago

Прашањето на раздружувањето на Македонија и Албанија е диктирано од три услови: треба ли, мора ли и може ли да се случи. Судејќи според неформалните анкети во Албанија и спонтаните разговори со Албанците во Македонија, расположението е во прилог на тоа Албанија самостојно да ги започне преговорите. Албанија секако не е безусловно обврзана да инсистира на одделување, подеднакво како што не е обврзана бескрајно да чека на Македонија. Моралниот аспект на таквата одлука е ионака олеснат поради претходните барања на екс-МНР Димитров и Стево Пендаровски за одвојување од Албанија во 2019 година. Можноста за одвојување не е прашање на унилатералната желба на Еди Рама или официјална Тирана, туку е прашање на колективна одлука на  земјите членки на ЕУ.  Некои од нив, како Германија, во 2019 година не беа толку гласни против одвојувањето како што е тоа денес Анке Холштајн. Ставот на Франција секако зависи од финалниот исход на изборите, со подеднакво предимство на „не” од било кој победник. Но извесно е дека самото прашање веќе не е табу во други престолнини, водени од сопствени интереси исто како и големата двојка од Берлин и Париз.

Но која е можната причина за отворениот став на Еди Рама околу можноста за одвојување на Албанија? Притоа, индикативно е што опозицијата во Албанија, која има став за секоја политика на Рама, по ова прашање се нема значајно произнесено. Сепак, изјавите на претседателот Мета по посетата на Софија укажуваат на тоа дека опцијата на одвојување не е толку далечна или неприфатлива за опозицијата. За разлика од прашањето на Отворен Балкан за кој опозицијата, но и дел од Социјалистите, се на диаметрално спротиставени позиции од оние на Рама.

Во тој диспаритетен однос лежи и клучниот парадокс на засилените инсистирања на Рама за раздружување од Македонија. Од една страна да бидете жесток поборник на иницијативата Отворен Балкан со Србија и Македонија, а од друга страна да барате одвојување од единствената земја – Македонија – која со сопственото учество спречува и де јуре да се потврди де факто суштината на иницијативата како автократско чедо на Рама-Вучиќ под диригентска палка на Алекс Сорос. Евидентно е дека наголемо рекламираните „успеси” на Отворен Балкан не резултираат во пораст на популарноста на Рама и неговите амбиции. Па затоа отварањето преговори со ЕУ може да биде факторот кој – дури и доколку не обезбеди пораст – ќе ја спречи натамошната ерозија на подршка за Рама и чувството на заробеност и статичност на Албанија.

-други колумни од авторот: Саша и Алан

Од друга страна, со форсирањето на оваа тема Рама однапред обезбедува аргумент за статичноста преку префрлање на вината врз ЕУ директно и Македонија индиректно. И притоа, одбивањето за почнување преговори го искористи како доказ дека  Отворен Балкан  е логична и изнудена опција карши индолентните, националистички мотивирани политики на Германија,  Франција,  Холандија затскриени зад ЕУ. А во тој однос, признале тие или не, аргументите на Берлин, Париз, Хаг се подеднакво валидни како и оние од Тирана.

Контрадикторниот став на европските центри по прашање на раздружувањето не излегува на површина по прашање на двоењето на  Албанија од Македонија,  туку по аморалното ставање на исто рамниште на Црна Гора и Србија. Колку што е неспорно дека Подгорица има доволно предизвици за совладување во процесот на преговори, уште понеспорна е циничната поставеност на Берлин и Париз во игнорирање на фактот што огромен дел од тие предизвици на Подгорица се наметнати од европските миленици во Белград. Доколку би суделе според правилата на игра наметнати од ЕУ, Србија одамна ќе беше исклучена од процесот на преговори и вратена на стартна позиција во која ЕУ ги држи заковани Скопје, Тирана, Сараево и Приштина. Затоа, изјавите на германските, француските, холандските дипломати околу „принципите на нераздвојување” се чиста спротивност на било каква принципелност и негација на  политиките на самата Унија.  И така ќе биде се додека Брисел и големите земји членки ги користат истите принципи за садистичко мрцварење на едните и миленичко галење на другите. Берлин и Париз не можат да протестираат доколку некоја друга земја, во случајот Албанија, ги користи истите фарисејски аргументи демонстрирани во прилог на Србија. Минус непријателското мешање на Албанија во внатрешните односи во Македонија како што тоа Белград го прави во Црна Гора, Босна и Косово.

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим ЗеколиФотографија: DW/K. Blazevska

Навикнати на лесно справување преку закани и уцени со корумпираните политичари во албанските простори, Европа но и Вашингтон чинам дека не сакаат да ги забележат изнудените консеквенци на сопствените политики. Интересно е што иако непопуларен кај Албанците во Македонија и Косово, ставот на Рама сепак е пречекан со одобрување, особено кај младите Албанци. Држењето на Албанија во зависност од спорот Бугарија – Македонија не би имал пресуден ефект на менување на традиционалниот став на солидарност, доколку Европа и САД би употребувало барем приближно ист аршин и вокабулар на јавно прозивање на македонските и белградските политичари по урнекот кој така сласно, гласно и бесрамно го вперуваат кон политичарите Албанци во Албанија, Косово, Македонија. Особено оние со докажана анти-корупциска агенда и популарност кај младите слоеви на општеството, како Албин Курти и Вјоса Османи на пример.

Поради сопствените историски искуства, Албанците воопшто, а оние во Македонија особено, не се либеа да искажат солидарност со Македонците во врска со идентитетско-историските предизвици. За жал, реакциите на добар дел од македонските претставници (особено оние со про-Путин и про-Вучиќ сентименти) кон барањата на Албанците укажува дека е веќе бесмислено да се очекува сличен реципорцитет. Но доколку на тоа отрезнување на Албанците во Македонија се додаде и молкот на Европа и САД кон отвореното етничко чистење на Албанците во Прешево, молкот за отворениот анти-албански сентимент на про-белградските сили во Црна Гора, садистичкиот третман на Косово преку одбивање на визната либерализација – и на крај, уцената на Албанија – тогаш нештата ја губат регионалната категорија. И стануваат двигател на поголеми и позначајни процеси кои ја обесмислуваат стратегијата на компартментализација, цепкање и дезавуирање на Албанците ширум регионот. За Европа е можеби прерано да се укаже, но за домашните набљудувачи е веќе сосема јасно дека сме сведоци на раѓање на нова, транс-гранична колективна свест на (посебно младите) Албанци кои во овие парцијални политики препознаваат кохезија на анти-албанска стратегија со поддршка од про-руските и про-белградските кругови во Европа и САД.

-други колумни од авторот: Тивкото мнозинство на Ковачевски

Новата генерација на Албанците не се либи да укаже дека Албанија, Косово или Албанците во Македонија сами по себе не ги исполнуваат условите за преговори, камо ли членство во ЕУ. Но таа самокритична оценка паѓа во втор план кога оценките од Брисел за спремноста на Македонија и Србија се во оштра, напати комична спротиставеност со реалноста која ја сведочат во секојдневието. Омилената забелешка на македонските политичари и „јавност” дека „Македонија е понапред од Албанија во спроведување реформи” можеби е убедлива за македонската јавност или Анке Холштајн, Јан Коп или Мери Брнз и нивните агенди за ширење “допинг оптимизам”. На таквата јавност, и таквите дипломати, е бесполезно да им се укажува на апсурдните тврдења на независните комисии дека „ЕУ фрлала пари на реформи на правосудство кое не функционира” или пак ја најдат траги-комичноста во паралелното кудење за „осум посто доверба во судство”. И сето тоа проследена со „непоколеблива поддршка за започнување на заслужените преговори со ЕУ”(!)

Македонија навистина поднесе огромна жртва со менувањето на државното име. Сепак, релативната леснотија на таа промена е што беше на сметка на граѓаните, т.е. Македонците и без реперкусии врз естаблишментот. За разлика од Албанија каде жртвата беше во форма на ветинг на судството, на сметка на естаблишментот и каков-таков бенефит за граѓаните. Успешноста на реформите во Македонија е диктирана од парадното штанцање закони и фалбаџиство пред камери, непредизвикано од непостоечки невладин сектор и целосно партизирани медиуми во служба на анестетизација на општеството. За разлика од Македонците, Албанците во Македонија катадневно и катаноќно можат да прават споредба помеѓу жестоките дебати, известувања низ десетици телевизијски канали од Косово и Тирана и ги споредат со медиумите во Македонија (на било кој јазик) небаре излезени од најсивото доба на комунизмот. Да, Пендаровски е во право за „хаосот во Албанија”. Кој е сепак пореален и поцелисходен од мирот на „вегетативна кома во Северна Македонија”.

-други колумни од авторот: Кличко го нокаутира Хантингтон

Финалниот заклучок за прашањето дали Албанија треба да биде одвоена од Македонија. Одговорот е – не. Засега. Во надеж дека нема ниту да има потреба за раздвојување и дека преговорите ќе започнат со двете земји кандидати. Доколку не, ЕУ, и особено Берлин и Париз треба да размислат околу мотивите на Рама, подеднакво како и за сопствената одговорност да преку инсистирање на нераздружување станат ѓаволови адвокати на оној дел од скопскиот естаблишмент кој не сака промена. Доколку не добиеме зелено светло, ЕУ, Берлин и Париз не треба да чекаат на Рама, туку на први јули треба сами да побараат раздружување со цел спасување на самата смисла на реформи и логика на напредок кон ЕУ преку исполнување на стандарди и испорачување видливи, конкретни, опипливи резултати. За граѓаните. А не за Анке, Јан и Мери. И за зачувување на она малку преостаната кохезија во земјата и регионот.

 

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач